Веќе една недела имало поднесена иницијатива за одговорност на апелациониот судија Енвер Беџети, за кого Судскиот совет констатираше дека 9 месеци го држел предметот „Тврдина-Таргет“ во фиока за да застари. Но, иницијативата е блокирана за да дојде до седница.
Иницијативата за одговорност на судијата ја поднела членката на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска, надлежна за контрола на работењето на Апелациониот суд Скопје.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, пред неколку дена на колегиум во Судскиот совет иницијативата била блокирана од членови, предводени од потпретседателот Селим Адеми и Миљазим Мустафа, кои барале место иницијативата да оди веднаш на седница и веднаш да се формира тричлена комисија, како за останатите судии за кои досега се барало одговорност, таа времено да се стопира.
Дознаваме дека образложението било – иницијативата да се прошири и на останатите четворица членови на кривичниот совет од Апелациониот суд кои го работеле предметот за незаконското масовно прислушување против главниот обвинет Сашо Мијалков. Мнозинството во Советот се согласило да се направат сите проверки, само иницијативата за Беџети да не се кочи.
По девет месеци чување на предметот „Тврдина-Таргет“ од страна на судијата-известител Енвер Беџети, под притисок на јавноста кон Апелациониот суд Скопје, мораше да се одлучи по него. Беше донесена пресуда да се врати на повторно судење овој веќе добро подзастарен најбитен предмет, зашто Беџети од само нему познати причини, го заборавил во фиока.
Наши извори од Судскиот совет велат дека јавно ќе побараат на седница да се објави кој член од Советот гласал да се блокира патот на иницијативата за разрешување на Енвер Беџети. Велат дека ќе бараат ако треба колективна одговорност и да се распушти овој Судски совет, но јавноста да знае кој и зошто го брани судијата Енвер Беџети.
Неофицијално, од петмина членови, познати на редакцијата, ќе тргне иницијативата за разрешување на претседателката Весна Дамева, ако таа ја стави иницијативата за разрешување на Беџети на дневен ред.
„Им фалат уште два гласа, слушнавме дека двајца колеги судии веќе се во ‘обработка’. Кого по дипломатски пат, кого со културна закана по семејството… Се надеваме дека нема да подлегнат на притисоците“, велат нашите извори во Судскиот совет.
- СУДИИТЕ ЕНВЕР БЕЏЕТИ И ЛИРИЈЕ ЕЛЕЗИ НАМЕРНО ГИ ЧУВАЛЕ ПРЕДМЕТИТЕ НА МИЈАЛКОВ КАЈ СЕБЕ СО МЕСЕЦИ, СО ШТО ГО ПОВРЕДИЛЕ ЗАКОНОТ, ЗАКЛУЧИ СУДСКИОТ СОВЕТ
- ПАК ЗАИГРА ПОЛИТИКАТА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ, ВРХОВНИОТ СУД ОСТАВЕН СО ЕДНА СУДИЈКА МАКЕДОНКА, ТРОЈЦА АЛБАНЦИ И ЕДНА СРБИНКА КРИВИЧАРИ
Судијата Енвер Беџети по скандалот со чувањето на предметот „Тврдина-Таргет“ девет месеци за да застаре делото на Мијалков, веднаш бил преместен во одделот за прекршоци, од страна на претседателката на Апелациониот суд Скопје. Но, членовите во Советот на чело со Адеми (кој не е судија, туку е избран од политиката), притискаат тој да биде по секоја цена избран за Врховен судија.
„За да биде унапреден Беџети, иницијативата за неговото разрешување не смее да дојде на седница на Судскиот совет, затоа таа е и блокирана. Бидејќи пред околу три недели не беше избран ниту еден од кандидатите за судии-кривичари во Врховниот суд, огласот наскоро ќе се повтори. Но, ако имате постапка за разрешување, вие нема да бидете избрана“, појаснува член на Судскиот совет колку е „важно“ Беџети да нема постапка за разрешување.
Останува неодговорено прашањето – со што ги задолжи толку судијата Беџети некои членови на Судскиот совет, но и главните кадровици од владејачките ДУИ и од СДСМ, за толку да се притиска неговата иницијатива за одговорност да биде повлечена и тој да биде унапреден во врховен судија.
„Какви копчиња стиска судијата да ги држи во шака тие луѓе во Советот, треба можеби други органи да истражат“, прашуваат во Советот.
Исто така, се поставува прашањето зошто се инсистира по секоја цена судијата Беџети да биде унапреден во врховен судија, кога во кривичниот совет на Врховниот суд има само една Македонка, една Србинка и тројца Албанци, спротивно на правилата за правична застапеност.
Денеска ја повикавме претседателката Дамева да даде став за битката за Енвер Беџети во Судскиот совет, а во која таа може да биде разрешена ако се соберат 7 гласа во Советот, но Дамева преку секретарката нè упати прашањата да ги пратиме по е-пошта, зашто не била во можност веднаш да одговори, занемарувајќи го нашето барање за итен одговор.
С. К. ДЕЛЕВСКА