ДВЕ ДЕЦА ПРИМИВМЕ СО СИМПТОМИ НА СИНДРОМОТ КАВАСАКИ, ЗА КОЈ СЕ СМЕТА ДЕКА Е ПОВРЗАН СО КОРОНАВИРУСОТ, ВЕЛИ Д-Р АСПАЗИЈА СОФИЈАНОВА

    ДВЕ ДЕЦА ПРИМИВМЕ СО СИМПТОМИ НА СИНДРОМОТ КАВАСАКИ, ЗА КОЈ СЕ СМЕТА ДЕКА Е ПОВРЗАН СО КОРОНАВИРУСОТ, ВЕЛИ Д-Р АСПАЗИЈА СОФИЈАНОВА„Не треба да ја минимизираме опасноста од коронавирусот кај децата“ - Аспазија Софијанова во одделот за интензивна нега на Детската клиника во Скопје (Фото: Лична архива)

    Во земјава, последните два месеца се регистрирани две деца со симптоми слични на Кавасаки синдромот, или познат како „Kawasaki-like“,  вели за САКАМДАКАЖАМ.МК, д-р Аспазија Софијанова, шефица на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести во Скопје. Едното дете било на осум, а другото на петгодишна возраст.

    „Децата имаа исфрлување на кожата. По една недела оспипот се повлече, но сметам дека симптомите слични на Кавасаки болеста беа последица од контакт со новиот коронавирус, иако тие немаа класични симптоми на КОВИД-19“, вели д-р Софијанова која е задолжена да го координира Ургентниот центар на Детската клиника за деца суспектни на коронавирусот.

    Децата се излекувани и веќе си се дома.

    Светската здравствена организација (СЗО) апелираше до сите клиники да бидат внимателни, откако Службата на Европската Унија за превенција од болести во четвртокот објави дека досега се регистрирани 230 случаи во Европа, а две деца од Франција и од Велика Британија починаа од новата животозагрозувачка болест кај децата. Директорот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом  ги повика сите клиники во светот да бидат внимателни, да бидат во контакт и да соработуваат со здравствените национални служби заради подобро запознавање со болеста.

    „Станува збор за редок синдром, за кој не се познати причините за заболување. Но, новите истражувања покажуваат дека коронавирусот би можел да биде еден од иницијаторите кои влијаат на негово појавување“, вели д-р Софијанова.

    Децата кои биле примени на Детската клиника во Скопје ги немале досега вообичаените познати симптоми на КОВИД-19. Имале температура, но, не многу висока и немале наод на белите дробови. Едното дете било тестирано на коронавирус и тестот бил негативен.

    Светските медиуми деновиве пренесуваат дека деца во САД, Велика Британија и други европски земји се погодени од ретко воспалително заболување што се поврзува со коронавирусот, при што се развиваат симптоми слични на синдромот на токсичен шок.

    Британските лекари минатиот месец биле предупредени да следат ретка, но опасна реакција кај децата. Ова уследи откако осум болни деца беа примени во болница во Лондон, од кои еден 14-годишник починал. Сите деца имале слични симптоми: силна треска, осип, црвенило во очите, отоци и општа болка, но повеќето немале големи проблеми со дишењето и белите дробови.

    Француските научници соопштија дека во една детска клиника во Париз меѓу 27 април и 7 мај се третирани 17 деца со симптоми слични на заболувањето Кавасаки, како што се отечени екстремитети, осип на кожата и срцев удар. Во Марсеј минатата недела починало деветгодишно дете кое било позитивно на тест на коронавирус, но не покажувало симптоми на КОВИД-19.

    Професор Софијанова вели дека пред околу дваипол месеци, педијатрите од  САД, Кина и Италија почнаа да пријавуваат  случаи на деца со симптоми на Кавасаки синдромот, кој иако ретко, обично се јавува кај деца од 3-9 години. Станува збор за синдром за кој симптомите се налик на испукани капилари по телото, а се лекува со кортико и со биолошка терапија, како и со хигиенско-диететски режим.

    Службата на ЕУ оваа болест ја регистрира како можна компликација од КОВИД-19, со укажување дека  треба внимателно да се следи, но сѐ уште не е докажано дали постои поврзаност со коронавирусот. За коронавирусот досега е познато дека е загрозувачки за повозрасните лица и лицата со хронични заболувања, додека за децата се смета дека се асимптоматски преносители.

    „Не треба да ја минимизираме опасноста од коронавирусот кај децата, вели професор Софијанова. Таа вели дека како претседателка на Здружението на педијатри од Македонија секојдневно е во комуникација со колегите од странство и преку вебинари ги следи нивните искуства со третманот на деца со симптоми кои е можно да се поврзани со коронавирусот. “За мене, како специјалист за детски болести, но и како научник, огромен е предизвикот да откриеме како да се справиме со овој досега непознат вирус и нашите сознанија да ги споделиме со колегите од другите светски педијатриски клиники“, вели професор Софијанова.

    Според Си-Ен-Ен, научници во болницата во Бергамо, во провинцијата Ломбардија во Италија, која беше најпогодена од новиот коронавирус, направија истражување за случаите на деца дијагностицирани со болеста Кавасаки и со новата „Кавасаки-лајк“ болест за период од 1 јануари 2015 до 20 април годинава.

    Тие утврдиле дека за пет години биле регистрирани  19 деца со Кавасаки болеста, а годинава, само од 17 март до 14 април има десет случаи, што се совпаѓа со периодот на пандемијата на коронавирусот. Според студијата, осум од десетте деца биле позитивни на тестот за коронавирусот, но предупредуваат дека двата останати негативни теста може да се лажно негативни, затоа што двајцата пациенти биле тестирани откако примиле голема доза на имуноглобин, кој можел да влијае на резулатот.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира