ОД МАТКА ДО ХОЛИДЕЈ ИН СЕ СЛУЧУВААТ СКАНДАЛИ, АКАДЕМИК КАМБОВСКИ ЈА ПОВИКА ВЛАДАТА ДА СЕ СПРАВИ СО ГРАДЕЖНАТА МАФИЈА

    ОД МАТКА ДО ХОЛИДЕЈ ИН СЕ СЛУЧУВААТ СКАНДАЛИ, АКАДЕМИК КАМБОВСКИ ЈА ПОВИКА ВЛАДАТА ДА СЕ СПРАВИ СО ГРАДЕЖНАТА МАФИЈАОценка на академик Владо Камбовски е дека Уставниот суд и понатаму продолжува да потфрла под барањето да претставува најзначајна институција во заштитата на човековите слободи и права и на владеењето на правото. (Фото: СДК.МК)

    Академик Владо Камбовски реагира на одлуката на Уставниот суд времено да го укине мораториумот за градба во Општина Центар, велејќи дека се ставил во заштита на бизнисот, наместо на човековите права и слободи.

    Камбовски ја повика Владата прва да реагира на оваа појава, бидејќи таа е повикана да поведе остри мерки против корупцијата и организираниот криминал.

    „Во досегашната практика градежната мафија беше една од најрепрезентативните примери на организиран криминал и корупција, со донесување на урбанистички планови, со коруптивни акти и зделки, незаконитости при изведбата на градбите, итн“, вели академикот и професор по кривично право.

    Второ, вели Камбовски, посебно за градовите како што е Скопје, за кои и МАНУ расправаше на конференцијата за загадувањето пред неколку месеци, тежок проблем е пренаселеноста. Скопската котлина има капацитет за 350-400.000 жители.

    „Сè друго е погубно, не само за квалитетот на животот, туку и за здравјето и животот на граѓаните, кои се повредни од кој било профит и економска активност“, кажа тој за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Тој предлага Владата да предложи во донесувањето на законите за урбанистичко планирање и градба, контролиран мораториум, а не ан-блок мораториум.

    „Контролиран мораториум значи со тие измени Град Скопје и општините под итно да почнат со преиспитување на урбанистичките планови и само таму кај што нема загрозување на животната средина и другите услови, да ги дозволат“, појаснува Камбовски и повторува дека Владата не смее да остане без реакција во никој случај.

    „Од Матка до ’Холидеј Ин‘ се случуваат скандалозни работи“, вели Камбовски.

    Од Град Скопје и Општина Центар тој очекува да поднесат иницијатива пред Уставниот суд за оценка на уставноста на веќе донесените урбанистички планови, со предлог за итна мерка: Уставниот суд да прогласи суспендирање спорни планови додека не се преиспита законската регулатива и начелата на кои се донесуваат тие урбанистички планови.

    Трето, вели Камбовски, во однос на Уставниот суд, оценка е дека таа институција и понатаму продолжува да потфрла под барањето да претставува најзначајна институција во заштитата на човековите слободи и права и на владеењето на правото, но не правото или законите како што ги сфаќаат некои уставни судии: секој закон е закон.

    „Тоа се закони кои се во служба на заштитата на човековите права и на јавниот интерес. А нема повисок јавен интерес од интересот за заштита на човековите слободи и права“, завршува Камбовски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира