ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИ ОХРИД, УНЕСКО ТРЕБА ДА ГО СТАВИ НА ЛИСТАТА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕ

    ЗА ДА СЕ ЗАШТИТИ ОХРИД, УНЕСКО ТРЕБА ДА ГО СТАВИ НА ЛИСТАТА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, ВЕЛАТ АКТИВИСТИТЕУНЕСКО лани, на 47-та сесија на Комитетот за светско наследство во Париз, одлучи Охрид, сепак, да не биде ставен на Листата во опасност како и налоги годинава Македонија и Албанија да достават извештај за напредокот во спроведувањето на препораките. (Фото: СДК.МК)

    Дел од граѓанските активисти сметаат дека Комитетот на УНЕСКО треба да го стави Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност за да добие поголема заштита. Откако Македонија и Албанија пред рокот на 1 февруари го испратија извештајот до Центарот за светско наследство на УНЕСКО за преземените мерки за заштита на Охрид и Охридското Езеро, денеска во дводневна работна посета на Париз отиде владина делегација. Во делегацијата се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и министерите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за култура и туризам Зоран Љутков и за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, како и градоначалниците на Охрид и Струга, Кирил Пецаков и Менди Ќира.

    Владата соопшти дека рамки на посетата, денеска се планирана средби со Ернесто Отоне, помошник-генерален директор на УНЕСКО задолжен за култура и со Конгкер Мохамад Талха, претседател на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, а утре делегацијата ќе се сретне со Насер бин Хамад ал Хинзаб, претседател на Извршниот одбор на УНЕСКО.

    „На средбите ќе бидат потенцирани цврстите заложби на Владата за зачувување на статусот на природното и културното наследство на Охридскиот Регион. Исто така, ќе биде истакнато дека државата воспоставува систем за заштита кој гарантира зачувување на интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како исклучителна универзална вредност. Делегацијата ќе се осврне и на мерките што Владата ги презема, како и на фактот дека преку надлежните институции се вложуваат максимални напори за спроведување на препораките од реактивните мисии (2020 и 2024) и Стратегискиот план за рехабилитација“, соопшти Владата.

    Поради загрозеноста од дивоградбите и уништувањето на природата, УНЕСКО лани го покрена прашањето за ставање на Листата на светско наследство во опасност и даде рок од една година за исполнување на препораките. Од овој извештај сега зависи дали УНЕСКО ќе ја донесе таа одлука.

    Според Ѓоко Зороски, раководител на проекти за животна средина и консултант, УНЕСКО проценува дали и колку сме го зачувале она што сме го ветиле уште во 1979, а тоа се автентичноста и интегритетот на нашиот регион.

    „Ние од УНЕСКО можема да бараме помош и консултации почесто. Државата сама треба да подготвува и да спроведува планови за заштита според препораките на УНЕСКО и да ја известува светската организација за тоа. Затоа не е толку трагично да се најдеме на Листата на светски богатства во опасност, туку дека е крајно време да се исполнат препораките од мониторинг посетите. Проблемите се таложеле со децении: дивоградби, уништување на биодиверзитет и многу други. Потребна е многу поголема контрола на терен, ангажман на многу поголем број инспектори, камери за набљудување на критични точки на езерото и крајбрежјето“, вели Зороски.

    Професорот и научен советник, доктор по биолошки науки Трајче Талевски вели дека ставањето на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност веќе не е хипотетичка закана, туку речиси извесен следен чекор.

    „Тоа ќе значи сериозна меѓународна репутациска штета, засилен мониторинг и политички притисок. Ако и по тоа не следат реални, мерливи мерки –  стопирање на проекти, институционални реформи – губењето на статусот на светско наследство станува реална можност. Тоа би било историски преседан и трајна дамка за државата“, вели Талевски.

    Обвинителството на 28 јануари оформи предмет и врши предистрага во Општина Охрид, по добиениот извештај од Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој утврдил дека во Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, но и сомнително финансиско работење, отпишување долгови без знаење на општинскиот Совет, јавни набавки без тендери, чудни трампи на плацеви.

    На 30 јануари на прашање дали во извештајот се земени во предвид наводите од Државниот завод за ревизија, Љутков рече дека ги земале сите податоци кои што им биле потребни од сите институции.

    „Значи, буквално од сите. Врз основа на тие податоци се направи извештајот и врз база на комуникацијата што ја имаме и со другата страна, и со Албанија. Во меѓувреме, формиравме и Кризен штаб за да ја кренеме целата ситуација на многу повисоко ниво. Тој Кризен штаб имаше два состаноци и од нив добивме мислење. Минатата недела во понеделникот, јас имав и состанок со Националната комисија за УНЕСКО каде што направивме мислење, го поминавме извештајот и во вторникот тој извештај помина и на Влада. Веднаш ги споивме двата после Влада, извештајот од македонската и албанската страна и веќе се испратени до УНЕСКО. Сега во овој период не ни останува нас ништо друго освен да го оправдаме тоа што сме го направиле до периодот до февруари“, рече Љутков.

    Извештајот треба да содржи конкретни заштитни мерки за природното и културното наследство, контрола на урбанистичкиот развој и крајбрежјето, функционална координација меѓу институциите и меѓудржавна соработка со Албанија кои се клучни за задржување на статусот на светско природно и културно наследство и за избегнување на впишување на регионот на Листата на светско наследство во опасност.

    Ако извештајот биде оценет како недоволен, Комитетот на УНЕСКО може повторно да го отвори прашањето за ставање на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност, што би значело засилен меѓународен надзор и дополнителни рестрикции.

    Следната сесија на УНЕСКО е во јуни во Јужна Кореја е тогаш се очекува одговорот од нивна страна.

    На прашањето што очекува од УНЕСКО, Љутков вели мораме да се подготвуваме на сè.

    „Значи сепак ова не е некој процес што ѝ се случува на оваа Влада или на овие министри, ова е процес којшто се случува наназад 30-тина години. Така што, мораме да земеме во обзир дека лани ни беше последната опомена. И ова што ни дадоа рок од седум месеци да завршиме некои постапки е јасен сигнал дека тие подготвуваат, а и се подготвува и претходно да влеземе на листата на опасност. Сè може да се очекува и треба да бидеме подготвени на сè. Наша задача е да не биде тоа така и да направиме уште еден притисок да не се даде тоа дополнително“, кажа Љутков.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира