ИСЕЛЕНИЦИТЕ МОРА ТРИ ПАТИ ДА ПАТУВААТ ИЛЈАДНИЦИ КИЛОМЕТРИ ЗА МАКЕДОНСКИ ПАСОШ, ПРОЦЕДУРАТА ТРАЕ ЦЕЛА ГОДИНА

    ИСЕЛЕНИЦИТЕ МОРА ТРИ ПАТИ ДА ПАТУВААТ ИЛЈАДНИЦИ КИЛОМЕТРИ ЗА МАКЕДОНСКИ ПАСОШ, ПРОЦЕДУРАТА ТРАЕ ЦЕЛА ГОДИНАМНР вели дека инсталира вкупно 15 базни станици за пријавување, сликање и за издавање македонски пасоши во конзулатите со најголема концентрација иселеници. (Фото: К. Попов)

    Вадењето македонски пасош во дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) низ светот е авантура која трае со месеци, години. Процедурата за вадење македонска патна исправа во моментов трае долго и за жителите на Македонија, но неколкукратно е посложена за македонските државјани кои живеат во странство.

    Македонски државјанин од Вашингтон кому пролетва му истече важноста на патната исправа, тргнува да вади нова. За почеток сака да се информира на веб страната на амбасадата на Македонија во САД. Но, место амбасадата, на тој линк сега е јапонска компанија за телефони. Вели, ако не знаев да отворам на сајтот на МНР и оттаму да го најдам бројот на нашата амбасада, ќе барав на Википедија.

    Кога ќе го најдете бројот на амбасадата во Њујорк, се јавувате. Оттаму ви велат дека мора да одите да се пријавите за пасош во ДКП во Њу Џерси, зашто таму доаѓала мобилната станица-лаптоп од Македонија. Таа е единствена за нашите иселеници од целиот свет. Лаптопот патува со авиони.

    Пријавувањето мора да биде лично, со физичко присуство. Не можете по телефон. За да отидете во Конзулатот во Њу Џерси да се пријавите, треба да земете слободен ден. Ако сте иселеник кој треба да вади пасош за детето, треба двајцата родитела да се присутни. Освен трошоците за пат (зависно од која сојузна држава патувате), ви се одбива и дневница од платата.

    Во Њу Џерси на првото доаѓање се пријавувате на листата на чекање. Зависно од тоа колку македонски државјани со истечен пасош имало пред вас на листата за чекање, толку и ќе чекате. Ако дошле многу, се чека и 1 година да ве сликаат кога ќе слета лаптопот од Македонија. А тој доаѓа отприлика на 6 месеци. Дотогаш сте без патна исправа, така живеете и работите, не можете никаде да патувате. Ви нудат опција – привремена патна исправа која се вади и амбасадата, но трајноста ѝ е само еден месец и чини околу 40 долари.

    Со неа патувате на ризик, не знаете која држава ќе ве пушти, која не.

    Кога ќе дојдете на ред и ќе ви се јават, одите вторпат во Њу Џерси, за да ве сликаат. Тогаш лаптопот „ви зема“ и отпечатоци. Пак плаќате за патување, земате слободен ден, губите дневница.

    Лаптопот лета назад за Македонија. По неколку месеци доаѓа пасошот. Ви се јавуваат од Конзулатот да си го земете. По третпат за еден пасош правите патни трошоци од својот џеб, земате слободен ден, губите дневница. За викенд не работи конзуларното претставништво.

    Ако се работи за дете, тоа се дупли трошоци, губење дневници, двајцата родители земаат слободен ден по трипати дури извадат пасош за детето.

    По јавување на иселеници во редакцијата, САКАМДАКАЖАМ.МК се обрати до Министерството за внатрешни работи (МНР), со прашање до кога ќе се малтретираат на овој начин иселениците низ светот и кога ќе се поедностави и убрза процедурата за вадење пасоши која е агонија и трае и до една година.

    МНР вели дека во моментов инсталира девет, плус дополнителни шест базни станици за пријавување и за сликање, но и за издавање на македонски пасоши, во конзулатите каде имаме најголема концентрација на наши луѓе во светот.

    Тоа, според одговорот што го добивме оттаму, е најава дека наскоро завршува ерата на лаптопот што леташе од Македонија низ континентите и назад, иако таков дециден одговор не добивме.

    „Со цел да се упрости и забрза постапката за поднесување барања и издавања на пасоши во нашите ДКП во странство, во тек е инсталирањето на 9 базни станици во конзулатите каде што има најмногу апликации за пасоши (вклучувајќи ги и прекуокеанските земји). Подоцна ќе се инсталираат и дополнителни 6 мобилни станици, кои ќе бидат пратени до одредени ДКП во зависност од интересот за аплицирање за пасоши“, одговори МНР на прашањето од САКАМДАКАЖАМ.МК кога ќе се поедностави процедурата за вадење македонски пасоши од странство, но не се лаптопот и не со доаѓање во Македонија за оваа цел.

    Базните станици се пред неколку дена од МНР земени во МВР. Се очекува во наредниот период да бидат инсталирани во ДКП и да бидат ставени во функција, тврди МНР.

    „За ова припадниците на дијаспората ќе бидат благовремено информирани преку нашите ДКП. Во меѓувреме, соодветни лица од МНР веќе беа на обука во МВР, со цел да се запознаат со надградбата на информатичките системи на базните станици кои треба да се инсталираат во ДКП“, ни рекоа од Министерството.

    Лаптопот патува квартално, оваа година биле реализирани два периода во Европа. Од генералните конзулати во Њујорк и во Торонто реализирани биле фотографирања на пријавените апликанти за пасоши во САД, односно Канада, вели МНР. Поради пандемијата и рестриктивните мерки од повеќето држави (рестриктивни мерки за влез, ПЦР тестови, карантини и слично), лани мобилните екипи реализирале само два периода, главно во Европа, како и во САД и Канада.

    „Поради многу строгите услови за патување, во Австралија и Нов Зеланд не беа реализирани планираните патувања во овие држави минатата и оваа година“, вели МНР.

    Во ДКП на Македонија во Европа веќе биле пратени изготвените пасоши за да им се дадат на апликантите. До ДКП во САД и Канада за првиот реализиран период се пратени изготвените пасоши за врачување на апликантите, додека готовите пасоши за вториот период ќе бидат доставени во текот на следната недела, уверуваат од Министерството.

    И МВР во одговорот потврди дека во координација со МНР, веќе работи на осмислување на нова методологија за надминување на досегашната процедура, во рамки на што е и поставувањето на десетина фиксни станици за аплицирање во центри низ Европа и светот.

    „Во таа насока е формирана и посебна стручна група од двете министерства за олеснување на начините на поднесување на барањата и издавање на патните исправи преку македонските дипломатско-конзуларни претставништва, за што јавноста наскоро ќе биде информирана“, вели МВР.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира