РЕТКО ВОСПАЛИТЕЛНО ЗАБОЛУВАЊЕ ГИ ПОГОДУВА ДЕЦАТА И СЕ ВЕРУВА ДЕКА Е ПОВРЗАНО СО КОРОНАВИРУСОТ

    РЕТКО ВОСПАЛИТЕЛНО ЗАБОЛУВАЊЕ ГИ ПОГОДУВА ДЕЦАТА И СЕ ВЕРУВА ДЕКА Е ПОВРЗАНО СО КОРОНАВИРУСОТЛекарите велат дека овој нов феномен е сличен на болеста Кавасаки, ретка состојба која главно погодува деца до петгодишна возраст (Фото: Шатерсток)

    Десетици деца во САД, Велика Британија и други европски земји се погодени од ретко воспалително заболување што се поврзува со коронавирусот, при што се развиваат симптоми слични на синдромот на токсичен шок.

    Во Велика Британија се погодени околу 100 деца, при што некои завршиле на интензивна нега, а други бргу заздравиле. Британските лекари минатиот месец биле предупредени да следат ретка, но опасна реакција кај децата.

    Ова уследи откако осум болни деца беа примени во болница во Лондон, од кои еден 14-годишник почина. Сите деца имале слични симптоми: силна треска, осип, црвенило во очите, отоци и општа болка, но повеќето немале големи проблеми со дишењето и белите дробови.

    Лекарите велат дека овој нов феномен е сличен на болеста Кавасаки, ретка состојба која главно погодува деца до петгодишна возраст, со тоа што сега има случаи на деца до 16 години.

    „Фактот што синдромот се појавил среде пандемијата на КОВИД-19 кажува дека овие две работи се поврзани“, изјави д-р Лиз Витакер, експерт за заразни болести и имунологија од Империјалниот колеџ во Лондон.

    Вакви случаи се пријавени и во Шпанија, Италија, Франција, Холандија и во 15 американски сојузни држави. Од 82-те деца со ова воспалително заболување во Њујорк, 53 имале позитивен тест на коронавирус или антитела.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира