Два плаца во вкупна површина од 7.000 метри квадратни во Визбегово, сопственост на скопјанецот Стојко Груевски, ги проголта планина од истурано ѓубре, градежен шут, бетон, ѕидови, пластики, мебел комунален отпад… Планината со смет е во висина на зграда од 5-6 ката.
Не само што надлежните, општина Шуто Оризари и особено Град Скопје со години дозволиле кој стигне таму да истура отпад на државен и на приватен имот, не само што и тие депонирале ѓубре, туку и не презеле ништо да го спречат тоа. Со години само се таложело, таложело..
И кога Стојко Груевски пријавувал во Град Скопје градежни фирми, приватни лица и секој што ќе го фател на местото како кипа со камион и бега, инспекторите доаѓале на увид и кажувале: сторителот ќе го казниме, а вие да си го исчистите сами ѓубрето, имотот е ваш, немаме надлежност да чистиме на приватен имот.
Не само што тие што дозволиле да му биде узурпиран имотот го тераат сам да ја чисти планината од смет, туку и го тераат да израмни и потоа да викне и да плати геометар и да го загради со свои средства својот дел. И не само тоа, туку и да го пријави случајот во полиција, или да тужи во Основниот Граѓански суд Скопје.

„Од вкупно 7.000 метри квадратни, две третини ми се под планина од смет. Тоа е џин. Нивата ми е унаказена“, вели Стојко Груевски. (Фото: СДК.МК)
Но, оштетениот скопјанец смета дека за заштита на уставно-загарантираното право на неговата сопственост и за незаконското депонирање на смет на неговиот имот и за загадувањето, надлежни се токму државните и институциите на локалната самоуправа. Затоа случајот го пријавил пред Народниот правобранител.
„Проблемот почна во 2010 година, кога дојде и првата инспекција, на ниво на општина Шуто Оризари. Се работи за две мои парцели. Две третини од имотот ми се под ѓубре, градежен и останат смет. Сега е во висина на зграда од над 6 ката. Истураат приватни лица, градежни фирми, таму и општината Шуто Оризари има фрлано нон-стоп. Не можам да спијам таму на депонијата на ридот и да стражарам 24 часа на ден, ама имам затекнато камион со ѓубре и на општина Бутел, но и на Градска чистота“, вели сопственикот на затрупаните парцели.
Град Скопје во одговорот до Народниот правобранител, кажува дека според законот, сопственикот треба сам да си го исчисти ѓубрето, да измери и да огради.
„Од вкупно 7.000 метри квадратни, две третини ми се под планина од смет. Тоа е џин. Нивата ми е унаказена. Сега тоа е немерливо, не знам како би се извршил премер во ваква состојба. Си го барам имотот назад, барам општина Шуто Оризари, Град Скопје и државата да застанат зад моите уставни права на сопственост“, си ја бара овој човек правдата.
Депонијата е над црквата во село Визбегово. Голем проблем е за населението, тие протестираат и се жалат со години додека вандалски им истура смет врз глава кој стигне, а институциите не ги заштитуваат. Од неа се загадува цело Скопје и околината.
На џиновската дива депонија има и други приватни сопственици, но „несреќата“ на Стојко е што граничи со имот на Република Северна Македонија, односно со општински имот. Општината дозволила на државниот имот градежни фирми и општини да истураат смет, тука е неговиот проблем. Истурајќи на државниот имот, градежните фирми прелеале и на имотото на Стојко Груевски и овие 15 години толку го натрупале, што сега овој човек остана без него.
„На 4 јануари известив инспекторка од Град Скопје дека на депонијата идат и блиндирани камиони. Ѝ кажав дека веќе и не се знае што носат таму. Тие извршија увид на 27 јануари и знаете што се случи? Ми дадоа рок од месец дена јас да ја исчистам депонијата- планина од мојот дел. Поднесов претставка, Второстепената комисија виде дека правно сум се борел и одлучи во моја полза. Ме ослободи од таа обврска. Потоа поднесов уште една претставка до Град Скопје, но само усно ме известуваа дека ја вршеле својата работа. А како ја врши Градот својата работа? Дозволи и преостанатата третина од окупираниот мој имот да се пополни“, вели сопственикот на некогашните две парцели.
Тој вели оти има впечаток дека инспекторите од Град Скопје се наклонети кон приватните фирми кои го трупаат сметот на неговиот имот, а не кон неговите уставни и законски права како граѓанин.

Сопственикот на нивите има впечаток дека инспекторите од Град Скопје се наклонети кон приватните фирми кои го трупаат сметот на неговиот имот, а не кон неговите уставни и законски права како граѓанин. (Фото: СДК.МК)
Народниот правобранител смета дека и Град Скопје може да поднесе тужби или кривични пријави до Обвинителството против тие кои незаконски истураат, узурпираат и загадуваат во местото Коњски рид, над Визбегово и да го заштитат не само приватниот сопственик Стојко Груевски кои попусто се обраќа пред Градот за помош, туку и државниот имот потрупан со неброени тони разновиден отпад. Може и да прашува Градот потоа во Обвинителството, да се интересира до кај е предметот, кој ќе одговара за таа катастрофална состојба таму.
Натаму Омбудсманот смета дека ОЈО Скопје може со посебни мерки да следи и сними чии камиони истураат ѓубре над глава на жителите на Скопје на дивата депонија. Па да ги фати и да ги казни со казни во Кривичниот законик кои се највисоки, во историјата на казненото право за екологија кај нас.
„Што се однесува до логиката и однесувањето на инспекторите од Град Скопје, сметаме дека не може да го тераат да исчисти тој што не придонел за проблемот и што пријавувал навреме. Ниту да го тераат сам да пријавува во СВР, место тие тоа да го направат“, вели тимот на Народниот правобранител Насер Зибери.

Народниот правобранител смета дека ОЈО Скопје може со посебни мерки да следи и сними чии камиони истураат ѓубре над глава на жителите на Скопје на дивата депонија. (Фото: СДК.МК)
За оваа огромна дива депонија над куќите во Визбегово, жителите протестираат долго време. Градоначалничката Данела Арсовска отиде таму и пред камерите се закани дека одговорност за таа состојба таму, мора да има.
Од нејзиното ветување до денеска, планината со ѓубре порасна дупло.
С. К. ДЕЛЕВСКА