Иранските државни медиуми, повикувајќи се на локален обвинител, објавија дека 85 ученички загинале во нападот на основно училиште за девојчиња во јужниот ирански град Минаб, откако САД и Израел го нападнаа Иран. На снимките од очевидци објавени денеска и потврдени од Ројтерс се снимени вресоците на луѓето што се собираа во близина на местото, додека оштетени возила и урнатини беа расфрлани околу зградата во покраината Хормозган.
Израелската војска не одговори веднаш на барањето за коментар за извештаите за нападот.
Капетанот Тим Хокинс, портпарол на Централната команда на САД, рече дека е „свесен за извештаите“ оти нападот бил насочен кон училиште за девојчиња во јужен Иран и вели дека тие „ги сфаќаат овие извештаи сериозно и ги испитуваат“. Хокинс рече дека американската војска „ќе продолжи да ги презема сите достапни мерки на претпазливост за да го минимизира ризикот од ненамерна штета“, но нагласи дека САД не ги таргетираат цивилите.
Во напад врз спортска сала во јужниот ирански град Ламерд загинаа 15 лица, објавија вечерва иранските државни медиуми. Нападите погодија четири локации, вклучувајќи спортска сала, две станбени области и сала во близина на училиште.
Иранските медиуми објавија дека досега во нападите се убиени 201 лице и 747 повредени. Повикувајќи се на Црвената полумесечина објавија и дека нападите на САД и Израел погодиле 24 провинции во Иран.
Израелската војска соопшти дека започнала нов бран напади насочени кон иранските ракетни лансери и воздушната одбрана во централен Иран. Израел напаѓа ирански цели во текот на целиот ден.
Израелската војска соопшти дека околу 200 борбени авиони учествувале во првичниот напад врз Иран. Нападот погоди околу 500 цели, меѓу кои и воздушна одбрана и ракетни лансери. Според израелската војска, ова е најголемиот „воен прелет“ во историјата на нејзините воздухопловни сили.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги осуди нападите врз Иран како кршење на неговиот суверенитет, а воедно ги осуди и нападите на Иран врз земјите од Заливот како неприфатливи. Ердоган рече дека Турција ќе ги интензивира своите дипломатски напори за обезбедување прекин на огнот и повторно започнување на преговорите.
„Доколку на дипломатијата не ѝ се даде слобода, нашиот регион ризикува да биде вовлечен во огнен круг. Ова не смее да се дозволи“, рече Ердоган.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека Трамп разговарал по телефон со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата во текот на денот.
„Претседателот Трамп ја следеше ситуацијата преку ноќ во Мар-а-Лаго заедно со членовите на неговиот тим за национална безбедност“, рече таа.
Иранските државни медиуми соопштија дека нападите на САД и Израел биле насочени кон бројни градови и локации низ Иран. Облаци од чад можеа да се видат над Техеран поради директните напади, со извештаи за експлозии во или во близина на главните градови Исфахан, Шираз и Тебриз. Експлозии беа пријавени и во неколку западни градови, како и околу пристанишните градови во Персискиот Залив кои се критични за големата трговија со нафта на Иран, вклучувајќи го и Асалује.
Официјалната резиденција на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, беше погодена во израелско-американските воздушни напади, според сателитски снимки објавени од иранскиот медиум „Сабрин њуз“. Снимката го покажува целосно уништен комплексот со висока безбедност во Техеран познат како Беит-е Рахбари. Жителите во главниот град, исто така, објавија дека резиденцијата е погодена.

Официјалната резиденција на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, беше погодена во израелско-американските воздушни напади, според сателитски снимки објавени од иранскиот медиум „Сабрин њуз“.
Не беше јасно дали Хамнеи бил присутен во тоа време. Хамнеи е политички и верски лидер на земјата, како и врховен командант на вооружените сили. Тој ретко се појавувал во јавноста во последните недели поради зголемените воени тензии. Иранските власти веројатно ја направиле неговата безбедност врвен приоритет, а неговото моментално место на живеење е непознато.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, изјави дека во моментов „нема комуникација“ со САД во интервју за „Ен-Би-Си Њуз“. Тој, исто така, рече дека „доколку Американците сакаат да разговараат со нас, знаат како можат да ме контактираат“, додавајќи дека Иран е „подготвен за деескалација“, но дека нападите на САД и Израел прво мора да престанат. Аракчи рече дека последните напади биле „неиспровоцирани“ и „нелегални“ и повтори дека Иран е способен да се одбрани без надворешна помош.



