Финансиските друштва за брзи кредити кои никој не ги контролира како и кому ги даваат парите, станаа кошмар за граѓаните кои иако никогаш не зеле таков кредит, добиваат известување дека треба да враќаат суми со високи лихварски казни за неплатен долг. За 7 месеци во МВР има 65 пријави за ваквиот грабеж.
Како што дознаваат дека некој ги задолжил крадејќи им го името, презимето, матичниот број и адресата, и дека должат пари за кредит што не го зеле, оштетени граѓани пријавуваат во МВР. Има и такви кои не знаат дека некој им ги злоупотребил личните податоци и допрва дознаваат и пријавуваат во полиција.
Има и такви оштетени граѓани кои од страв од камати, да не им затропа извршител на врата или да не добијат тужби пред суд, веднаш ги плаќаат долговите кои не се нивни и не пријавуваат никаде.
„Вкупниот број на пријавени случаи за злоупотреба на лични податоци и извршени незаконски дејствија на финансиските друштва за т. н. брзи кредити, без проверка на документи за лична идентификација на барателите на средствата, за периодот од 01.01.2023 година до 30.07.2023 година изнесува 65 случаи“, вели статистиката на МВР која ја побара САКАМДАКАЖАМ.МК .
Додатно, во периодот јануари-февруари 2023 година, на територијата на државата регистрирани биле 27 кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, за кои по преземени мерки и активности кривични пријави добиле 23 сторители.
„Во 2022 година, евидентирани се 43 случаи на измами со брзи кредити, во врска со кои по преземени мерки и активности до надлежните ОЈО поднесени се 16 кривични пријави и 24 писмени известувања, при што во рамките на расветлените случаи пријавени се 24 сторители, а поднесено е и едно известување до оштетено лице за поднесување на приватна тужба против откриен сторител“, велат споредбените податоци од полицијата.
Додека МВР, како и Народниот правобранител потенцираат дека овие злоупотреби се прават со помош на финансиските друштва, Министерството за финансии, надлежно со Закон дека тоа треба да ги врши контролите во работењето на овие друштва, и натаму смета дека овие измами не се негова надлежност.
Додека инспекторите не излегуваат во контрола, измамите со злоупотреба на туѓи лични податоци при земање брзи кредити тотално излегоа од контрола.
Во 2021 година, на територијата на државата регистрирани се 142 кривични дела за злоупотреба на лични податоци, за кои по преземени мерки и активности кривично се пријавени 67 сторители, додека во 2022 година регистрирани се 125 кривични дела и мерки на кривичен прогон се преземени против 76 сторители.
Две од тие жртви на измамници со брзи кредити зборуваа за САКАМДАКАЖАМ.МК и тие поднеле претставки пред Народниот правобранител. Едната жртва е лице со тешка попреченост (церебрална парализа), кого измамниците го нашле на Фејсбук. Со неговата лична карта, и покрај тоа што родителите ја поништија и за тоа ги иозвестија финансиските друштва, тие продолжија на измамниците да им одобруваат брзи кредити со неважечката лична карта. На невидено, само со телефонско јавување или со е-пошта. Родителите од страв ги вратиле долговите, но за последниот кредит што финансиското друштво му го одобрило на измамникот/измамниците, тие повеќе немаат пари да го вратат. Исплашени, чекаат извршител или тужба и бесуспешно ја молат државата да ги заштити.
Во другиот случај, на медицинска сестра од скопска болница, додека на работа била со пациенти, некој ѝ ја зел ташната, го нашол новчаникот со личната карта, ја сликал, и сè вратил назад на место. По неколку месеци таа доживува шок – ѝ стасува известување дека треба да врати долг на финансиско друштво во висина од 165.000 денари, брз кредит која таа никогаш не го барала и не го зела.
С. К. ДЕЛЕВСКА