УЧЕБНАТА ГОДИНА ЌЕ ПОЧНЕ НА 1 ОКТОМВРИ, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА

    УЧЕБНАТА ГОДИНА ЌЕ ПОЧНЕ НА 1 ОКТОМВРИ, ОДЛУЧИ ВЛАДАТА„Ако епидемиолошката состојба остане стабилна, ќе дозволиме со постепено враќање со физичко присуство и на други одделенија. Целта е децата да имаат комбинирана настава, но сето тоа постепено да се воведува“, кажа Филипче. (Фото: K. Попов )

    Учебната година ќе почне на 1 октомври, одлучи Владата на денешната седница. Владата го задолжи Министерството за образование и наука да го промени календарот за учебната 2020/2021 година со што наставниот процес наместо на 1 септември да започне на 1 октомври.

    „Владата на денешната 82-ра седница го усвои Протоколот за постапување на основните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година и Протоколот за постапување на средните училишта во Република Северна Македонија за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година.

    Владата денеска донесе одлука за формирање на работна група во којашто ќе учествуваат претставници од Министерството за здравство, Министерството за образование и наука и од Канцеларијата на претседателот на Владата. Оваа работна група ќе ја следи состојбата и ќе дава мислење за подготвеноста на основните и средните училишта за спроведување на наставата во услови на КОВИД-19 по поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство, како исклучок од задолжителната онлајн настава за учениците од четврто одделение во основното образование и за учениците до четврта година во средното“, соопшти Владата.

    Вицепремиерката за економски прашања и идна министерка за образование Мила Царовска на својот фејсбук профил објави дека денеска имале две одделни средби со родители на ученици кои се за и против онлајн настава.

    Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека препорака на здравствените власти е да има физички присутни деца од првите три одделенија.

    „Ако епидемиолошката состојба остане стабилна, ќе дозволиме постепено враќање со физичко присуство и на други одделенија. Целта е децата да имаат комбинирана настава, но сето тоа постепено да се воведува“, кажа Филипче.

    Сојузот на средношколци завчера соопшти дека го премести најавениот протест против одлуката на Министерството за образование за целосна онлајн настава од 28 август на 31 август, поради празникот Голема Богородица. Тие се залагаат за комбиниран модел на настава, онаму каде што дозволуваат условите.

    На денешната седница, Владата донесе одлука и за задолжителен ПЦР тест не постар од 72 часа за државјаните на Косово кои транзитираат низ земјата. Исто така, останува забраната за организирање свечености со музика (свадби, матурски, крштевки и слично) во угостителските ибјекти, заради спречување на ширење на коронавирусот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира