Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски на денешната седница за избор на нови министри побара од премиерот Зоран Заев да поднесе оставка по објавувањето на снимки за случајот „Рекет“, правејќи споредба со објавувањето прислушувани разговори пред четири години од тогашната опозиција. Заев му одговори дека има голема разлика меѓу тоа време и сега и нема потреба да се прават споредби.
„Во тоа време, кога се случувал ваков облик на криминал, се случувало тогашната власт да ја сочува телевизијата зашто е владина. Тој што земаше пари си ги чуваше, а тој што ги даваше парите имаше да молчи. Сега премиерот го пријави случајот и Јавното обвинителство си работи без пречки да го расчисти случајот“, рече Заев од собраниската говорница.
Претходно на седницата, Заев ги претстави кандидатите за нови министри, Нина Ангеловска за министерка за финансии и Хисен Џемали за министер без ресор, задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.