ДВОЈКАТА ШТО ЈА ОРГАНИЗИРАШЕ ПРОСЛАВАТА НА 8 СЕПТЕМВРИ 1991, МИЛАН ТАЛЕВСКИ И ЈОВАН КЕКЕНОВСКИ

    ДВОЈКАТА ШТО ЈА ОРГАНИЗИРАШЕ ПРОСЛАВАТА НА 8 СЕПТЕМВРИ 1991, МИЛАН ТАЛЕВСКИ И ЈОВАН КЕКЕНОВСКИМилан Талевски и Јове Кекеновски како претставници на власта на Скопје живо се сеќаваат на секој детал од референдумот кој ја смени историјата на Македонија. (Фото: СДК.МК)

    25god

     

     

    Дваесет и пет години не избришале ниту делче од сеќавањата на првите луѓе на Скопје за време на осамостојувањето, Милан Талевски и Јове Кекеновски. Едниот беше претседател, а вториот потпретседател на Собранието на Град Скопје. Со денешен речник – градоначалник и заменик градоначалник.

    Тие живо се сеќаваат на секој детал од референдумот кој ја смени историјата на Македонија. За сеќавањата со репортерот на САКАМДАКАЖАМ.МК зборуваа заедно, исто како што пред четврт век ги носеле клучните одлуки на градско ниво. Активно учествувале во агитирањето, организирањето и реализацијата на референдумот, но и на прославата на Плоштадот Македонија по сумирањето на резултатите.

    Градоначалникот на Скопје Милан Талевски ги послужува претседателот на државата Киро Глигоров и премиерот Никола Кљусев со шампањско што спонтано го донел на прославата, оти немало никаков протокол (од архивата на Милан Талевски)

    Градоначалникот на Скопје Милан Талевски ги послужува претседателот на државата Киро Глигоров и премиерот Никола Кљусев со шампањско што спонтано го донел на прославата, оти немало никаков протокол (од архивата на Милан Талевски)

    „Тогаш немаше организација, немаше протокол, се беше оставено на моментот. Можеше да се случи само да плескаме со рацете на бината ако мене не ми текнеше да донесам шампањско“ раскажува Милан Талевски. „И не само шампањ, ни текна да донесеме и чаши. Шампањот беше македонски, Повардарски бисер, а не како што се зборува Фрушкогорски бисер. На шишето имаше специјална налепница на која пишуваше ’Трет Илинден’, ја имав подготвено порано. Но се случи јас да се качам на бината од една страна, од кај МЕПСО, а Јове, заедно со министрите да се качи од страната на ресторанот ’Метропол’. И нив им текнало да земат шампањско, земале Фрушкогорски бисер оти тоа се нашло во тој момент во ресторанот, па така на бината се створија две шишиња. Фрушкогорскиот бисер го отвори Кљусев. Пукна тапата и тој остана со шишето в раце, немаше чаши, а не оди да се напие од шише. На другата страна од бината ние го отворивме Повардарскиот бисер, ставивме во чаши кои на послужавник ги донесовме од Градот. Го држеше Ристо, возачот во Градот. Кога виде дека Кљусев отвори друг шампањ, сосе чаши почнаа да му се тресат рацете, не знаеше што да направи. Тогаш му реков да послужи и тие што беа најблиску земаа по една чаша. Немаше за сите, само осум чаши донесовме, се гледа и на сликите“, вели Талевски.

    mile_2

    „Да не бев јас, немаше да имаат ни чаши, најдовме 8 чаши и ги донесовме – не оди претседател и премиер да пијат шампањско од шише“, се смее првиот градоначалник на Скопје во независна Македонија Милан Талевски (Фото: СДК.МК)

    Тогашниот потпретседател на Собранието на Град Скопје, Кекеновски вели дека за славењето ништо не било подготвено од претходниот ден. Се се случило во неделата, на денот на референдумот.

    „Во тоа време само ВМРО-ДПМНЕ гласно и јавно зборуваше и се залагаше за самостојна и суверена Македонија. Останатите или молчеа, или беа отворено против осамостојувањето. Ние имавме задача да ја афирмираме идејата и да агитираме кај нашето членство да се излезе на референдумот. Многу беше важно и да ги извадиме Албанците на гласање, тие тогаш не излегуваа. Клучна беше излезноста. На денот на референдумот на секои два часа ги обиколувавме 70 – те гласачки места во петте скопски општини, Центар, Кисела Вода, Карпош, Гази Баба и Чаир. Штабот од каде се координираше работата беше сместен во Општина Центар, кај тогашниот претседател Владе Богдановски и претседателот на Извршниот одбор на општината Мевљан Таири.  Задолжени бевме да го следиме гласањето, да внимаваме да не има инциденти, но се мина мирно. Веќе околу 16 часот, големата излезност покажа дека резултатот ќе биде позитивен, па дури тогаш почнавме да се спремаме за прослава“, вели Кекеновски.

    Подготовските за славењето почнале по 17 часот. Тогаш била ангажирана Културно просветната заедница на Град Скопје. Талевски го побарал директорот Мирко Стефановски и договориле да почне поставување на бината.

    „До 18 часот на плоштадот немаше ништо. Само по некој што излегол да се прошета па патот го однел таму. Луѓето почнаа да се собираат кога почна да се поставува бината. Таа беше готова околу 21 часот. Ние имавме набавено една бина и си ја местевме на плоштадот секогаш кога имаше потреба. Тоа беше едноставна бина, во парчиња. Како многу маси, споени, не како денешниве. Веќе околу 22 часот плоштадот беше преполн. Реки народ се слеваа од сите страни. Јас пак бев во штабот во Центар каде што ги обработувавме податоците. Околу 22.30 веќе ги имавме сите резултати и јас со ливчето в раце тргнав на плоштад. По онаа калдрмисана улица која минуваше пред денешно МЕПСО ме сретнаа репортери на Македонското радио и ме прашаа дали сме ги сумирале резултатите. Јас им ги прочитав, ливчето ми беше в раце, па така слушателите на Македонското радио први ги слушнаа резултатите. Дури потоа отидов на бината. Одвај се пробив оти плоштадот веќе беше преполн со луѓе, насмеани, еуфорични, дојдени да слават“, се сеќава Талевски.

    Штабот за следење на референдумот заседава во просториите на општина Центар. Кога во 16 часот заклучиле дека излезноста е голема и дека референдумот сигурно ќе успее, првите луѓе на градот одлучиле набрзина да организираат прослава на Плоштадот Македонија што тогаш се викаше Маршал Тито (од архивата на Милан Талевски)

    Штабот за следење на референдумот заседавал во просториите на општина Центар кај тогашниот претседател Владе Богдановски и претседателот на Извршниот одбор на општината Мевљан Таири. Кога во 16 часот заклучиле дека излезноста е голема и дека референдумот сигурно ќе успее, првите луѓе на градот одлучиле набрзина да организираат прослава на Плоштадот Македонија што тогаш се викаше Маршал Тито (од архивата на Милан Талевски)

    Нешто пред полноќ, претседателот на Републичката комисија за спроведување на референдумот од бината ги соопштил резултатите, по него претседателот на државата Киро Глигоров ја прогласил независноста, а неговите зборови предизвикале скандирања и долги аплаузи со кои почнала општа веселба.

    (АРХИВСКАТА СНИМКА ОД ПРОСЛАВАТА ПОГЛЕДНЕТЕ ЈА НА СЛЕДНИОТ ЛИНК):

    http://sdk.mk//index.php/naslovna/pritisni-malku-za-makedonija-arhivska-video-snimka-od-proglasuvaneto-na-nezavisnosta-na-8-septemvri-1991-godina/

    Кекеновски се сеќава дека славењето го продолжиле во кафулето „Тифани“ каде што останале до рани зори. Не славеле само политичарите. Се славело во секој дом, во секоја кафеана, во секој објект во градот.

    „Тоа беа сосема поинакви времиња. Идејата за самостојност ни беше главен двигател. Тогашното ВМРО е тотално различно од ова денешното. Се разликуваат како небо и земја. Тогаш од 36 одборници во Градот, колку што бевме од ВМРО само шест бевме со високо образование. Никој не сакаше да биде одборник. Луѓето бегаа од таква обврска. Сосема спротивно од денес кога се тепаат кој да биде ставен на листата“, вели Кекеновски.

    mile_3

    Додека Талевски, електроинженер, е надвор од политиката, Кекеновски вели дека тогашниот ентузијазам го има и денес (од приватната архива на Милан Талевски)

    Талевски ги потврди неговите зборови и дополни дека тогаш надоместокот бил околу 2.000 денари, не можеле ни 100 марки да купат со парите што ги добивале, па на таа работа се нафаќале само ентузијасти и луѓе со силна верба дека можат да сменат нешто.

    Додека Талевски, електроинженер, е надвор од политиката, работи во МЕПСО, Кекеновски вели дека тогашниот ентузијазам го има и денес. Се подготвува, заедно со истомислениците, да ја врати вербата во вистинските идеали на партијата ВМРО-ДПМНЕ, за кои вели дека последниве години се целосно заборавени.

    „ Го изгнасија светото име ВМРО, но јас сум решен да направам се за овој период да се запамти како најцрна дамка во историјата на партијата и на државата“, вели Јове Кекеновски

    „ Го изгнасија светото име ВМРО, но јас сум решен да направам се за овој период да се запамти како најцрна дамка во историјата на партијата и на државата“, вели Јове Кекеновски

    „Партијата место да ги обединува луѓето стана средство за нивно разединување. Тогаш членовите на партијата беа луѓе задоени со идејата за самостојност и сувереност, денес нема идеологија, има само интерес. Го изгнасија светото име ВМРО, но јас сум решен да направам се за овој период да се запамти како најцрна дамка во историјата на партијата и на државата. Ќе го вратиме ВМРО на основните идеали, а овој нелегитимен начин на управување со државата и бесрамно манипулирање со свеста на граѓаните ќе биде минато. Ова што ни се случува сега го гледам како еден меур од сапуница. Голем е, ќе пукне, а потоа голем е предизвикот партијата да се консолидира, да се департизира државата, да се децентрализира партијата, да се направи ВМРО-ДПМНЕ кое нема да разединува по сите основи туку ќе го обединува народот. Видов дека тоа не може да се направи од внатре иако имам многу истомисленици, па затоа ќе го направам од надвор. На изборите ќе настапиме како здружение на граѓани и убеден сум дека ќе направиме голема разлика од досегашните избори“, вели Кекеновски.

    Тој од Талевски доби ветување дека, ако ништо повеќе, уредно ќе ги документира сите настани, на ист начин како што ги документирал и настаните од осамостојувањето за што веќе направил мала приватна библиотека. И оваа прослава на осми септември помина без него, исто како и претходните. Иако е кандидат за претседател на здружение на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ, тој не добива покани за прославите. Не го канат на официјалните прослави ниту градските власти.

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира