Најеколошкото село од македонската страна на Преспа, Коњско, излегува од изолација. Минаа годините кога беше скоро отсечено од цивилизацијата зашто до него немаше асфалтен пат. Седумте километри од соседното село Стење до Коњско водеа низ нерамен земјен пат, кој беше во лоша состојба, обраснат со дрвја и вегетација. Се минуваше само со теренско возило, а единствениот друг пристап до селото беше преку езерото со кајче.
Откако пред пет месеци државата асфалтираше и порамни дел од патот, до оваа најоддалечена населба во Преспа, сместена во близина на албанската граница, може да се стигне и со лесна кола. Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) до декември 2025 асфалтира 3,8 километри, а останатите 3,2 останаа земјени, но патот е израмент и проширен. Иако коловозот е широк 3,6 метри, сепак е доволен за да се разминат две возила.
Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК деновиве го посети селото. Од Стење до Коњско се искачивме пеш. Уживавме во прекрасната панорама на Преспанското Езеро, а крај патот цветаше пролетен грашок со интензивни виолетови бои. Патот во еден правец се пешачи за час и половина, а освен со возила погоден е и за велосипеди.
Во селото нѐ пречекаа неверојатни глетки. Местото беше обоено жолто од цветовите на дивиот синап. Ги имаше насекаде, по дворовите, ливадите, патот до плажата. А плажата беше прекриена со ситни школи. Токму поради тоа, наречена е Школска плажа. Жителите кажуваат дека тука водата е најтопла и најчиста. Езерото од лани е надојдено за 1,2 метри. Додека седевме на плажата, во езерските води се пресликуваа Партизански Врв и Ветерница, врвовите на Пелистер.
Ова е рибарско село, па на брегот имаше и кајчиња. Некогаш тука се правеле највкусните циронки. Но, наместо на риба, од некоја од вилите доаѓаше мирис на скара.
„Порано луѓето овде живееја ловејќи риба и продавајќи дрва. Сега езерото е дадено под концесија и кој ќе плати пари тој лови. Па. ние дојдовме како да сме гости овде, другите го користат езерото. Од Албанија доаѓаат со возила, ловат риби и потоа ги продаваат дел во Македонија, дел кај нив“, ни кажа Христо Герогиевски, пензионер од Ресен, кој порано работел во Народна одбрана, а сега од пролет до есен живее во Коњско.
Преку зима во селото остануваат само три семејства, а другите доаѓаат кога се поволни временските услови.
„Продаваница немаме, што ќе донесеш, тоа ќе јадеш и пиеш. Сега никој не се нафаќа да отвори. Немаме вода за пиење, користиме индустриска за хигиена. Направија водовод, но нема базен за да има проток на водата. Канализација нема, со септички јами е “, вели Георгиевски.

Преку зима во селото остануваат само три семејства, а другите доаѓаат кога се поволни временските услови. (Фото: СДК.МК)
Во селото има дваесетина објекти, стари куќи и викендици, како и еден хотел до плажата кој не работеше. За ноќевае има камп-приколки, со претходна најава. Најубавата плажа е на крајот од селото кај ’рт наречен Рот. Таа помалку наликува на Златен Рат од познатото туристичко место Бол на хрватскиот остров Брач. И тука под влијание ва ветровите од двете сгтрани на ‘ртот се појавува издолжен облик во вид на триаголник. Пред неа, кај манастирот „Свети Илија“ се протега уште една плажа наречена Лиса, која се смета за најубава на Преспанското Езеро, до неа се стигнува по земјен пат или со качје преку езеро.
Иако нема организирано подигање на смет, никаде немаше фрлено ѓубре.
Овие краишта ја зачувале својата убавина и автентичност токму поради отцепеноста од цивилизацијата. Патот секако ќе донесе придобивки, но и лоши влијанија. Кога ќе се доасфалтира делницата, во иднина ќе мора да се заштити овој еколошки крај од експанзија на градби и загадување.
Ж. ЗДРАВКОВСКА







