Судењето за „Титаник“, за изборни измами, злосторничко здружување, поткуп, закани, злоупотреби на функциите и други кривични дела поврзани со серија изборни циклуси, заклучно со парламентарните и претседателските во 2014 година, денеска се задржа на незаконското издавање на државјанства и лични карти на граѓани од Албанија. Откако им беа групно издавани овие лични документи пред изборите, овие „човечиња“, како што ги нарекуваше обвинетата ексминистерка Гордана Јанкулоска, организирано беа носени да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
„Има лица што живеат во Брод и Драгаш, што исполнуваат услови да добијат државјанство, меѓутоа се во тешка материјална состојба и не можат лично да дојдат. Имаат свој претставник кој ќе ги носи нивните пополнети барања“, ѝ кажал обвинетиот Мунир Пепиќ на Виолета Димитровска, советник во МВР одделот за управни работи, која сведочеше денеска.
Требало тие поднесоци од претставникот на сиромашните луѓе што не можеле од Албанија да дојдат лично, како што е по законот, да ги прима Виолета.
„Така е договорено со господинот Кире од кабинетот. Јас ќе преземам зад шалтерот, за да не реагираат другите странки дека преку ред ги носам предметиве“, кажал Пепиќ.
Сведокот тврдеше дека наредбата била испратена од обвинетиот Кирил Тодоровски, а таа морала да почитува и усни наредби кои стигале од кабинетите на тогашните институции и главни функционери во државата.
„Ми беше непријатно тоа што го слушнав. Се качив горе кај началничката. Ми кажаа дека има наредба тие документи да се примат. Јас ги примив тие барања, ги заведов во евиденција, ги дадов на колешката Светлана Вељановска, што редовно прима барања на шалтер. Тоа беше мојата функција, само примопредавање. Не ме интересираше дали се комплетни или не, ни кој ги работи“, кажа сведокот.
Организираното групно примање на такви поднесоци за државјанство траело од април 2014 до април 2015. Во меѓувреме се одржаа парламентарните избори, на кои во серија, повторно победи ВМРО-ДПМНЕ.
На пултот потоа застана сведокот Оливера Димчева, претпоставена за издавање лични карти во МВР. Неа обвинителката Лиле Стефанова ја врати на незаконското издавање на лични карти на лица од Пустец, Албанија, кои ВМРО-ДПМНЕ ги искористи да гласаат во Општина Центар за локалните избори во 2013 година.
„Началничката Јадранка Гулевска ме повика и ми кажа дека треба да бидат изработени документите. Ќе треба да бидат фотографирани и тоа е наредба од Киро, советник на министерката во тоа време. Цел живот работејќи не ми беше сеедно да ја прифатам таа информација. На Јадранка и било ветено дека документацијата ќе биде доставена отпосле. Одговорно лице за носење на лицата ќе биде Мунир Пепиќ и странките ќе бидат сликани со документ што го поседуваат. Не знаевме за колку лица станува збор. Договорот беше да бидат сликани во ПС БЕКО и да бидат посебно одвоени за изготвување“, рече Димчева.
Процедурата била: сликање, одобрување, издавање на готови лични карти, рече таа.
Судењето продолжува со нови сведоци, меѓу нив и службениците кои го вршеле групното фотографирање на лицата од Пустец, кои станале центарци.
Во случајот „Титаник“, за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања обвинети се Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
С. К. ДЕЛЕВСКА