По два случаи на семејно насилство во Скопје за втори и трети мај, од кои едното заврши со убиство на жена, но и по секојдневни статистики за претепувани жени во домашно насилство, Собранието денеска на дневен ред на 34-та седница ги стави измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, но само за да го смени називот на министерството.
Според предложените измени, секаде каде што стои старото име Министерство за труд и социјална политика, ќе се брише и ќе се замени со Министерството за социјална политика, демографија и млади. Место да се предложат итни законски измени за да се заштитат жените и децата од семејно насилство, на законот му се прават само технички интервенции.
Откако новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ го зголеми бројот на министерствата и ги смени нивните називи, стотици закони во безброј собраниски седници се менуваат само во називите. Ништо суштински нема, одамна нема реформски, нов или каков било друг закон или измени на закони во корист на граѓаните.
Во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 24/21), во член 15 во ставот (2) зборовите „Министерството за труд и социјална политика“ се заменуваат со зборовите „Министерството за социјална политика, демографија и млади”.
Во ставот (8) зборовите „министерот за труд и социјална политика“ се заменуваат со зборовите „министерот за социјална политика, демографија и млади“.
Во ставот (9) зборовите „Министерството за труд и социјална политика“, се заменуваат со зборовите „Министерството за социјална политика, демографија и млади”… итн.
Вакви технички измени се прават во уште 12 членови и на тема семејно насилство и насилство врз жени, ова е единствената работа, како на предлагачот на измените министерот Фатмир Лимани, така и на пратениците.
Таква работа пратениците денеска ќе имаат и за Законот за патни исправи и за други закони предложени за гласање. Ништо суштинсково нив, само промена на називи.
На 2 мај, Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Предизвикување општа опасност според член 288 став 1 од Кривичниот законик. На втори мај во утринските часови, во викенд-куќа во селото Катланово и во стан во зграда во Скопје, кои се во сопственост на сопругата со која биле разделени и со која водел бракоразводна постапка, насилник со пожар предизвикал значителна опасност за животот на луѓето.
Ден претходно тој телефонски им се заканувал на оштетената и на нивниот син. На втори мај со бензин предизвикал пожар најпрво пред влезната врата на викенд-куќата. Пожарот се проширил и во внатрешноста на викендицата, а потоа осомничениот се упатил кон Скопје и на сличен начин предизвикал пожар пред влезната врата на станот. Откако ги сторил делата, ја известил жената дека ги опожарил двата објекта. Таа јавила на соседи во зградата кои почнале веднаш да го гасат и спречиле пожарот да се прошири кон другите станови од зградата.
„Ценејќи дека околностите под кои е извршено кривичното дело кое му се става на товар на осомничениот се одликуваат со изразита пресметаност и висок степен на кривична одговорност, како и дека постои реална опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, која беше одобрена“, вели ОЈО Скопје.
Утредента се случи убиство на жена во Скопје. На трети мај околу 15 часот во скопската населба Шуто Орузари убиството го изврши Н. А. (38) од Скопје. При семејна расправија тој со нож ја убил својата невенчана сопруга Р. А. (36) од Скопје. Откако ја убил Р. А. убиецот избегал, но по преземени мерки и активности тој е уапсен при обид да ја помине државната граница на Граничниот премин (ГП) Табановце.
На местото на настанот беше извршен увид во присуство на Јавен обвинител и обдуценти од Институтот за судска медицина и криминалистика, по што телото на починатата било пренесено на ИСМК за обдукција. Дополнително, утврден е идентитетот на Д. С. (32), кој му помогнал на сторителот и го превезол до ГП Табановце, а му помогнал и да ја фрли облеката што убиецот ја носел во време на бодењето на жената. И Д.С. е лишен од слобода.
С. К. ДЕЛЕВСКА