ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА ГРКОВСКА БАРА АПЕЛАЦИЈА ДА ГИ ОБЈАВИ ПРИЧИНИТЕ ЗОШТО ПЕТТЕ СУДИИ ЈА УКИНАЛЕ ПРЕСУДАТА ПРОТИВ МИЈАЛКОВ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ, А ЗАКОНОТ Е СМЕНЕТ ЗА ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОБЈАВАТ

    ВИЦЕПРЕМИЕРКАТА ГРКОВСКА БАРА АПЕЛАЦИЈА ДА ГИ ОБЈАВИ ПРИЧИНИТЕ ЗОШТО ПЕТТЕ СУДИИ ЈА УКИНАЛЕ ПРЕСУДАТА ПРОТИВ МИЈАЛКОВ ЗА МАСОВНОТО ПРИСЛУШУВАЊЕ, А ЗАКОНОТ Е СМЕНЕТ ЗА ДА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОБЈАВАТПред околу две години, во Собранието тивко е протната и изгласана измена на Законот за движење и управување со предметите, според која не смее да се објавува неправосилна пресуда. (Фото: СДК.МК)

    Вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска, по веста дека Кривичниот совет составен од судиите Јани Нича – претседател, Енвер Беџети – судија известител, кој со месеци го чуваше предметот „Тврдина-Таргет“ кој ќе застари за 2 години, потоа Ѓоко Ристов, Тања Милева и Лидија Чачева, ја укина пресудата за Сашо Мијалков и ја врати на повторно судење, побара Апелациониот суд Скопје јавно да ги објави причините. Но, пред околу две години, далеку од очите на јавноста, во Собранието е протната и изгласана измена на Законот за движење и управување со предметите, според која не смее да се објавува неправосилна пресуда.

    Во случајов, денешната одлука за укинување на пресудата за масовното прислушување во која ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков беше осуден на 12 години затвор во предметот „Тврдина-Таргет“ што се однесуваше на незаконското следење на над 4.000 телефонски броеви без судски наредби, со кое биле опфатени околу 20.000 граѓани, не може да се објави. Така вели нетранспарентно донесениот Закон. Ако апелационите судии донесеа конечна одлука во однос на затворските казни, т. е. ја потврдеа првостепената пресуда, тогаш ќе се сметаше правосилна и ќе се објавеше.

    „Со голема доза на загриженост ја примив информацијата дека Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот ‘Таргет-Тврдина’, во кој, преку злоупотреба на службена положба,  масовно беа прислушувани илјадници наши граѓани.  Уште позагрижувачки се информациите дека, поради неажурното одлучување на судиите, можно е застарување на делото кое значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права.  Апелациониот суд има обврска пред граѓаните, транспарентно и детално да ја образложи оваа одлука, за која има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот“, залудно бара Грковска на Фејсбук.

    Таа во објавата пишува дека дека „независноста на правосудниот систем не значи немање никаква одговорност“.

    И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, коментирајќи ја одлуката на Апелација, денеска рече дека „упатува на губење доверба во системот кај граѓаните“.

    „Генерално, викаме дека не треба да ги коментираме судските одлуки, да, јас држам до тоа како човек од таа фела, меѓутоа тоа е крајно понижувачки, и тоа е нешто што упатува на губење доверба во системот кај граѓаните. Значи, ќе се одработи од страна на институциите, полицијата, Јавното обвинителство, ќе се соберат доказите, ќе се приложат на суд, ќе се водат постапките и на крајот се доведуваме во една ваква позиција. Тоа не е добро и тоа е одлика за она што се случува со перцепцијата на граѓаните во делот на борбата против криминалот и корупцијата“ изјави министерот Спасовски, при посета СВР Тетово.

    Над три години траеше судењето во Основниот кривичен суд Скопје за незаконското масовно прислушување на илјадници граѓани. Сега откако се врати, дури почне и тргне, делото на Сашо Мијалков ќе му застари за две години. Тој е обвинет со обвинителен предлог, не е со обвинителен акт.

    Во „Тврдина-Таргет“, базичниот предмет на поранешното Специјално обвинитество (СЈО), паднаа денеска и пресудите на избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои добија по 15 години затвор, како и за Гордана Јанкулоска, зашто потпишала да се уништи опремата на МВР со која од 2008 година се прислушувале граѓаните, без судски наредби.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира