Министерството за животна средина и просторно планирање сѐ уште не знае што горело во моментот на пожарот, кој на 13 септември избувна пожар во рециклаторниот центар на „Ф-групација“ во Трубарево.
„Станува збор за отпад на електрична и електронска опрема и отпадни батерии и акумулатори, литиум-јонски батерии од апарати и возила, како и секаков електронски отпад. Согласно дозволата, субјектот има право да складира и да третира до 20 тона дневно неопасен отпад и 500 килограми опасен отпад во текот на 24 часа. Во моментот на пожарот немаме точна информација која количина на отпад е, каков отпад е, претпоставуваме од електрична и од електронска природа, но количината на отпад во моментот не ја знаеме“, рече Игор Никоски, директор на Управата за животна средина на денешниот брифинг.
Според Ивана Гиновска, директорка на Инспекторатот за животна средина, собрана е целата документација и направен е увид.
„Има устроена евиденција, дневна, недела ,месечна , годишна и точно ќе видиме дали имало складирање во 2023, па останало за во 2024 да се изенесат, па дали имало извоз во 2025 . Сите работи ќе бидат прецизирани затоа што за среќа административните простории на ‘Ф- Групација’ не биле кај погонот и не е изгорена документацијата“, рече Гиновска
За седум дена научниците истражувачи од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ Штип треба да ги имаат првичните резултати од мерните станици за квалитетот на воздух, кои вчера ги поставија во скопско Трубарево.
Пожарот во скопско Трубарево е целосно изгаснат, цела опожарена површина е затрупана со песок и земја, а состојбата во депонијата „Дрисла“ е значително подобрена, изјави денеска Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Иако вчера министерот за животна средина и прв вицепремиер Изет Меџити кажа дека дента ќе има резултати за квалитетот на воздухот и „за сè ќе биде известено детално и транспарентно“, но ни до денеска тие не се објавени.
Ректорот на УГД и раководител на лабараторијата АМБИКОН, проф.д-р Дејан Мираковски вели дека поставени се два уреди, коишто континуирано, 24 часа, наредните пет денови ќе земаат проби од честичките кои подоцна ќе бидат анализирани.
Едната мерна станица се наоѓа на педесеттина метри, а втората е на стотина метра од складиштето за рециклирање на електронски отпад и пластика, на компанијата „Ф-фрупација“ во Трубарево, кое изгоре во саботата.
Мираковски вели дека ќе се анализираат 32 елементи, како и никел, кадмиум, арсен, олово и жива.
„Анализите вклучуваат целосен хемиски состав-елементарен состав на честичките, како и дополнително се анализираат водорастворливите јононитрати, сулфати, амониуми, хлор, калиуми елементарен јаглерод. Тоа е стандарден сет на анализи коишто ќе ни овозможи заедно со металите, вклучително и регулираните метали да направиме проценка на квалитетот на воздух во наредните неколку дена“, рече Мираковски.
Тој посочува дека во моментов не може да се определи зоната на дисперзија на честичките што се ослободени во воздухот. Тоа зависи од количината и видот на материјалот што изгорел, но и од атмосферските услови. Првична проценка тешко може да се направи, бидејќи како што вели Мираковски сѐ уште нема точни информации што точно имало во складот. Вели дека со согорувањето на литиумските батерии и пластика се формираат и гасови и честички и дел од нив се трајни органски загадувачи.
„Не се работи за фабрика, туку за склад и нема точни информации колкави количини имало од материјали внатре. Кога ќе се добијат сите информации може со реверзибилно моделирање да се процени зоната, а може и со директно земање примероци од околината, по некаков распоред и да се утврди колкава е таа зона која преставува ризик. Тоа зависи од многу фактори и било каква дискусија, односно раширувањето во поголем простор ја намалува концентрацијата и не би требало да се очекува некаков хемиски ризик во екстремно голема зона, изјави Мираковски. Тој додаде дека освен на воздхот, предвидено е да се прават анализи и на водата и почвата во регионот. По утврдувањето на овие параметри ќе биде познато дали ќе треба да се врши чистење и санација на евентуално контаминиранат зона“.
Во текот на изминатата ноќ заклучно со попладнево во реонот на Трубарево извршени се 13 интервенции од Итната медицинска помош, при што едно лице е транспортирано во болница и извршен е транспорт на неподвижно лице до друго населено место, соопшти Министерството за здравство и додаде дека ја ја следи состојбата и здравствениот систем е мобилизиран за справување со новонастанатите предизвици. Од извршените интервенции на Итната медицинска помош, само едно лице е транспортирано во јавна здравствена установа, на Клиниката за токсикологија. Воедно, кризниот штаб кој веднаш како Министерство го формиравме, континуирано заседава и во следниот период ќе се преземаат соодветни мерки согласно околностите. Директорот на Клиника за токсикологија, д-р Арѓенд Имери рече дека пациентката која во текот на ноќта е примена на Клиниката за токсикологија е во добра состојба.
Б. НЕСТОРОСКА