ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЛЕВИЦА И ЗНАМ ОСВОИЈА РЕЧИСИ 200.000 ГЛАСОВИ ПОМАЛКУ ОД ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ЛАНИ

    ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ЛЕВИЦА И ЗНАМ ОСВОИЈА РЕЧИСИ 200.000 ГЛАСОВИ ПОМАЛКУ ОД ПАРЛАМЕНТАРНИТЕ ИЗБОРИ ЛАНИГрафикон со споредба на резултатите на четирите партии од парламентарните и локалните избори. (Фото: СДК.МК)

    Партиите ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица и ЗНАМ, имаат значителен пад на гласовите за нецела година и пол, покажува споредбата на резултатите од парламентарните избори во 2024 и локалните во 2025 година. Анализата на бројот на освоени гласови за советничките листи во општините покажа дека четирите партии заедно изгубиле речиси 200.000 гласови по преброени 99,91 отсто од гласовите.

    Најголем пад во апсолутни бројки има владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Партијата, која на парламентарните избори освои 436.036 гласови, на локалните избори доби доверба од 301.799 гласачи, што е загуба од 134.237 гласа.

    Опозициската СДСМ исто така се соочува со намалување на поддршката. Од 154.687 гласови добиени во 2024 година, партијата на локалните избори падна на 124.300 гласови, или 30.387 гласови помалку.

    Движењето ЗНАМ, кое на политичката сцена се појави пред парламентарните избори, забележа пад од 18.243 гласа. Нивниот резултат се намали од 56.277 на 38.034 гласови.

    Партијата Левица, пак, изгуби 12.376 гласа, освојувајќи 56.287 гласови на локалните избори, во споредба со 68.663 на парламентарните.

    Овие податоци доаѓаат во контекст на намалена излезност на гласачите. На парламентарните избори во 2024 година гласале 995.793 граѓани, додека на локалните избори една година подоцна, своето право на глас го искористиле 884.038 лица.

    Вториот круг од локалните избори за градоначалници ќе се одржи на 2 ноември.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира