Три арбитражни постапки се завршени во полза на државата, од кои штета за буџетот ако се изгубеа ќе беше 565 милиони евра. Ова денеска го кажа портпаролката на Владата Марија Митева, велејќи дека со доаѓањето на власт во јуни 2024, Владата наследила 8 активни меѓународни арбитражни постапки. Од нив, 3 постапки се инвестициски спорови и 5 трговски спорови, како и најава со опомени пред тужби за најмалку уште 4 постапки.
Добиени се арбитражната постапка за рудникот Казандол против Македонија со вредност од околу 115 милиони евра, арбитражна постапка позната како САСА против Македонија, со вредност од 445 милиони евра и арбитражна постапка ГАМА против Македонија, со вредност од над 5 милиони евра.
„Во сите активни арбитражни постапки потенцијалната штета по буџетот на државата беше во износи од 865 милиони евра, плус трошоци во постапките. Оваа Влада има успешно завршено вкупно 3 арбитражни постапки во полза на Македонија и е направена заштеда на буџетот во износ од околу 565 милиони евра, и дополнително за овие 14 месеци нема нови отворени постапки“, рече Митева.
На брифинг со новинарите на 10 јули 2023, тогашниот вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, соопшти дека вкупната вредност на арбитражните постапки кои што во тоа време се водеа против Македонија е 1,36 милијарди евра, при што станува збор само за основицата, без затезни камати, кои по правило се предмет на споровите пред арбитражните судови и со кои овој износ се искачува на над 1,5 милијарди евра. Битиќи тогаш посочи дека Владата прави сѐ да го заштити интересот на државата и да не се плати ниту евро или денар повеќе од што е потребно по основа на арбитражните спорови.
Сите спорови се поднесени пред меѓународен арбитражен суд во периодот 2017-2022 година и главно се однесуваат на проекти одобрени од Владата на ВРМО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски.
Тука влегуваат споровите на „Кунико ресорсис“ од Холандија за „Фени индустрис“, потоа две постапки од индиски „Бинани“ во врска со рудникот „Злетово“, на „Ел.Пет Балканики“ за „Окта“, постапката на Блажо Тасев против државата во врска со рудникот „Саса“, потоа на повеќе украински инвеститори во врска со рудникот „Казандол“, како и на турски „Гама Гуч“ за „Те-То“ и тогаш најновот, на италијанската компанија „Инсо системи“ во врска со изградбата на Клиничкиот центар во рамки на комплексот „Мајка Тереза“ во Скопје.
На прес-коференција на 25 август 2023, Битиќи кажа дека уште нови арбитражни постапки против Македонија би можеле да ја чинат државата нови десетици, па и стотици милиони евра, и се однесуваат на таканаречените „Шпански скали“ во најстрогиот центар во Скопје, и за партнерството во скопската депонија „Дрисла“, проекти на владата на Груевски.
На крајот на јуни 2023, Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизорски извештај за работењето на Владата во 2021 година посочи дека ако Македонија ги изгуби покренатите арбитражните постапки по склучените и ратификувани меѓународни договори ќе треба да плати повеќе од една милијарда евра оштети (945 милиони евра и 420 милиони долари), што ќе има импликации врз Буџетот на државата во наредни години. Ревизијата укажа на потребата за утврдување на причините поради кои се покренати арбитражни постапки, со цел утврдување на одговорност.
„Во период од 2018 до 2022 година во тек се пет арбитражни постапки против Република Северна Македонија, за кои исплатени се средства за адвокатски услуги во вкупен износ од 959.917 илјади денари односно 15,6 милиони евра“, стои во извештајот на ДЗР.