Почна да пристигнува помошта за семејството Димковиќ во кумановското планинско село Алгуња, маалото Татариновац, кое живее во исклучително тешки услови во распадната куќа и без основни средства за егзистенција. Храна, облека, постелнина, мебел, донираа во изминатите неколку дена граѓани и хуманитарни организации, со цел да помогнат сопружниците да се спасат од големата сиромаштија. Презадоволни и среќни од она што им се случува Радован (64) и Борјанка (67), велат дека не можат да поверуваат дека има толку добри луѓе кои дошле во нивното село само за да им донесат помош.
„Многу сум среќен, не знам како да им се заблагодарам на сите луѓе. Доаѓаа од сите страни. Од Куманово, од Скопје, едни дури од Струмица. Сите со полни раце. Ни донесоа се` и сешто, нема што нема. Сè ставаме во една од собите за да не се извалка, да остане чисто додека да ја поправиме куќата“, вели возбудено Радован.
Помошта почна да пристигнува веднаш откако викендот САКАМДАКАЖАМ.МК ја објави приказната за тешките услови во кои живее семејството Димковиќ.
Својата хуманост на дело како многупати досега и овојпат меѓу првите ја покажа хуманитарната организација „Свети Спас“ од Скопје, за неколку дена двапати однесе помош на семејството.
„Откако го видовме текстот на САКАМДАКАЖАМ, веднаш одлучивме да се вклучиме и да помогне согласно нашите можности. Уште истиот ден се организиравме и доставивме храна на семејството, а денеска успеавме да однесеме покуќнина и шпорет на дрва, што според мене беше најважно. Ние со нашите донатори планираме и се надеваме дека на пролет ќе успееме да ја реновираме куќата, за да се создадат услови за пристоен живот“, вели Оливер Петковски, свештеник и претседател на хуманитарната организација „Свети Спас“, кој најави дека ќе им однесе и електричен шпорет, а ќе доведе и мајстор да направи дрвен под и да изѕида оџак на куќата.
Тој очекува дека и државата ќе реагира и ќе помогне семејството да добие редовни приходи, бидејќи вака нивната егзистенција е крајно неизвесна.
„Борјанка веќе има 67 години и таа ги исполнува условите за социјална пензија, доколку институциите се вклучат мислам дека ќе се најде решение и тие ќе добијат минимален приход, кој за нив многу значи“, додада Петковски.
Помошта не ги израдува само Радован и Борјанка туку и соседите, кои веднаш се организираа да помогнат. Со трактор и на раце го пренесуваа фрижидерот, троседот, шпоретот, масата, столчињата и другите работи во трошната куќа. Тие се едногласни дека од оваа помош нема да има ефект ако не се реновира куќата.
„Да се собере материјал и пари да им се поправи куќата дури тогаш ќе има корист од ова што го даваат луѓето, вака џабе, тие нема каде да ги стават овие работи. Ги трупаат во една од собите каде што тие само ќе се уништат од влагата. За почеток, треба да им се оспособи барем една од собите со кујна и една купатило, за нив тоа ќе биде премија, и не им треба повеќе. Тие се болни и тешко им е да се грижат за поголем простор“, велат соседите.
Сопружниците Радован и Борјанка, имаат сериозни здравствени проблеми, а немаат пензија ни социјална помош. Минималните средства за егзистенција ги обезбедуваат со примитивен начин на обработка на земјата и берење шумски плодови во планината. Радован не може да добие пензија затоа што нема работен стаж, а право на социјална заштита и социјална пензија не можат да стекнат затоа што имаат земјиште на свое име. Немаат трактор и друга механизација, па земјата ја ораат со магаре. Овие беспомошни луѓе се препуштени сами на себе.
Како последица на сиромаштијата и болеста, времето во нивниот живот како да застанало во минатиот век. Куќата е распадната, кровот протекува, прозорците скршени, плафонот на собата во која седат е пукнал и секој момент може да падне, а подот е земјен. Мебелот стар и нефункционален, а во куќата немаат кујна ниту купатило.
„Имаме вода во дворот ама немаме во куќата. Најмногу ни фали да имаме еден садопер, па друго не треба. Вака многу мачно, ја носиме водата од чешмата кај што е бунарот. Двајцата сме болни имаме брух и не можеме да дигаме тешко. Живееме во планина, а немаме дрва. Најмногу би сакал да имам моторна пила, бидејќи рацете веќе не ме служат како порано“, додава Радован.
Пред поаѓање, Борјанка тивко ни се повери дека луѓето што дошле им донеле многу храна, поради тоа оваа година убаво и богато ќе ја прослават домашната слава Свети Никола, на која нè поканија овојпат да им дојдеме како гости.
За директна парична донација достапна е сметката на Радован Димковиќ: 320500007889670, Централна кооперативна банка Скопје.
С. НИКОЛИЌ