ДЕ ХЕА, ЕРЕРА И РОХО УЧЕА ЗНАКОВЕН ЈАЗИК ОД ГЛУВИТЕ ДЕЦА ШТО ЌЕ ПЕЈАТ НА СУПЕР КУПОТ ВО СКОПЈЕ

    ДЕ ХЕА, ЕРЕРА И РОХО УЧЕА ЗНАКОВЕН ЈАЗИК ОД ГЛУВИТЕ ДЕЦА ШТО ЌЕ ПЕЈАТ НА СУПЕР КУПОТ ВО СКОПЈЕЕрера праша како на знаковен јазик се кажува Манчестер јунајтед, а еден ученик веднаш му покажа, и трите фудбалски ѕвезди неколкупати ги повторија знаците (Фото: УЕФА Фондација Фејсбук страна/ принтскрин)

    Фудбалските ѕвезди на Манчестер јунајтед Давид де Хеа, Андер Ерера и Маркус Рохо вечерва во Скопје добија неколку лекции по знаковен јазик од 19-те деца  од  училиштето за ученици со оштетен слух „Партение Зографски“.

    Децата ги поздравија играчите со аплауз – високо кренати раце што треперат (Фото: УЕФА Фондација Фејсбук страна/ принтскрин)

    Средбата со нивните фудбалски херои беше изненадување за учениците кои утре ќе настапат на свеченото отворање на Супер купот на УЕФА во Скопје, пред натпреварот Реал Мадрид-Манчестер јунајтед, и на знаковен јазик ќе ја испејат „Небо полно ѕвезди“ (Sky Full of Stars) од „Колдплеј“.

    Децата се избрани од УЕФА Фондацијата, а средбата со де Хеа, Ерера и Рохо  беше емитувана на нејзиниот фејсбук профил.

    Децата ги поздравија играчите со аплауз – високо кренати раце што треперат, и на знаковен јазик им кажаа: Ние сакаме фудбал! Потоа Ерера праша како на знаковен јазик се кажува Манчестер јунајтед, а еден ученик веднаш му покажа, и трите фудбалски ѕвезди неколкупати ги повторија знаците. Пото фудбалерите научија како се вика „се радувам“ и „Манчестер јунајтед ќе победи“.

    Формирана пред две години, УЕФА Фондацијата го користи спортот за да поддржи хуманитарни проекти поврзани со правата на децата во областа на здравството, образованието и интеграцијата. На чело на фондацијата е експретседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.

    „Нашата главна идеја беше дека сакаме преку настапот да кажеме и покажеме оти ние сме еднакво вредни како и сите други. Пораката ни е – не нѐ сожалувајте! Многу брзо се разбравме со луѓето од УЕФА Фондацијата и тие беа воодушевени од она што го знаат и умеат нашите деца“, вели за утрешниот настап Викторија Волак, дефектолог и професор во училиштето.

    ТРЕПЕРЕТЕ СО РАЦЕТЕ ЗА ДА ГО ЧУЈАТ АПЛАУЗОТ ГЛУВИТЕ ДЕЦА КОИ ЌЕ ПЕЈАТ НА СУПЕР КУПОТ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира