МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА МИ ПОНУДИ ПРАКСА И РАБОТА КОГА ЌЕ ЗАВРШАМ СРЕДНО ШКОЛО, ВЕЛИ 15-ГОДИШНАТА ТАЊА БОЈКОВСКА КОЈА СО ОШТЕТЕН ВИД И ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА НАУЧИ БРАЈОВО ПИСМО

МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА МИ ПОНУДИ ПРАКСА И РАБОТА КОГА ЌЕ ЗАВРШАМ СРЕДНО ШКОЛО, ВЕЛИ 15-ГОДИШНАТА ТАЊА БОЈКОВСКА КОЈА СО ОШТЕТЕН ВИД И ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА НАУЧИ БРАЈОВО ПИСМО„Министерката Мила Царовска ме покани еден ден да отидам и да видам како функционираат кол- центарот кај нив“, рече возбудено Тања и на новата машина за пишување на Брајово писмо го напиша името на Царовска; - Од денешната посета на министреката во домот на Тања во селото Облавце, Општина Старо Нагоричане (Фото: СДК.МК)

Неизмерна беше радоста и среќата на петнаесетгодишната Татјана Бојковска, девојче со целосно оштетен вид и церебрална парализа, кога денеска дојде да ја посети министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во нејзиниот дом во селото Облавце, Општина Старо Нагоричане. Тања, која е едно од ретките деца во земјава кое успеало да ја научи Брајовата азбука и покрај двете тешки болести што ги има, пред дваесетина дена во приказна на САКАМДАКАЖАМ изрази желба да работи со министерката за да се бори за правата на лицата со хендикеп, бидејќи смета дека без помош од заедницата оваа категорија граѓани тешко ќе го добие местото што го заслужува.

„Ми се исполни желбата, денеска се запознав со министерката Мила Царовска. Многу сум среќна што дојде да ме види и што ми вети дека во втора година ќе одам на пракса во Министерството и ќе се вработам таму кога ќе завршам средно образование. Ме покани еден ден да отидам и да видам како функционираат кол- центарот кај нив“, рече возбудено Тања.

Нејзината мајка Ивана го искористи присуството на министерката за да ја запознае со патот којшто го поминале за развој на детето, но и проблемите со кои секојдневно се соочуваат и другите семејства.

„Во интернатот во специјалните училишта нема личен асистент за секое дете, туку едно лице им помага на сите. Ние прво одлучивме да ја сместиме Тања во интернатот, дури и ја однесовме на првиот училиште ден, но кога видовме дека нема кој постојано да се грижи за неа ја вративме дома и почнавме сами да ја носиме. Првите две години патувавме со автобус до Скопје. Едвај ја качувавме количката во автобус, па немаше пристапни рампи каде се движевме. Имавме многу проблеми, но ние бевме одлучни дека таа мора да заврши основно образование и да се описмени. Веќе 10-та година секојдневно патуваме по 130 километи до Скопје и назад, но се исплатеше“, вели мајката Ивана, која е вистински херој.

Таа побара со измените на Законот да се даде поголема поддршка на децата кои имаат два инвалидитети, како и да се измени и Законот за рехабилитација и физикална терапија на децата со детска парализа, бидејќи во него има големи ограничувања.

„Според Законот, децата со парализа до три години имаат 4 пати годишно право на рехабилитација со придружник, до 14 години имаат два пати годишно право, но без придружник, а над 14 години немаат никакво право. Тоа е голем проблем, бидејќи во пубретет, во процесот на најголем развој, Тања нема право бесплатно на отиде на физикална терапија, дали тоа ќе биде во бања или костозглобната болница во Охрид или Козле. Затоа ние бараме да се смени закон и да се даде можност секое дете до 26 години да има бесплатна рехабилитација со придружник, како што е тоа во Законот на труд и социјала“, рече Ивана.

Министерката Царовска вети дека за тоа што е во нејзина надлежност ќе помогне да се надминат законските пречки.

Татјана е ученичка во прва година во Државното училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, во ПТТ насока. Таа е единствениот ученик во класот, а и последните три генерации немало интерес за оваа професија.

„Реално нејзината струка изумира, затоа што сега централите се дигитални, но ние немавме избор што друго да учи, бидејќи е со комбинирани пречки. За да биде масер треба да се движи и да е силна во раце, за графичкото треба да работи до машина, и ни остана само ова. Знаеме дека тешко се доаѓа до работа, но кога би имало слух во државата дека треба повеќе да се даде предност на хендикепираните наместо на здравите лица, ќе има и за нив вработување“, вели Ивана.

Татјана нема интелектуален хендикеп, туку само физички. Церебралната парализа ѝ е од раѓање, може да застане на нозете и да се движи додека некој ја придржува, а видот го изгубила додека била во инкубатор. Досега трипати ги оперирала очите во Русија, ама без резултати.

Во семејството Бојковски работи само таткото, мајката заедно со свекрвата се грижи за двете деца, особено за Тања која е зависна од помош. Таа од државата добива месечен надомест од 5.000 денари по однос на инвалидност, ослободена е од плаќање партиципација во здравственото осигурување до 26 години. Како ученик има надомест за превоз во висина од автобуска карта од нејзиното село до Скопје, но тоа не ги покрива ни третина од трошоците за горивото. Од помагала за инвалидност ѝ следува инвалидска количка на секои три години, а неодамна од Општина Старо Нагоричене и хуманитарната организација „Крепост“ доби машина за пишување на Брајово писмо.

На новата машина Тања го напиша името на министерката Царовска, а таа и посака многу здравје и успех во учењето, за да си го оствари сонот.

С. НИКОЛИЌ

 

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира