НОВА ЖРТВА НА ИЗМАМИТЕ СО БРЗИ КРЕДИТИ СО УКРАДЕНИ ЛИЧНИ КАРТИ, МЕДИЦИНСКА СЕСТРА ОД СКОПЈЕ ТРЕБА ДА ВРАТИ 163.000 ДЕНАРИ КРЕДИТ ШТО ДРУГ ГО ЗЕЛ НА НЕЈЗИНО ИМЕ

НОВА ЖРТВА НА ИЗМАМИТЕ СО БРЗИ КРЕДИТИ СО УКРАДЕНИ ЛИЧНИ КАРТИ, МЕДИЦИНСКА СЕСТРА ОД СКОПЈЕ ТРЕБА ДА ВРАТИ 163.000 ДЕНАРИ КРЕДИТ ШТО ДРУГ ГО ЗЕЛ НА НЕЈЗИНО ИМЕОоштетената разбрала дека клима-уредот на нејзино име бил купен онлајн и дека брзиот кредит веројатно не е даден на измамникот лично, туку средствата се префрлени директно на онлајн-продавницата. (Фото: СДК.МК)

Анета Петровска, медицинска сестра вработена во една од најголемите државни болници во Скопје, на која ѝ се украдени податоците од личната карта, е уште една жртва на неконтролираниот криминал со брзите кредити, па за кредит што некој го зел на нејзино име сега треба да врати 162.854 денари.

Петровска во шок пријавила во Единицата за економски и компјутерски криминал во МВР, но и кај Народниот правобранител, каде со претставката се жали дека полицијата не ја известила што е со нејзиниот случај, дали се најдени непознатите сторители кои подигнале брз кредит од финансиското друштво од Скопје.

Народниот правобранител, застапуван од заменичката Сузана Салиу, му пиша на МВР, бара одговор во рок од 8 дена.

„Подносителката во својата претставка објаснува дека на 20.04.2023 била повикана на службен разговор во СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал во врска со поднесена кривична пријава од нејзина страна. Во меѓувреме, најверојатно поради неажурност на надлежните полициски органи за расчистување на случајот, именуваната на ден 19.06.2023 година добива Решение за издавање на нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, со кое таа е задолжена да му плати на доверителот финансиското друштво од Скопје пристигнато парично побарување во износ од 162.854 денари главен долг, и тоа во рок од 8 (осум) дена“, пишува Салиу во дописот до МВР.

Со дописот таа, меѓу другото, бара информација од МВР дали е донесена мерка за запирање на постапката за наплата на долг пред финансиско друштво од Скопје?

„Кои мерки и дејствија се преземени по поднесената пријава, поради кои причини 3 месеци по поднесувањето на пријавата, лицето Анета Петровска нема никакви информации за преземени мерки и активности од ваша страна, дали постојат основи на сомневање дека е сторено кривично дело ‘Злоупотреба на лични податоци’, казниво по член 149 од КЗ на РМ, ако е има основи, дали е доставено известување до надлежното обвинителство, дали се откриени можните сторители на кривичното дело, дали е донесена мерка за запирање на постапката за наплата на долг пред финансиско друштво од Скопје?“, се одговорите кои ги бара Омбудсманот од МВР.

Петровска вели дека нема да го плати долгот, макар и да заврши на суд. Нема ни пари за да покрива криминал овозможен од државата, односно од Министерството за финансии надлежно да ја врши контролата врз финансиските друштва, а ги пуштило да ограбуваат граѓани без контрола кому даваат брзи кредити и на чии податоци од лични карти.

„Во просторијата кај што ни стојат личните работи, некој(а) лани во јуни ми ја зел ташната, ја нашол во паричникот личната карта и ја сликал(а).  Ја вратил потоа внатре. Јас имав работа преку глава тој период, ме немаше цели два часа во просторијата, која патем не е заклучена. Тој или таа што ги зеле моите податоци, име, презиме и матичен број, веднаш подигнале т. н. брз кредит, кој како што дознав подоцна кога ме викнаа во полиција, бил за скап клима-уред. Дале кредит замислете на невидено, со моите лични податоци!“, кажува Петровска.

Кога била викната во МВР, таа видела дека полицијата успеала да дојде до разговори на барателите на кредити во споменатото финансиско друштво. Но таа не успеала да го препознае гласот на измамникот, односно измамничката кои се претставиле во нејзино име и се сомнева дека гласот е прикриен.

По подигањето на кредитот во финансиското друштво, вели Петровска, се јавил маж кој се претставил како „сопруг на Анета Петровска“, за да праша: „Дали некој го отплаќа нејзиниот кредит?“.

Во меѓувреме, додека трае полициската истрага, кредитот е затворен, бидејќи никој не го отплатил 50 дена. Финансиското друштво се обратило кај нотар, решението за да го плати веднаш го добила Петровска на 19 јуни.

Од она што го знае оштетената, клима-уредот бил купен онлајн. Веројатно брзиот кредит не е даден на рака, туку средствата се префрлени на онлајн-продавницата директно. И, како што е шемата со овој распространет криминал со брзите кредити кои никој не ги контролира, потоа карго-превозот ја остава стоката на улица, на неутрален терен. Домашна адреса измамниците не оставаат, а тоа за продавниците и за карго-превозот воопшто не е важно.

Истото му се случи и на скопјанецот Љ. И. со тешка церебрална парализа, чии родители веќе отплатија 3 големи кредити земени од финансиските друштва со злоупотреба на податоците од неговата лична карта од сè уште неидентификувани измамници. За четвртиот достасан кредит тие немаат пари да го вратат, целата заштеда за синот планирана да му остане по нивната смрт ја потрошија за кредити што никогаш не ги зеле.

За овој случај, Министерството за финансии го извести Народниот правобранител дека нема надлежност за гонење за измамите со брзи кредити туку тоа е проблем на МВР.

Народниот правобранител Насер Зибери во повратниот допис бараше Министерството за финансии да не се крие зад МВР и да не ги меша надлежностите.

„Да извршите инспекциски надзор и да утврдите фактичка состојба – дали при издавањето брзи кредити од конкретните финансиски друштва биле почитували или не одредбите од Законот за финансиски друштва и од Законот за заштита на потрошувачите, при склучувањето на договоти за таквите кредити! Да проверите кога и на кој начин биле издавани поединечните кредити, потоа дали, кога и од кое лице како корисник на кредит биле потпишани, како била извршена нивната исплата, на кој начин и на чија сметка, дали начинот на исплата е во согласност со позитивните законски прописи и крајно – зошто во случајот биле издавани кредити кога сите финансиски друштва од адвокатката на подносителката на претставката, соодветно биле информирани да престанат со издавање кредити со неважечка лична карта!“, му пишува Народниот правобранител на Министерството за финансии, водено од министерот Фатмир Бесими.

Во дописот му се укажува на Министерството дека е единствен надлежен орган за да го испита работењето на финансиските друштва, истото што за САКАМДАКАЖАМ.МК го изјавија и од кабинетот на гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.

Секојдневно се јавуваат нови жртви на измамници со кражба на личните податоци. Министерството за финансии не воспоставува ред, па оштетените, а и целата јавност, веќе тврдат дека станува збор за намерно допуштена шема за грабеж на недолжни граѓани. Сомнежите се подгреани најмногу поради фактот дека во најголем дел сопственици на овие финансиски друштва врз кои, за жал, контрола нема Народната банка, се на политичари и бизнисмени-бивши политичари, или нивните деца.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира