„НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ГЛУВИТЕ ДА ОДЛУЧУВААТ ЗА УЧИЛИШТЕТО“, ВИКАЛА ПРОФЕСОРКА НА ГЛАС ЗА ГЛУВА КОЛЕШКА, ГИ ДИСКРИМИНИРАЛА И ДЕЦАТА ВО УЧИЛИШТЕТО ЗА ГЛУВИ НАРЕКУВАЈЌИ ГИ „ГЛУВТАРИ“

    „НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ГЛУВИТЕ ДА ОДЛУЧУВААТ ЗА УЧИЛИШТЕТО“, ВИКАЛА ПРОФЕСОРКА НА ГЛАС ЗА ГЛУВА КОЛЕШКА, ГИ ДИСКРИМИНИРАЛА И ДЕЦАТА ВО УЧИЛИШТЕТО ЗА ГЛУВИ НАРЕКУВАЈЌИ ГИ „ГЛУВТАРИ“Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила овикување, поттикнување и инструкција за дискриминација врз основа на попреченост. - Знаковен јазик (Фото: РДНЕ)

    Професорка со попреченост во единственото средно училиште за глуви ученици „Партенија Зографски“ од Скопје, била вознемирувана и виктимизирана од нејзина колешка.

    Жртвата е специјален едукатор и рехабилитатор, глува личност, која била ученичка во ова училиште пред да се запише на факултет. Последните 6 години таму работи како воспитувачка.

    Случајот таа го пријавила во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и тој е еден од потешките предмети.

    На 8 февруари, на наставнички совет таа била предложена од психологот за членка на училишниот одбор, што било едногласно изгласано од страна на сите присутни колеги. На тој состанок не била присутна колешката, која подоцна ќе ја вознемирува, дискриминира и виктимизира.

    Но, по неколку часа од состанокот, кога дознала за нејзиниот избор за член на училишниот одбор, почнала да ја понижува на сите можни начини. Во претставката се наведува дека посочената дискриминаторка во просториите на училишниот дом викала на целиот глас: „Нема да дозволуваме глувите да одлучуваат за училиштето!“.

    Притоа не го спомнувала името на подносителката на претставката, ја ословувала со „глувата“. Ја нарекувала и „неписмена“.

    Во претставката се наведува и дека колегите кои ја поддржувале подносителката, добивале повици, пораки или имале директна комуникација со дискриминаторката, со цел да ја понижи неа, но и нив зашто ја поддржуваат.  Најосудувана била колешката психолог што ја предложила за училишниот одбор.

    „За потврда на веродостојноста на тврдењата, во прилог на претставката беа доставени извадоци од електронска комуникација меѓу посочената дискриминаторка и други колеги“, наведува Комисијата за дискриминација.

    По две недели жртвата ја дополнила претставката, бидејќи кога колешката што ја вознемирувала, понижувала и навредувала, кога дознала за пријавата во КСЗД, ги виктимизирала сведоците на тие нејзини напади, но и за тоа што ги нарекувала учениците со понижувачки речник, како „глувтари“, навредувајќи го нивното достоинство.

    Дискриминаторката воопшто не ѝ одговорила на Комисијата, откако таа ѝ се обратила, давајќи ѝ можност да наведе аргументи како одбрана.

    „Посочената дискриминаторка со своето однесување и говор за подносителката предизвикала непријателска, заканувачка, понижувачка и застрашувачка средина, како и повреда на нејзиното достоинство врз основа на попреченоста, како заштитена карактеристика на подносителката. Пристапот на посочената дискриминаторка кон подносителката, како и говорот насочен кон неа, во смисла на упатените зборови: ‘глувата’, ‘неписмената’, ‘глувтари’, се карактеризираат како насочено несакано постапување кое е базирано на попреченост како заштитена карактеристика со Законот за спречување и заштита од дискриминација“, наведува КСЗД за предметот.

    Оттаму Комисијата утврдила:

    -вознемирување врз основа на попреченост во областа на работата и работните односи

    -повикување, поттикнување и инструкција за дискриминација врз основа на попреченост

    -виктимизација врз основа на попреченост во областа на работата и работните односи

    Според донесените препораки, дискриминаторката треба во рок од 30 дена од приемот на донесеното Мислење, да ѝ се извини на колешката со попреченост и за извинувањето да ја извести КСЗД. Во спротивно, ќе добие пријава пред надлежен суд.

    Комисијата препорачува таа во иднина да се воздржи од активности кои поттикнуваат и повикуваат на дискриминација, да се воздржи од виктимизирање на подносителката, колегите и учениците врз основа на попреченост, а ако не ги почитува препораките, ќе добие пријава пред суд.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира