ЗА 7.000 Е НАМАЛЕН БРОЈОТ НА СТУДЕНТИ ЗА 10 ГОДИНИ, А СЕ ЗГОЛЕМУВА КАДАРОТ

    ЗА 7.000 Е НАМАЛЕН БРОЈОТ НА СТУДЕНТИ ЗА 10 ГОДИНИ, А СЕ ЗГОЛЕМУВА КАДАРОТНајголем губитник воопшто е најголемиот државен универзитет, скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), каде за десет години има скоро 5.000 студенти помалку. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За последните десет години, бројот на студенти во земјава се намалил за 7.043, односно за 12 отсто, стои во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК). Најголем пад од 11.150 студенти, односно 22 отсто има на државните универзитети. Наспроти тоа, на приватните има 4.054 или 56 насто студенти повеќе. Кај верските високообразовни установи има 53 или 20 % повеќе студенти.

    Бројот на студенти во земјава го достигнал најниското ниво во пандемиската 2020/21, само малку повеќе од 50 илјади. По порастот во следните две учебни години, вкупниот број студенти повторно паднал во последната учебна година.

    Пораст има кај приватните и кај верските високообразовни установи, додека кај државните, наспроти големиот и постојан пад, пораст има само на медицинските и на информатичките факултети.

    Извор: Центар за граѓански комуникации

    Бројот на студенти на државните факултети постојано се намалува во последните десет години и од некогашните скоро 52 илјади студенти, сега е сведен на едвај нешто повеќе од 40 илјади.

    Најголем губитник воопшто е најголемиот државен универзитет, скопскиот Универзитет „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ), каде за десет години има скоро 5.000 студенти помалку. Во тие рамки, во апсолутни бројки, најмногу студенти изгубиле Економскиот факултет во Скопје, 2.273, Филолошкиот факултет 1.844 студенти и Градежниот факултет, 689.

    Во однос на процентуалните загуби, најмногу студенти од УКИМ загубил Шумарскиот факултет – 69 %, потоа Филолошкиот кој загубил 64 % од студентите, потоа Градежниот со загуба од 62 %, Земјоделскиот со 60 % и Правниот факултет, 55 %.

    Спротивно, од сите 23 факултети на УКИМ, само на четири има повеќе студенти, споредено со бројот од пред десет години. Најголем пораст има на ФИНКИ, 3.081 студент или 188 % повеќе студенти. Следи Медицинскиот факултет со 1.037 или 55 % студенти повеќе, па Фармацевтскиот факултет со 106 или 18 % повеќе студенти, и Факултетот за дизајн со 43 или 10 % повеќе студенти.

    Вкупниот број на студенти на приватните високообразовни установи, осцилира од година во година, иако збирно, во последната учебна година имало 4.054 студенти што е 56 % повеќе отколку пред десет години. Таму, најмногу студенти имало претходната учебна година, 2022/23, кога имало и најголем годишен пораст, додека најмалку имало во учебната 2018/19.

    Бројот на студенти на државните факултети постојано се намалува во последните десет години и од некогашните скоро 52 илјади студенти, сега е сведен на едвај нешто повеќе од 40 илјади. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Ако пред десет години имало безмалку 19 илјади бруцоши, сега бројот на новозапишани студенти изнесува околу 15 илјади. Има само за десет учебни години, вкупниот број запишани студенти во прва година е намален за 3.612, односно за 19 %. Најмалку бруцоши имало во пандемиската 2020/21 година, малку повеќе од 12 илјади. Оттогаш наваму, односно во последните три години е забележан постојан пораст на бројот на студенти што се запишале на прва година на некоја од високообразовните установи во земјава“, вели истражувањето.

    Во однос на бројот на студенти во прва година, има најголеми разлики меѓу државното и приватното високо образование.
    Прво, во последните десет години, бројот на запишани студенти во државните високообразовни институции бележи пад од 4.168 студенти или 26 %, додека таа бројка е во пораст кај приватните високообразовни институции и тоа за или 550 студенти или 19,4 %.

    Второ, за разлика од државните универзитети кои во пандемиската учебна година имале рекордно најнизок број на новозапишани студенти, прв пат под 10 илјади, приватните таа година имале пораст на студенти во прва година.

    Трето, државните универзитети почнаа да привлекуваат повеќе студенти минатата година, кога бројот на новозапишани се врати на нивото од пред пандемијата, додека на приватните има благо намалување на бројот на бруцоши во однос на досега рекордната 2022/23 учебна година.

    Извор: Центар за граѓански комуникации

    Во однос на верските факултети, и кај двата, Православен богословски и за Исламски науки има пораст на вкупниот број студенти во изминатите десет години, но кај Православниот само за 2,5 %, додека кај Исламскиот за 27 %. Во однос на бројот на новозапишани студенти, десетгодишната споредба вели дека на Православно богословскиот факултет има намалување на бруцоши за 17 %, додека на тој за Исламски науки има зголемување на интересот за студирање за 21 %.

    Сите државни универзитети, освен последнооснованиот, скопскиот „Мајка Тереза“, бележат намалување на бројот на новозапишани студенти во однос на бројката од пред десет години.

    Процентуално, најголем пад на интересот за студирање во последните десет години има на Факултетот за физичко образование, каде бројот на бруцоши за овој период е преполовен.

    На битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ има пад на новозапишани студенти во последните десет години на сите факултети, освен на педагошкиот каде сега има 33 % повеќе бруцоши од пред десет години. Најголем пад на запишани студенти се бележи на Технолошко-технички факултет – Велес, 86 %, на Правниот факултет – Кичево, 69 % и на Ветеринарниот факултет, 67 %.

    На штипскиот „Гоце Делчев“ има два најголеми добитници и губитници. Најголем пад од 666 новозапишани студенти има на Факултетот за туризам и бизнис-логистика, додека најголем пораст на новозапишани студенти во однос на периодот пред десет години има на Медицинскиот факултет, 636 бруцоши повеќе.

    Слична е состојбата и на државниот тетовски универзитет. Таму, најмногу нови бруцоши во десетгодишниот период има на Медицинскиот факултет, дури 723 повеќе лани отколку пред десет години. Спротивно, најголемо намалување на бројот на бруцоши сега, во однос на периодот пред десет години, имало на Правниот факултет и тоа за 517 помалку бруцоши.

    Наспроти намалувањето на бројот на студенти, се зголемува бројот на наставници и соработници. Само за последните десет години, универзитетскиот кадар пораснал за повеќе од 1.000 луѓе, односно за една третина.

    На државните универзитети има за 26 % повеќе кадар отколку пред десет години, односно 786 наставници и соработници повеќе. На приватните, пак, кадарот пораснал за 281 лице, односно за 45 %.

    Најголем пораст на бројот на универзитетски кадар од сите универзитети во земјава има на Државниот универзитет во Тетово, каде сега има 453 наставници и соработници повеќе отколку пред десет години, што е пораст од цели 128 %. На истиот овој универзитет, за истиот десетгодишен период има намалување на бројот на студенти за 5 %, а на новозапишани студенти за 23 % помалку. Од државните универзитети, единствено мало намалување на бројот на кадарот сега во споредба со пред десет години има на битолски Универзитет „Св. Климент Охридски“ за 3 % и на охридски „Свети Апостол Павле“ за 38 %. На скопски УКИМ има зголемување на 13 % на кадарот иако во исто време и за истиот период има намалување на бројот на студенти за 19 %, а на новозапишани за 34 %.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира