ЈОРДАН МИЈАЛКОВ МЕ ПРОТНА В КУЈНА ЗА ДА ИЗВЕСТУВАМ, РАСКАЖУВА АНА ПАНОВСКА ЗА ДЕНОВИТЕ КОГА СЕ РАСПАЃАШЕ ЈУГОСЛАВИЈА

    ЈОРДАН МИЈАЛКОВ МЕ ПРОТНА В КУЈНА ЗА ДА ИЗВЕСТУВАМ, РАСКАЖУВА АНА ПАНОВСКА ЗА ДЕНОВИТЕ КОГА СЕ РАСПАЃАШЕ ЈУГОСЛАВИЈАНовинарката Ана Пановска како одговорен уредник на информативната програма на МТВ од крајот на 1990 до почетокот на 1994 година ги сподели спомените од Денот на референдумот и сите настани што му претходеа. (Фото: приватнна архива)

    dsc_0062

    25god

     

     

    Новинарката Ана Пановска беше одговорен уредник на информативната програма на МТВ од крајот на 1990 до почетокот на 1994 година. Таа за САКАМДАКАЖАМ.МК ги сподели спомените од Денот на референдумот и сите настани што му претходеа, како и тоа што се случуваше подоцна, се до приемот на Македонија во ОН во 1993 година. Раскажува за организирање на преносот од прославата на независноста на 8 септември по прогласувањето на резултатите, иако настанот воопшто не бил планиран и за преговорите што меѓу претседателите на тогаш југословенските републики се водеа во вилата „Билјана“ во Охрид, каде што била раководител на ТВ пулот.

    Колегиумот на Информативната програма на МТВ во деведесттите

    Колегиумот на Информативната програма на МТВ во деведесттите

    ОВДЕ ВРИЕ ОД НАРОД!

    Една власт заминува, друга доаѓа. Првата попарена, втората збунета, сè уште неосоколена. Парламентот, пата-пата. Убаина! Време родено за слободно и независно новинарство, просто од романтичарски вид. Политичките „капиталци“ не можеа да сметаат на твојата употребливост. Немаа сила  да те натераат да одбираш страна, па, така, немушто (консензуално) се согласија: нека не биде ни наша, ама да не биде ни ваша. Отворен мегдан за златните години на МТВ, кога имаше креација, храброст и брзина во вртоглавите настани што се случуваа.

    Леле, кога поминаа 25 години!Прогласена е независноста на Република Македонија. Ние добро си ја завршивме работата. Приквечер, вообичаениот состанок со уредниците за проверка на подготвените материјали и  финиширањето на Дневникот. Ги чекаме уште анкетите со граѓаните, да ги вклопиме во Дневникот и затвораме дуќан. Во тоа договарање доаѓа еден од репортерите и ми вели дека на Плоштад почнува да се собира народ. Останавме зачудени. Немавме никакви информации дека нешто ќе има. Новинарите се растрчаа, почнавме да вртиме телефони да не нешто не сме разбрале. Ништо. Во Владата, службите не знаат, од Собранието исто. Испративме репортер, тој што ни беше пред очи, веднаш да види што е таа работа и да нè информира. Набргу се јави и рече: „Овде врие од народ“. Ау, сега што правиме? Добро, ќе снимаме со камера, ама ако излезе нешто големо? Ако се појават претставници на Владата, Собранието, Претседателот… Па, ако има некои говоранции… што да правиме? Со Слободан Трајковски, тогаш директор на МТВ, се проверувавме; да ги покренеме огромните репортажни коли за да правиме пренос, но да не излезе некоја пијана работа…Ама, ако биде, пак, нешто големо? Нема мислење! Тргајте! Падна наредба и репортажните коли стасаа навреме за камерите да го регистрираат доаѓањето на претседателот Киро Глигоров, претседателот на Владата Никола Кљусев и други министри на бината и да го „фатат“ пукањето на шампањското, со огнометот во заднината, таа историска снимка која, без лажна скромност, ја доживувам со голема гордост.

    Ана Пановска со пратеници во Собранието на Македонија (од приватната архива на Пановска)

    Ана Пановска со пратеници во Собранието на Македонија (од приватната архива на Пановска)

    „ОНА ЈЕ НОВИНАР, АЛИ ЈЕ ДАМА“, МЕ СПАСИ ТУЃМАН ОД МИЛОШЕВИЌ

    Тешко и многу одговорно беше да се води информативната програма во тоа време.  По бившите простори на Југославија веќе се остреше оружјето. Последниот  обид  да не дојде до крвопролевање беше во Охрид. Состанок на претседателите и на членовите на Претседателството од секоја република, со нивните тимови. Се правеше обид да се направи некој лабав сојузен устав,  кој на некој начин ќе ги респектира декларациите за независност на републиките. Затворени во вила „Билјана“ како под опсада. Не смееше пиле да прелета. Новинарските екипи од сите ТВ-центри и од поголемите светски телевизии распослани по терасите на хотелот „Парк“, каде што беше нашиот пул за опслужување на сите екипи: монтажи, линкови за испраќање на извештаите и коментаторски места за  преносите од прес-конференциите. Сè стокмено за одлично да функционира. Арно, ама, од вилата „Билјана“ ‒ штама. Затворени како во логор во кругот на хотелот „Парк“, новинарите почнаа да стануваат нервозни.

    Доаѓаа кај мене, како шеф на пулот, и попреку ме гледаа: како тоа да се нема начин да се дојде до некаква, каква-таква информација? И јас вриев и станував нестрплива! Кога, во прес-центарот однекаде се појавија Јордан Мијалков, министер за внатрешни, и Ѓорги Наумов министер за правда, а беа баш добро расположени. Знаат ли што се случува? Не. Може ли некако да се пробијам до вилата „Билјана“, онака, инкогнито? Не. Ниеден новинар, а уште помалку одговорен уредник не смее да се протне. Разочарано, налутено и кавгаџиски ги гледав, кога Мијалков шеретски ми рече дека тоа хипотетички е можно „ако патот ти го отвори министерот за внатрешни, па уште и министерот за правда“.

    Не чекав многу, го сфатив ишаретот и по неколку минути со полициско возило во кое ме прошверцува Мијалков стасав и се проврев во вилата „Билјана“ и право во кујната, за оттаму да фатам бусија ако слезе некој од релевантните лица, кои сите беа на вториот спрат, за да му се закачам. Се расправаат, нешто наслушнувам. Во тој момент слезе Фрчко ‒ се стрчав да прашам што се случува горе. Тој не рече ништо, само ми кажа дека уште малку сите ќе слезат во салонот на пауза, па „тогаш ти е шансата да го ’нападнеш‘ Глигоров и да пробаш нешто да извлечеш“. Слегоа, а јас, куршум накај Глигоров. Тој кисел, нерасположен. „Работиме…“ Во тој момент во просторијата загрме гласот на Милошевиќ: „Господо, јел смо се договорили да не буде нико од новинара?“  Со пура и чаша виски во раката му кимна на неговиот човек, еден жолт, со коси очи, а тој тргна накај мене. „Стој!“, викна Туѓман, „полако, она је новинар, али је и дама“ и дојде до мене да ме испрати до вратата, шепнувајќи ми само: „Овде ништа не ваља!“ Со трчање се вратив во полициското возило, вознемирена од неуспешната акција да издејствувам некое суво заедничко соопштение, колку новинарите да си го прочистат грлото со извештај од еден така голем настан.

    Попладнето, на закажаната прес-коференција сите дојдоа, а само што Тупурковски, како домаќин, отвори уста да каже дека конференцијата почнува, некој му пристапи на Туѓман, нешто му шепна, тој стана и кажа дека неговата земја е во војна… Пакрац, мислам, спомна. Вознемирено се погледнаа со Месиќ и си заминаа. Тоа беше крај.

    Расправа со претседателот на СКМ-ПДП Петар Гошев во присуство на директорот на МРТВ Слободан Трајковски во Собранието на Македонија

    Расправа со претседателот на СКМ-ПДП Петар Гошев во присуство на директорот на МРТВ Слободан Трајковски во Собранието на Македонија

     

    СНИМАЈТЕ ЈА ЈНА КАКО ЗАМИНУВА, АМА НЕ ДИГАЈТЕ ТЕНЗИИ

    Во мојата новинарска кариера, поточно како одговорен уредник, само еднаш сум ја злоупотребила женската „неукост“, кога успешно се справив  со некојси,  чинам Кукањац, важен генерал со еден куп ѕвездички на рамената,  кој се „дрзна“ да даде наредба да се заплени видеокасетата од мојот дописник од Крива Паланка со снимката од нашите војници во ЈНА, кои дезертирале и си се построиле на плоштадот. Дописникот си снимил и стандардно си ја дал касетата на возачот на автобусот за да ја донесе во Скопје. На патот ги пресретнува воено возило и од возачот ја земаат касетата.

    Е, тогаш ќе побеснев. Моите колеги што служеле војска ме убедуваа дека не сум во право, дека така е во армијата, морало да се побара дозвола за да се снимаат војска и воени објекти. Тоа ми го рече и тој, генералот, кога телефонски разговарав со него и кога му се заканив дека Дневникот ќе го почнеме со оваа приказна, без разлика што немаме снимка.

    Добро ги знаев прописите и знаев дека сите тие ограничувања важат само за внатрешноста на касарните, а не за плоштадот на едно македонско гратче на кои некои млади луѓе стојат „построени“. „Ама, тоа се војници на ЈНА, јас сум нивни генерал“, ми свика дотичниот, а јас одлепено му реков: „Ако си генерал и ако си ербап, да си ги држиш војниците во касарна, како што јас си ги чувам моите деца дома!“

    По половина час касетата беше кај мене на маса. Извештајот го пуштивме во вториот дел од Дневникот, без да ја пумпаме веста и да го подбуцнуваме народот. Така го поминавме и големото повлекување на ЈНА од Македонија.

    Имаше меѓу новинарите, известувачи, запалени глави. Сакаа од сè да прават атракција. Да прикажат какви сè зулуми прави  војската во касарните. Тогаш бев категорична: ништо од тоа! Снимајте ги долгите колони од камиони во заминување и да не се прави вест од искорнатите штекери и извадените светилки. Да не се остри македонската јавност со небитни глупости, па некој од „патриотиве“ да направи инцидент, а таму некој бандоглав заставник, вооружен до заби, да припука и ете ти војна  во една таква наелектризирана атмосфера.

    Со Киро Глигоров и Стојан Андов

    Со Киро Глигоров и Стојан Андов

    ЗА НОВИНАРСТВОТО Е НАЈЛОШО БЛЕСАВО МНОЗИНСТВО

     

    Тоа време, навистина беше златно време, воопшто, за македонското новинарство. Затоа сум еден од најогорчените критичари на залудените политичари кои бараат „апсолутно мнозинство“ во парламентот, божем така ќе било подобро, многу поефикасно ќе се работело! Се борев и сè уште се борам граѓаните да не ја голтаат ваквата прикаска и да сфатат дека зад една таква извитоперена „желба“ се крие еден изместен, диктаторски, апсолутистички фашизоиден ум, кој за овој, а и за секој друг народ, значи несреќа. Се надевам дека по овие предвремени избори силите во новиот парламент ќе бидат поизедначени. Пата-пата. Никој да нема такво „блесаво“ мнозинство! Тоа е добро и за новинарството во Македонија, ама е уште подобро за државата и за нејзините граѓани.

     

     

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира