„ДИРЕКТОРКА“ ГОТВИ ПО 100 ОБРОЦИ ДНЕВНО ЗА ТЕТОВСКИТЕ СОЦИЈАЛЦИ

a:1:{s:9:"td_source";s:45:"Тетово,(САКАМДАКАЖАМ.МК)

„ДИРЕКТОРКА“ ГОТВИ ПО 100 ОБРОЦИ ДНЕВНО ЗА ТЕТОВСКИТЕ СОЦИЈАЛЦИ

Ни дождот што паѓа, ни студеното време,  не му пречат на Абдилтаип Ќ. трпеливо да го чека својот ред за денешната порција храна од народната кујна во Тетово. Од соседните простории се слуша весел џагор на деца од детската градинка, но тој и луѓето што чекаат пред шалтерот малку обрнуваат внимание на тоа. Торбите се подготвени, пластичните кутии се во рацете, се чека само на храната.

“Земам јадење за тројца, за мене, за снаата која е инвалид во количка и за ќерката од брат ми. Жената ми е почината. Јас се грижам за нив. Работа немам, пари немам. Се храниме овде од народнава кујна веќе 4 години. Порано работев во чајџилница и земав некој денар, но ја затворија. Барав работа насекаде но никој не ме прима, само ќе ми кажат ‘чекај, ќе те викнеме’ и никој не ме повикал, никој не сака да вработи стар човек. Затоа секој ден доаѓам овде, мора да се преживее некако. Живеам во Горна Чаршија и секој ден пеш доаѓам овде по јадење. До пред некој ден доаѓав со велосипед, но го ставив пред врата и еден се залета со кола, го удри велосипедот, го смачка и побегна. Е, така е со нас сиромашните, и она малку што го имаме ни го земаат. Само да не ни ја земат и оваа кујна, тогаш не знам што ќе правиме“, вели Абдилтаип.

И триесет и осум годишниот Жарко С. е еден од оние кој со години секојдневно доаѓа по храна во народната кујна.

“Не оти сакам, ама мора да доаѓам. Работа немам, парите од социјалната помош не достасуваат. Одвреме-навреме ќе ме викне некој нешто ситно да поработам, ама тоа трае кратко. А стомакот не прашува, бара јадење секој ден. Контакт со брат ми кој е во странство сум изгубил, една сестра ми загина во сообраќајка и сега сум сам. Но добро е што постои ваква кујна. Храната овде е добра, иако ние не сме пробирџии, важно ни е чинијата да е полна, но кога би давале повеќе би можело нешто да остане и за вечера“, вели Жарко и го зема денешниот оброк, макарони со сирење, векна леб, килограм брашно и ќесе палента.

По него доаѓа Митасим Б. Не сака да разговара ниту да се фотографира. Пред некоја година го снимиле на телевизија како зема храна од народната кујна, па потоа некои од пријателите и соседите наместо да му помогнат, почнале да играат мајтапи со него.

„Има секакви луѓе“, разочарано вели Митасим и веднаш заминува.

„Камо да имав и јас повеќе, па да можам уште им давам“, вели Беглија Азири, која корисниците на народната кујна во Тетово од милост ја викаат „директорка“ и која секој ден готви 100 оброци (Фото: Зандон)

„Камо да имав и јас повеќе, па да можам уште им давам“, вели Беглија Азири, која корисниците на народната кујна во Тетово од милост ја викаат „директорка“ и која секој ден готви 100 оброци (Фото: Зандон)

Во народната кујна се приготвуваат топли оброци за пет дена, а за сабота и недела се дава сува храна. Сето тоа го приготвува Беглија Азири, која корисниците на народната кујна од милост ја викаат „директорка“.

“Секојдневно приготвувам околу 100 оброци. Овде во оваа просторија и готвам и ја делам храната. Десет години ја работам оваа работа и се соживев со овие луѓе. Им ја знам секоја нивна судбина, секоја нивна животна приказна. Ги разбирам кога не сакаат да зборуваат за својот живот. Си поиграла судбината со нив и тоа не е нешто со што треба да се фалат. Јас ги разбирам и затоа и им помагам колку можам. Често пати собирам стари алишта, мои и од соседите, и им давам на овие луѓе. Камо да имав и јас повеќе, па да можам уште им давам. Најтешко ми е кога ми бараат да им дадам повеќе храна отколку што им следува. Многу гладни усти треба да се нахранат, а за некои ова е единствениот оброк кој денеска ќе го изедат“, вели Беглија која нервозно погледнува низ прозорецот од кујната и го чека доставното возило кое доцни, а треба да донесе и тегли со краставици.

Последна на ред доаѓа Флорија К., мајка е на две полнолетни ќерки и сите се без работа. Судбината ја донела од Полска овде во Македонија.

“Животот е таков и не вреди само да плачеме над нашата судбина. Ете и оваа народна кујна ни е голема помош. Храната е добра, но кога би можело барем еднаш во неделата и млеко да ни даваат и литро зејтин, па и дома нешто да зготвиме, би било навистина убаво“, вели Флорија.

Директорот на Центарот за социјална работа Насер Садики вели дека работата на народната кујна редовно се надгледува.

“Дневно се подготвуваат 100 оброци за социјалните случаи кои се пријавени во Центарот и парично се лимитирани за таа бројка корисници. Заедно со раководството на детската градинка, каде во еден дел е сместена народната кујна, ќе ги разгледаме можностите да го прошириме асортиманот на производи“, вели директорот Садики.

Беглија веќе ги подели сите оброци, а луѓето си заминаа кога дојде возилото со краставиците, доцнело поради сообраќајниот метеж.

“Сите заминаа, но ќе им ги дадам теглите со краставички со утрешниот оброк“, вели Беглија и го затвара шалтерот од народната кујна.

Зоран АНДОНОВ

disklejmer-prikazni-23734

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира