Бакарни жици, бакарни шини и прачки се украдени од електровлечната подстаница Драчево, лоцирана помеѓу железничките станици Лисиче и Драчево во Скопје и според првичната проценка, директната материјална штета изнесува околу 5 милиони евра, соопшти Министерството за транспорт и врски.

При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени. (Фото: МТ)
Оттаму велат дека е предизвикано целосно уништување на значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, односно, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност.
„При кражбата биле насилно превртени два големи електроенергетски трансформатори, секој со тежина од над 30 тони. Од трансформаторите било испуштено и истурено трансформаторското масло, додека бакарните намотки и другите вредни компоненти биле целосно отстранети и украдени. Овој настан не претставува само кражба на бакар и опрема, туку тежок напад врз критичната железничка инфраструктура и врз имотот на државата и граѓаните. Оштетувањето на објекти од ваков вид може да предизвика сериозни последици за безбедноста, стабилноста и редовното функционирање на железничкиот сообраќај“, вели Министерството.

Целосно е уништен значаен дел од електроенергетската опрема на железничката инфраструктура, објектот е доведен во состојба на целосна нефункционалност. (Фото: МТ)
Министерството за транспорт апелира до надлежните институции случајот да биде темелно и итно истражен, сторителите и сите лица вклучени во кражбата, транспортот и понатамошното отуѓување на украдените материјали да бидат идентификувани и да понесат соодветна одговорност.
Б. НЕСТОРОСКА



