ЕТНИЧКА ТУРЧИНКА ЕЛИМИНИРАНА НА КОНКУРС ЗА НАСТАВНИЧКА ВО РАДОВИШКО УЧИЛИШТЕ СО ТУРСКИ ПАРАЛЕЛКИ, ИЗБРАНАТА Е СО КУРС ПО ТУРСКИ А2 НИВО

    ЕТНИЧКА ТУРЧИНКА ЕЛИМИНИРАНА НА КОНКУРС ЗА НАСТАВНИЧКА ВО РАДОВИШКО УЧИЛИШТЕ СО ТУРСКИ ПАРАЛЕЛКИ, ИЗБРАНАТА Е СО КУРС ПО ТУРСКИ А2 НИВОКомисијата за заштита и спречување од дискриминација утврдила дискриминација врз основа на етничка припадност, кон етничка Турчинка која се пријавила на огласот. (Фото: илустрација)

    На оглас за наставничка по англиски јазик за турски паралелки, во основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ во Радовиш по вторпат е избрана и вработена кандидатка Македонка, и покрај тоа што еднаш Комисијата за заштита и спречување од дискриминација утврдила дискриминација врз основа на етничка припадност, кон етничка Турчинка која се пријавила на огласот.

    По насоки на Комисијата, училиштето го повторило огласот, но училишниот одбор во состав од тројца тамошни наставници, повторно ја избрал Македонката. Таа била на курс по турски јазик во Радовиш, со минимално А2 ниво на познавање.

    Според Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта, што радовишкото училиште го прекршил, „Наставник во основно и средно училиште може да биде лице кое го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот и писмото на кој ќе ја изведува наставата“.

    Ова значи дека предност имала подносителката на претставката, чиј мајчин јазик е турскиот.

    Државниот просветен инспекторат пред Комисијата за антидискриминација се изјаснил дека немал надлежност да се меша во тестирањето на кандидатките. Кај Бирото за развој на образованието, пак, единствените советници од турска националност отишле во пензија, па немало кој да отиде на настава да провери како избраната наставничка сега им предава на турските паралелки и како комуницира со децата на турски јазик со А2 ниво.

    Подносителката на претставката во Комисијата за антидискриминација, имала склучено договор со училиштето за 8 часа неделно да предава англиски во турските паралелки. Се пријавила на првиот оглас лани, бидејќи вкупно имало 80 часа англиски за турските паралелки, за што биле потребни 4 наставници.

    На барање на Комисијата за антидискриминација, Државниот просветен инспекторат извршил увид за првиот оглас и во декември констатирал дека бил извршен неправилен избор на кандидат по англиски јазик, со тоа што училишниот одбор постапил спротивно на Законот за основно образование и на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта.

    Законот за основно образование во овој случај е прекршен во членот 10, кој вели: „За учениците на припадниците на заедниците кои следат настава на јазик различен од македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, воспитно-образовната работа се изведува на јазикот и писмото на соодветната заедница“.

    Со ова е повредено и уставно загарантираното право на образование на мајчин јазик.

    ДПИ констатирал дека директорката пропуштила да формира комисија што ќе изврши тестирање на кандидатите за познавање на македонскиот и на турскиот јазик. Ја задолжил да го повтори огласот на кој била избрана наставничката Македонка.

    Случајот го води Лимко Бејзароски, член на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КСЗД).

    „Новата директорка на училиштето ‘Крсте Петков Мисирков’ постапи по насоките на КСЗД и на Просветниот инспекторат, и таа ја повтори постапката со запазување на законската процедура. Формирала комисија од двајца наставници по македонски и еден од турска националност, сите вработени во училиштето. Се пријавиле истите две кандидатки. Двете го положиле тестот, но повторно ја избрале Македонката, чиј мајчин јазик како што бараат законите, не ѝ е турскиот. Процесно, постапката овојпат е во ред, како што бараше КСЗД. Но прашањата – како со курс по турски во Радовиш и А2 ниво познавање избраната кандидатка се разбира со учениците од турска националност, како ги одговориле точно прашањата на тестот и каков е квалитетот на нејзините предавања, не се во надлежност на Комисијата. Бирото за развој на образованието вели дека во моментов нема советник од турска националност да изврши увид во овие работи. Кај мене остана дилемата – дали примената наставничка чиј мајчин јазик е македонскиот, повеќе го знае турскиот од противкандидатката етничка Турчинка?“, вели Бејзароски.

    Затоа тој гласал „против“ кога Комисијата колективно изгласала да се запре постапката, со констатација дека радовишкото училиште на повторениот оглас ја запазило процедурата со тестирање.

    Постапката е запрена, кандидатката чиј мајчин јазик е турскиот, правдата не ја истера.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира