НАТИСКАНИ ВО АВТОБУСИ, СО ПЛАТА ПОД МИНИМАЛНАТА И ПОД БЛАНКО ОТКАЗИ, ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ СЕ НАЈНЕЗАШТИТЕНА КАТЕГОРИЈА ВО ПАНДЕМИЈАТА

НАТИСКАНИ ВО АВТОБУСИ, СО ПЛАТА ПОД МИНИМАЛНАТА И ПОД БЛАНКО ОТКАЗИ, ТЕКСТИЛНИТЕ РАБОТНИЧКИ СЕ НАЈНЕЗАШТИТЕНА КАТЕГОРИЈА ВО ПАНДЕМИЈАТАТекстилните работнички се соочуваат со неисплаќање плати, супстандардни услови во погоните, бланко откази, неплатени одмори и прекувремена неисплатена работа.- Уранија Пировска (Фото:СДК.МК)

Додека Владата го дели четвртиот пакет мерки за помош на стопанството и на граѓаните, ги опоменува фирмите да им ја дадат ноемвриската плата на работниците, а која ја добија од државата, сè повеќе сведоштва и пријави за кршење на работничките права стигнуваат во граѓанските организации. Според последниот извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во ноември таму била поднесена 21 пријава за прекршени работнички права, со кои биле засегнати 70 работници. Од нив 71 % биле жени,  а 29 % мажи.

Хелсиншкиот комитет предупредува дека сепак текстилните работнички остануваат една од најранливите категории граѓани чии работнички права се најподложни на прекршување за време на пандемијата предизвикана од коронавирусот. Принудени да се возат една врз друга во фабрички автобуси, без никакво почитување на мерки, голем број од текстилните работнички не само што се заразија со коронавирус, туку од нив се формираа цели кластери на болни семејства и сограѓани претежно од источна Македонија, каде што се најголемиот број од фабриките.

Оние кои ги користеа мерките од Владата и останаа дома да си ги чуваат децата помали од 10 години, или добиваа или сè уште добиваат половина од минималната плата, што е незаконски. На многу од овие случаи, како и на бремените жени и хронично болните работници, газдите не им ги продолжуваат договорите за работа кои се на определено работно време. Некои од работодавците, ги терале сите ослободени работнички да ги остават каде било нивните мали деца и да дојдат да шијат. Добар дел од нив, пак, едноставно делат откази.

Во ноември, Хелсиншкиот комитет сам регистрирал 88 случаи на прекршување на работничките права на текстилните работнички и поднел четири барања за вонреден инспекциски надзор во текстилни фабрики.

Во еден од случаите станува збор за неисплатени плати. Газдата на текстилната фабрика не им исплатил на работниците плати за јули, август, септември и ноември. Во два од случаите станува збор за неисплаќање минимална плата согласно со закон. Работодавачите во овие случаи на вработените им исплаќале пониски плати од законски утврдената минимална плата за септември и октомври.

Во последниот случај, работодавачот склучил договори за вработување со своите вработени на скратено работно време од 4 часа, а вработените работеле полно работно време од 8 часа. Хелсиншкиот комитет за сите наведени случаи иницирал постапки за вонреден инспекциски надзор пред Државниот инспекторат за труд.

„Дадените две, три маски си ги преперуваш оти други нема“, вели текстилна работничка. (архивска фотографија)

„Проблемот со прекршувањата на правата и злоупотребата на работничките во текстилната индустрија не започна со кризата предизвикана од коронавирусот. Неисплаќањето на плати, супстандардните услови во погоните, бланко отказите, неплатените одмори и прекувремената неисплатена работа, како и вознемирувањето на работните места се само дел од проблемите со кои текстилните работнички се соочуваат со години наназад. Додека граѓанскиот сектор посочува на одредени подобрувања во последните години во дел од фабриките, состојбата во текстилната индустрија е ужасна. Кризата предизвикана од коронавирусот само дополнително ги кристализира и ги направи уште повидливи недостатоците од страна на институциите и системот за заштита на работничките права, како и нехуманите услови во кои што работат текстилните работнички“, вели Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Текстилна работничка раскажува дека и покрај стравот од коронавирус, и покрај кршењето на нејзините права од страна на работодавецот во континуитет, таа сепак мора да продолжи да оди на работа, зашто сопругот ѝ е болен и им требаат пари за лекови.

„Колку пати наутро кога одам на работа помислувам на Рациновата ‘Денови’ и со грутка на душата си викам дали е можно со текот на годините да не бледнее, туку напротив сè повеќе си ја кажуваме како во основно, ама сега како сушта реалност за нашите животи. Одам со ташна на рамо, а чувствувам како нозете ми се враќаат назад, ама душата ме боли, како ќе го издржам денот кога мислите ќе ми бидат дома, зошто гајлето што го имам ми е големо и болно ама кога се мора, мора!!! Па и ова време невреме, со оваа корона што нè фати со пусти страв одам на работа, од каде пари за живеачка, не па за лекови на болниот ми сопруг…..Толку ми се плаче дури да се дерам на глас, ама стиснам заби и ќутам“, раскажува текстилна работничка низ што поминува овие месеци.

„Се качуваме во автобус стиснати едни до други, какво растојание какви бакрачи, какви мерки на претпазливост, иако со маски, ама еден до друг си дишеме во шија. Изговорот на газдите е нема автобуси, од наредниот ден ќе пуштат и ќе имате доволна раздалеченост едни меѓу други… Внатре во погоните се расчистува за да имаме простор меѓу нас, дадените две, три маски си ги преперуваш оти други нема, а ракавици почнавме и сами да си купуваме. Си шепотиме една меѓу друга и со страв да не бидеме пренесени на мајсторица, на шефица па на газда. Работиш со наведната глава и слушаш викање: ‘Жени, на тие што се дома со мали деца да им кажете да доаѓаат на работа, нека се снајдуваат како претходно, а оние со поголеми деца нема што да седат дома, децата можат да се чуваат и сами, големи се. И да им пренесете, не се знае како ќе бидат исплатени!“, сведочи работничката за секојдневието.

Во овој контекст Хелсиншкиот комитет потсетува на заклучоците на експертите за права од Обединетите нации, дека „ниеден работник не е потрошлив. Сите работници се од суштинско значење, без разлика која категорија се применува врз нив од страна на државите или на бизнисите“, и додава дека секој работник има право да биде заштитен од изложување на опасности на работното место, вклучувајќи го и коронавирусот.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 

 

 


©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира