ЖИТЕЛИТЕ НА ЉУБАНИШТА СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ПОЧНА ДА СЕ НАПЛАЌА ПАРКИНГ НА СЕЛСКАТА ПЛАЖА, ОД „ГАЛИЧИЦА“ ВЕЛАТ ДЕКА ТАКА ЌЕ ГИ ТРГНАТ ДИВИТЕ КАМПЕРИ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ЉУБАНИШТА СЕ ЖАЛАТ ДЕКА ПОЧНА ДА СЕ НАПЛАЌА ПАРКИНГ НА СЕЛСКАТА ПЛАЖА, ОД „ГАЛИЧИЦА“ ВЕЛАТ ДЕКА ТАКА ЌЕ ГИ ТРГНАТ ДИВИТЕ КАМПЕРИОд Националниот парк „Галичица“, во чија надлежност е плажата, велат дека тоа го направиле за да ги спречат дивите кампери кои со години недозволено ги постауваат шаторите на плажата. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на охридското село Љубаништа и оние кои имаат куќи таму се жалат дека паркингот на селската плажа, кој до пред неколку дена беше бесплатен, се наплатува 150 денари. Од Националниот парк (НП) „Галичица“, во чија надлежност е плажата, велат дека тоа го направиле за да ги спречат дивите кампери кои со години недозволено ги поставуваат шаторите на плажата.

    „Жално е што Љубаништа остана без сопствена селска плажа. Националниот парк ‘Галичица’ постави рампа пред селската плажа. Свесно или несвесно, со оваа одлука се придонесува за изумирање на самото село. Пред само седум години имаше три продавници, а денес нема ниту една. Најблиската продавница е на ‘Свети Наум’ или, ако е сезона, во автокампот. Во тој реон постои цела улица со куќи во прв ред до езерото, кои се дивоградби изградени во заштитено подрачје каде што воопшто не смее да се гради. Може само да претпоставиме каде завршуваат фекалиите од нивните септички јами. Дополнително, безобразлукот оди дотаму што дел од плажата ја имаат узурпирано со поставени лежалки и чадори, а капак на тоа e што сега како да си имаат и приватна плажа“, вели еден скопјанец кој има куќа во селото Љубаништа.

    Од Националниот парк „Галичица“ за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека поставувањето рампа пред плажата бил единствен начин да се спречат дивите кампери, за кои со години реагираат до Општина Охрид.

    Паркингот на плажата на селото Љубаништа се наплаќа 150 денари (Фото: СДК.МК)

    „Ова не значи дека луѓето не можат пеш да влезат на плажата, бесплатно. Поставена е рампа за да се спречи множењето на дивоградбите кои ги има сѐ повеќе последниве години, и за да се обидеме да ги остраниме дивите кампери. Сите луѓе кои се жители на селото, и оние кои имаат куќи тука се регистирани во системот, и за нив се изготвени токени со кои можат да ја поминат рампата без да платат“, ни рекоа од „Галичица“.

    Оттаму велат дека кога ќе си ги подигнуваат токените за влез на плажата, сопствениците на куќите и викендиците во селото не мора да приложат никаков документ за сопственост, зашто сите се регистирани во системот.

    На Љубаништа има уште една камперска плажа, во која има маркет, ресторан и кафе-бар. Паркингот на таа плажа од годинава се наплаќа 300 денари.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира