ВО БИТОЛА НЕМА НАСТАВА ОТИ НЕМА ПАРНО, СТУДЕНТИ ОД ШТИП ОДАТ НА ПРАКСА ВО СКОПЈЕ, ИМА ОГРОМНИ РАЗЛИКИ ВО ФИНАНСИРАЊЕТО НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ, РЕЧЕ СТУДЕНТОТ НИКОЛОВСКИ ВО ВЛАДАТА

    ВО БИТОЛА НЕМА НАСТАВА ОТИ НЕМА ПАРНО, СТУДЕНТИ ОД ШТИП ОДАТ НА ПРАКСА ВО СКОПЈЕ, ИМА ОГРОМНИ РАЗЛИКИ ВО ФИНАНСИРАЊЕТО НА УНИВЕРЗИТЕТИТЕ, РЕЧЕ СТУДЕНТОТ НИКОЛОВСКИ ВО ВЛАДАТА„Во однос на функционалноста на Координативното тело за реформи во високото образование, претседателот на Владата напомена дека ќе се направи сè за да се задржат младите. Јас тоа го почитувам, но на овој состанок само јас сум претставник на младите, имам 25 години. Другите претставници од младинските организации не се тука бидејќи состанокот беше закажан вчера во 14 часот  ниту 24 часа порано“, рече Николовски. (Фото: Принтскрин од видео)

    ​На Педагошкиот факултет во Битола нема настава во зима бидејќи нема парно. ​Студентите од Медицинскиот факултет во Штип одат на пракса во Скопје, бидејќи Клиничката болница во Штип не е изградена. ​На факултети на скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) протекуваат кровови и е ладно. Од седум  студентски домови, само два се реновираат. Состојбата во домот во Охрид е ужасна, тоа не се услови во кои студент треба да живее, рече студентот Александар Николовски на денешната прес-конференција во свечената сала на Владата.

    Темата на прес-конференцијата беше Предлог-законот за високо образование, а говори држеа премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, како и шестмината ректори на универзитетите во земјава.  По завршувањето на официјалниот дел, само Николовски се пријави за коментар, претставувајќи се дека е дел од Координативното тело за реформи во високото образование и досегашен претседавач на Националното студентско тело и претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

    Николовски наведе неколку примери за диспропорција во инвестициите, како на пример за ​Универзитетот „Мајка Тереза“, Владата вложува 42 милиони евра за универзитет со околу 2.000 студенти.

    „Инвестицијата за зградите на  ​Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичка култура од 2015 изнесува околу 20 милиони евра за 6.000 студенти. ​За УКИМ (2025), капиталните инвестиции изнесуваат само 245.000 евра за 23.000 студенти. ​Државен универзитет во Тетово  добива 100.000 евра инвестиции за 7.000 студенти. Поентата ми е дека треба да се внимава со финансирањето“, рече тој.

    Николовски кажа дека студентите, кои се околу 55 илјади на број, во изминативе 2,5 години навистина биле вклучени во давањето на предлози во работните групи и процесот бил навистина инклузивен.

    „​Како клучно барање, Националното студентско тело, коешто треба да биде претставник на сите студенти во државата, не е никаде вклучено во самиот Закон за високо образование. Тоа беше клучно барање на сите универзитетски студентски собранија, тоа се 11 кои се функционални). Имавме неколку состаноци со министерката, ги знаеме предизвиците; беше кажано дека во одредени членови само ќе се напомене Националното студентско тело како тело кое ги претставува студентите на ниво на држава“, кажа тој.

    Во делот на мандатите на претставниците во универзитетските студентски собранија, Николовски рече дека немаат никаде побарано тие да траат четири години (две години со можност за реизбор). Нивното барање е  тие да траат две години.

    „Сметаме дека доколку мандатите траат четири години, процесот не е демократски. Некој да биде четири години претставник на ниво на универзитет или факултет не им дава можност на другите генерации да се вклучат во работата. ​Исто така, бараме намалување на бројот на членови во Универзитетскиот совет. ​Во однос на функционалноста на Координативното тело за реформи во високото образование, претседателот на Владата напомена дека ќе се направи сè за да се задржат младите. Јас тоа го почитувам, но на овој состанок само јас сум претставник на младите, имам 25 години. Другите претставници од младинските организации не се тука бидејќи состанокот беше закажан вчера во 14 часот  ниту 24 часа порано. Доколку сакаме инклузивни процеси, мораме да бидеме известени навреме. Сметаме дека имаме што да кажеме и сакаме да помогнеме“, кажа Николовски.

    Ниту еден од присутните политичари и ректори не му одговори на коментарот на Николовски.

    Јаневска кажа дека Министерството ќе го предложи законот до Владата.

    „Потоа ќе оди на владина седница каде што законот ќе го дискутираат членовите на Владата и ќе биде ставен претходно, нели, на увид на членовите на Владата. Ако членовите на Владата се согласат дека законот треба да оди во Собрание, по службена должност ќе се прати во Собрание. Со оглед на тоа дека веќе Министерството, односно Владата и академската заедница имаат консензус за квалитетот и добробитот на овој закон, очекувам сето ова да се заврши во многу краток период“, рече министерката.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира