ДЕВОЈКА СО ОШТЕТЕН ВИД И ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА НАУЧИ БРАЈОВО ПИСМО И САКА ДА РАБОТИ СО МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА

ДЕВОЈКА СО ОШТЕТЕН ВИД И ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА НАУЧИ БРАЈОВО ПИСМО И САКА ДА РАБОТИ СО МИНИСТЕРКАТА ЦАРОВСКА„Многу ми смета што никој не нè почитува. Речиси никаде нема рампи за нас, нема паркинг. Јас сакам да одам во театар, а таму нема пристап. Кога одиме со мајка ми во некоја институција, чекаме некој да ни помогне наместо самите да се движиме каде сакаме“, вели 15-годишната Татјана Бојковска, едно од ретките деца во земјава кое успеало да ја научи Брајовата азбука иако е со целосно оштетен вид и церебрална парализа. (Фото: СДК.МК)

Петнаесетгодишната Татјана Бојковска, со целосно оштетен вид и церебрална парализа, е едно од ретките деца во земјава кое успеало да ја научи Брајовата азбука и покрај двете тешки болести што ги има. Родум од кумановското село Облавце, откако го завршила основното образование во Државното училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, сега интензивно се подготвува за средно школо, кое ќе го продолжи во истото училиште на сообраќајна ПТТ насока. Нејзиниот сон е по заокружување на образованието да им помага на лицата со посебни потреби, оти е свесна дека без помош од заедницата оваа категорија граѓани тешко ќе го добие местото што го заслужува.

„Кога ќе завршам треба да работам во пошта или во Општината, да пренасочувам телефонските врски или да одговарам на повици. Но, јас сакам да работам во Министерството за труд и социјална политика, кај министерката Мила Царовска, да се борам за правата на лицата со хендикеп. Многу ми смета што никој не нè почитува. Речиси никаде нема рампи за нас, нема паркинг. Јас сакам да одам во театар, а таму нема пристап. Кога одиме со мајка ми во некоја институција, чекаме некој да ни помогне наместо самите да се движиме каде сакаме“, вели Тања.

Одличните резултати во досегашниот развој Тања ги постигнала благодарение на големата упорност и посветеност на нејзините родители, кои 9 години секој работен ден ја возат најмалку 130 километри за да ја однесат и вратат од училиште.

„Јас, сопругот и Тања, секое сабајле во 6 часот тргнуваме кон Скопје. Тој на работа, а ние двете во школо. Таа додека е на настава јас чекам заедно со мајките од другите градови. Кога ќе ѝ завршат часовите се враќаме дома, утре пак исто. Да беше само слепа ќе седеше во интернатот на училиштето, а вака со комбинирани пречки нема услови да се грижат за неа“, вели мајката Ивана.

Одличните резултати во досегашниот развој Тања ги постигнала благодарение на големата упорност и посветеност на нејзините родители, кои 9 години секој работен ден ја возат најмалку 130 километри за да ја однесат и вратат од училиште. (Фото: СДК.МК)

Тања нема интелектуален хендикеп, туку само физички. Церебралната парализа ѝ е од раѓање, може да застане на нозете но не може да се движи, а видот го изгубила додека била во инкубатор, бидејќи се родила на 27 недели со 1.100 грама тежина. Досега трипати ги оперирала очите во Русија, ама без резултати.

Таа од државата добива месечен надомест од 5.000 денари, ослободена е од плаќање партиципација во здравственото осигурување до 26 години. Како ученик има надомест за превоз во висина од автобуска карта од нејзиното село до Скопје, но тоа не ги покрива ни третина од трошоците за горивото. Од помагала за инвалидност ѝ следува инвалидска количка на секои три години, но не и машина за пишување на Брајово писмо.

На иницијатива на нејзините родители, а со поддршка на Општина Старо Нагоричане и хуманитарната организација „Крепост“ од Куманово, Тања доби на подарок Брајова машина.

„Многу сме среќни поради новата машина, бидејќи досега користеше на реверс од училиштето. Таа многу ќе ѝ значи, бидејќи реално ѝ е неопходна за пишување. Било што да треба да запише, не може да го стори без неа. Таа друго писмо не гледа и не го разбира, што значи дека може само на Брајовa машина да пишува. Потребна ѝ е за цел живот. Од училиштето ни кажаа дека Татјана е прво дете со комбинирани пречки што успеа да научи да пишува Брајово писмо. Тоа е прилично тешко за пишување и за читање. Засега, читањето ѝ оди потешко поради проблемите од парализата во прстите, ама пишувањето го усоврши“, вели Ивана.

Градоначалничката на Општината Старо Нагоричане Жаклина Јовановска, вели дека тие помагаат согласно своите можности на сите 40 семејства кои имаат лица со хендикеп, па идејата да ѝ се купи машина за пишување на Брајова азбука за Тања ја прифатиле со задоволство.

„Советот на Општината едногласно ја прифати иницијативата и донесе одлука да донираме средства за набавка на потребната машина. Нашиот мал придонес нека биде голем поттик Тања да го продолжи образованието и да ги реализира своите желби“, вели градоначалничката Јовановска.

Акцијата на хуманитаната организација „Крепост“ наишла на голем одек и за кратко време парите биле собрани, а машината купена во Германија.

Тања на новата Брајова машина почна да го пишува првиот свој есеј. Сака на училиште да отиде и покаже дека со подадена рака од заедницата, соништата на лицата со попречености можат да бидат реалност.

С. НИКОЛИЌ

 

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

Коментари