Премиерот Христијан Мицкоски вели дека бришењето на македонски јазик и идентитет од извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата е подеднакво лошо како и да стои формулацијата „модерен“ пред нив, во реакција на објавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев дека е постигната согласност меѓу најголемите европски партии воопшто да не се споменуваат македонски јазик и идентитет во извештајот.
„За нас е подеднакво лошо и тоа што се брише македонски јазик и идентитет, исто како и да стоеше ‘модерен’. Буквално е подеднакво лошо. Уште еднаш се покажа и докажа дека проблемот не е само вметнувањето на стотина Бугари во Уставот, туку е многу подлабок“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција за странска инвестиција.
Тој ја префрли одговорноста на претходната власт, обвинувајќи ги за манипулација.
„Сите тие што манипулираа во минатото и убедуваа дека ‘само да го смениме Уставот и сите проблеми ќе бидат решени’, треба да излезат и да им се извинат на македонските граѓани. Егзибициите што се случуваа во изминатите седум години нѐ доведоа до ситуација на талибански начин да се брише македонскиот јазик и идентитет од Извештајот на Европа. Тоа ни го направија Бујар Османи, Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ и останатите“, рече Мицкоски.
И покрај ова, премиерот рече дека треба да се памети „малиот чекор“ кога во Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент првично помина формулацијата за македонски јазик и идентитет, велејќи дека тоа „ќе остане во колективната меморија“.
На 28 мај, Мицкоски кажа дека очекува Европскиот парламент едногласно да го усвои извештајот со формулацијата „многувековен, посебен македонски идентитет и јазик“. Набргу потоа, Бугарија поднесе амандмани со кои бараше терминот „многувековен“ да се замени со „модерен“.
За извештајот треба да се гласа во Европскиот парламент следната недела.