ВАКВА БОЛНИЦА НЕМА СЕВЕРНО ДО ВИЕНА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ЗА РЕНОВИРАНИТЕ САЛИ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ КОИ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ ЗА 2 МЕСЕЦА

    ВАКВА БОЛНИЦА НЕМА СЕВЕРНО ДО ВИЕНА, РЕЧЕ МИЦКОСКИ ЗА РЕНОВИРАНИТЕ САЛИ ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ КОИ ЌЕ СЕ ОТВОРАТ ЗА 2 МЕСЕЦАЦелосно се реконструирани оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, клиничката лабораторија и кровната конструкција на Болницата, но во функција ќе бидат ставени за месец два. - Мицкоски и вицепрмиерот Александар Николовски денеска во „8 Септември“. (Фото: К. Попов)

    Премиерот Христијан Мицкоски вели дека германските инспектори кои дошле на увид во реновираниот оперативен блок во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ рекле дека ваков тип на објект нема ни во Германија, како и дека ова е значаен проект за македонското здравство, а и за регионот, „бидејќи вакви услови северно би рекол до Виена немаме“.

    Државниот врв денеска го промовираше реновираното оперативно крило, кое е обновено со ТАВ програмата за инфраструктурни проекти. Целосно се реконструирани оперативниот блок, интензивната нега, патологијата, клиничката лабораторија и кровната конструкција на Болницата, но во функција ќе бидат ставени за месец два.

    Мицкоски кажа дека во периодот кој што следи, има одредени формални процедури коишто ќе треба да се запазат, а тоа е целосно дезинфицирање на објектот, вклучително и обука на вработените со новата опрема којашто веќе е инсталирана и за отприлика уште месец до два ќе имаме тука одредени активности.

    „Она кое што сакам исто така да го кажам, а коешто можеби е значајно да се каже, е дека пред да се случи оваа реконструкција на овој објект, во овие операциони сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, прокиснуваше, односно кровот течеше. Тоа што вие сега не можете да го видите, а коешто исто така опфаќа дел од оваа реконструкција, е целосното реконструирање на кровната конструкција, каде што се сместени клима-коморите коишто обезбедуваат третиран воздух, кондициониран со сите параметри — физички, влажност, чистота, притисок итн. Но, исто така, и оној дел каде што се практично сместени и чилерите и другата електромеханичка опрема, којашто е во подножјето на објектот.  Ова се дела кои ќе останат и после мене и после оваа Влада, и ова се убави моменти за кои треба да зборуваме, за додадена вредност за подобар квалитет на живот на нашите граѓани и европски вредности. Би сакал да споделам со вас уште една работа: господата кои дојдоа од Германија и извршија инспекција на електромеханичката опрема, рекоа дека ваков тип на објект нема ни во Германија“, кажа Мицкоски.

    Реновирањето е инвестиција на ТАВ Аеродроми, а директорот на ТАВ Македонија Неџат Курт рече дека вкупната површина на реконструкцијата опфаќа 4.334 квадратни метри. Сега има седум специјализирани операциони сали коишто опфаќаат површина од 634 метри квадратни, потоа оддел за интензивна нега со површина од 460 метри квадратни, административни канцеларии со површина од 620 метри квадратни, реконструирана кровна конструкција која опфаќа површина од 1.820 метри квадратни, потоа одделот за патологија и клиничките лаборатории кои опфаќаат површина од 800 метри квадратни, како и придружните простории на одделението.

    „Важно е да нагласиме и дека сите овие операциони сали и простории за интензивна нега се опремени со најсовремената опрема кои се секако во согласност со најновите медицински стандарди и препораки. И сè што видовте од опрема додека бевме во обиколката е уникатно и го нема во други институции во околината, а сè тоа за доброто на секој еден пациент во оваа болница“, рече Курт.

    Говорејќи за опремата, д-р Стојаноски рече дека прва фаза е обезбедување на стерилни услови и комплетно запазување на условите за сепса и антисепса.

    „Опремата е таква за којашто ќе има потреба нашите вработени коишто се дел од оперативниот блок да поминат адекватна обука, затоа што тоа е опрема којашто потоа треба да остане во наредните минимум 20 години да биде функционална и да служи во болницата. ​Следува фазата кога сите надлежни инспекторати ќе треба да го поминат просторот за којшто претходно зборував, потоа да издадат употребна дозвола, за да ние имаме право како корисници на проектот, бидејќи ова е сопственост и на ресорното Министерство и на Владата, всушност на граѓаните на Република Македонија, да направиме технички прием.
    ​Со каква динамика ќе одат сите овие процеси, јас ќе се обврзам тековно да ве информирам. Првите интервенции коишто ќе ги направиме ќе бидат исто така презентирани во јавноста и од тој момент овој дел од оперативниот блок ќе биде ставен комплетно во функција“, кажа директорот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира