КАКО ШТО ПАЃАА ФАБРИКИТЕ, ТАКА ПАДНАА И ХУМОРОТ И САТИРАТА, ВЕЛИ АФОРИСТИЧАРОТ НИКОЛА ТАЛЕВСКИ

    КАКО ШТО ПАЃАА ФАБРИКИТЕ, ТАКА ПАДНАА И  ХУМОРОТ И САТИРАТА, ВЕЛИ АФОРИСТИЧАРОТ НИКОЛА ТАЛЕВСКИСо гаснењето на „Нова Македонија“ престанал да излегува и „Остен“ , ги укинале хумористичките радиоемисии. Хумористите останале без простор за изразување, состанале со спомените. - Хумористот и новинар Никола Талески (Фото: СДК.МК)

    25god

     

     

    Со сеќавањата на афористичарот Никола Талевски, САКАМДАКАЖАМ.МК ја продолжува серијата прилози посветени на 25-годишнината од осамостојувањето на Македонија.

    Како што паднаа фабриките, така паднаа и творечките дејности, посебно хуморот и сатирата, вели битолскиот афористичар Никола Талевски, познат во јавноста под псевдонимите Кољо Битољо и Ристо Модернисто, за состојбата во која се најдоа хуморот и сатирата по осамостојувањето на Македонија.  Со хумор и сатира се занимава скоро половина век, имаше свои емисии на Радио Скопје и Радио Битола, а афоризми му беа објавувани и наградувани ширум поранешна Југославија. Денес е уредник на списанието „Инфо магазин“ , никогаш не се откажал од хуморот, напишал илјадници афоризми и скечови.

    Талевски  раскажува дека независноста на државата, сферата на хуморот и сатирата ја дочекале со голем отстапен медиумски простор. Весникот„Остен“ редовно излегувал  еднаш неделно и давал огромни можности за изразување, Радио Скопје ја имало емисијата „Хихирику“ , Радио Битола „Хумор и сатира“ и други радио емисии и весници.

    „Во периодот на осамостојувањето немаше политичар кој не беше исмејуван или кој беше поштеден од афоризам. Немаше кикс, грешка, направена од носители на одредени функции која не беше видена и на свој начин прокоментирана. Целиот тој транзициски период мислевме дека ќе помине со тоа што ние како творци во сферата на хуморот и сатирата ќе испливаме од другата страна на брегот. Но, се случи неочекуваното“, вели Талевски.

    Како што се приграбувала власта, така луѓето станувале понедопирливи и посебно чувствителни на хуморот и сатирата.

    „Во претходниот период, максимум некој на раководна функција можеше да биде два мандата. Трет мандат немаше шанса да се добие. Но, кога се осамостоивме и се создаде овој повеќепартиски ситем, кој понатаму мислам дека е бипартиски бидејќи имаме две партии во македонскиот и две во албанскиот блок, луѓето како да станаа пречувствителни на хуморот и сатирата. Се затвораа просторите за да може некој да пишува. И тоа го правеа на еден многу перфиден начин, одеднаш се укинуваа емисии. Творците не знаеја што да прават со самите себеси“, вели Талевски.

    Со гаснењето на „Нова Македонија“ престанал да излегува и „Остен“ , ги укинале хумористичките радиоемисии. Хумористите останале без простор за изразување, состанале со спомените.

    „Се сеќавам, едно време како Кољо Битољо ја имав емисијата „Клик клак“. Се сеќавам дека ми се налути Владо Ѓоргиевски, поранешен претседател  на  Собранието на Општината.  Тој Битола ја викаше  Битоља, па јас кажав дека тој не е Владо туку е Вљадо. Ми забележа за тоа, но преку други“, вели Талевски.

    Битолски карикатурист пак, нацртал висока партиска личност од градот како Наполеон Бонапарта. Политичарот престанал да му зборува, но не го тужел и не вршел притисоци врз него.

    „ Кога ќе видиме какви англиски серии има, каде што предмет на тие скечови е и самата кралица и никој не реагира, чудно е како хумористите одеднаш станаа непожелни кај нас“,  вели Талевски.

    По многу години затишје, афоризмите и сатирата во последните години најдоа свој простор на Фејсбук и повремено во весниците.

    „Не може да се стави крај на она што се создава. Во заблуда се тие што мислат дека ќе го запрат творештвото. Тоа е исто како да сакаш да ја спориш мислата. Малку се сфаќа дека тој што врши јавна функција  подлежи на јавна критика“, вели Талевски.

    Во заблуда се тие што мислат дека ќе го запрат творештвото - Никола Талевски алијас Кољо Битољо (Фото: СДК.МК)

    Во заблуда се тие што мислат дека ќе го запрат творештвото – Никола Талевски алијас Кољо Битољо (Фото: СДК.МК)

    За оваа пригода, Талевски за САКАМДАКАЖАМ.МК сподели и дел од неговите афоризми:

    Поповите водат политика, а политичарите попуваат.

    Каде да тргнат овците, кога ни овчарот не го знае патот.

    – Додека ви ја полнат главата, политичарите си ги полнат џебовите.

    – Парламентаризам: и за голема и за мала пратеничка група ќотекот е ист!

    – Социјализмот го следеше бирократија, транзицијата ја мачи клептократија.

    – Наведната глава сабја не ја сечи, но овцата секој ја стрижи.

    – Џелати, не ве сакаме, ние сами си ја ставаме јамката околу врат.

    – Демократијата е за разумни, а не за послушни!

    – Во главата е најсилното оружје. Но, што да правиме со овие наши шупелки?!

    – Лажи еден, лажи друг, лажи трет… Додека не сфатиш дека се лажеш самиот!

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари