Загрижувачка е состојбата со дискриминацијата врз еднородителските семејства, иако овие семејства се во пораст и локално и интернационално, вели Дороти Пачкова од граѓанската организација за унапредување на правата на еднородителските семејства, здружението „Една може!“. Според информациите од големиот број на поплаки и жалби кои секојдневно стигнуваат до „Една може!“, за дискриминацијата на овој тип на семејни заедници, може да се зборува бесконечно, вели Пачкова.
„Од неможности при упис во државните згрижувачки установи за деца од предшколска возраст, до барање на документи од двајца родители за упис во прво одделение, проблеми при влегување на пазарот на трудот на жените самохрани мајки, исклучување од јавната сфера на жените и децата од овие семејства, неможности за дообразование, проблематичните изкази во учебниците за основно и средно образование во однос на тоа што е семејство и инсинуирањето дека децата од еднородителски семејства се попроблематични и со криминогени склоности, непостоењето на мерка за овозможување на соодветно домување, до проблемите кои ги приложуваме во јавност како неможноста за користење на семејни попусти при влез во културни јавни и приватни установи, неможноста за користење на соодветно креирани услови за користење на услугите од туристичките агенции за летување, игнорантноста кон барањата за користење на соодветна цена при јавниот превоз, иако фрекфентноста на овие жени е најголема, неправедноста поради неземање во обзир на семејните околности при мерки на локалните самоуправи (како мерката за секое новорденче)“, вели Пачкова за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Пачкова неодамна реагираше дека при влез во приватниот Музеј на илузии во Скопје, не ѝ било дозволено да добие семеен попуст како мајка со дете, бидејќи попустот важи за двајца родители и две деца. Попусти нема ни во ниедна државна културна институција, како музеите, МОБ, МНТ, Филхармонија. Еднородителските семејства немаат право на семеен попуст во туристичките агенции, бидејќи оттаму бараат двајца родители за да се ослободи дете или да се плати помал процент од аранжманот за возрасен.
„Според хотелските полиси за сместувачки капацитети, агенциите нудат опции за сместување во различни типови на соби, во зависност од број на лица. Во стандардни двокреветни соби, во зависност од хотелот, се дозволува сместување на едно, две или три деца – бесплатно според возраста, и со платежни двајца возрасни. Доколку во истата соба престојува едно лице, или еден возрасен плус дете, цената за возрасниот (едно лице) е поголема за одреден процент“, ни одговорија од неколку скопски агенции.
Министерството за труд и социјална политика вели дека нема надлежност да им наложи на државните институции и приватни фирми да им даваат попусти на еднородителските семејства. Оттаму додаават оти на еднородителските семејства им се дадени повеќе можности во делот на остварувањето на правото на социјална заштита согласно Законот за социјална заштита.
„Еднородителските семејства имаат право на користење на постојана парична помош за самохран родител на дете до тригодишна возраст ако се материјално необезбедени. Исто така, Министерството за труд и социјална политика на годишно ниво во континуитет го имплементира проектот за бесплатно летување и зимување, односно одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток, во кој се опфатени и еднородителските семејства, со што на оваа категорија на деца им е овозможено користење на оваа бесплатна услуга. Министерството секако продолжува да работи на реформа на системот на социјална заштита во насока на унапредување на правата на сите ранливи групи“, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Од Хелсиншкиот комитет во Македонија велат дека дискриминаторскиот однос кон еднородителските семејства врз основа на брачен и семеен статус, за жал е честа појава.
„Конкретниот случај, во кој станува збор за директна, повеќекратна дискриминација на еднородителско семејство на самохрана мајка и дете во пристап до јавни добра и услуги (пристап до музеј), врз основа на брачен и семеен статус, е најдобар показател за правната невидливост и несензибилираноста на институциите кон еднородителските семејства. Имено, во конкретниот случај станува збор за самохраната мајка која не може да купи семеен билет во предметниот музеј за неа и нејзиното дете, бидејќи семејни билети се предвидени единствено за двородителски семејства кои имаат две деца. Ова претставува дискриминација не само кон еднородителските семејства, туку и кон згрижувачките семејства и семејствата кои имаат старателство над деца“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Комитетот заедно со останатите организации од неформалната Мрежа за заштита од дискриминација, граѓанската организација за унапредување на правата на еднородителските семејства „Една може!“ и сите еднородителски семејства на кои им бил отежнат пристапот до музејот затоа што не можеле да купат семеен билет поради нивниот брачен и семеен статус, ќе поднесат и иницираат постапка за заштита од дискриминација пред Комисијата за заштита од дискриминација, во која ќе побараат од Комисијата да го испита случајот и во рамките на своите законски овластувања да утврди повеќекратна дискриминација кон еднородителските, згрижувачките и семејствата кои имаат старателство врз деца врз основа на брачен и семеен статус и да даде препорака со која ќе му наложи на музејот да ја смени ваквата дискриминаторска практика и да овозможи купување на семејни билети под иста цена за двородителските, еднородителските, згрижувачките и семејствата кои имаат старателство врз деца.
Пачкова вели дека во Македонија, семејствата и односите меѓу нивните членови, како и заштитата на семејството се законски регулирани со неколку правни акти, но главно со Законот за семејство. Сепак, семејствата со еден родител не се признаваат како правна категорија, што влијае на нивниот социјален статус, економски проблеми, општествена интеграција и благосостојба.
Клучниот проблем за овие семејства, во Македонија, вели таа, е непостоењето на дефиниција за самото семејство, а и непостоење на дефиниција за самохран родител. Поради ова, останува на слободно толкување на шалтерските службеници и сите останати со кои овие претставници стапуваат во контакт.
„Нам пак, како експертска јавност, ова слободно толкување не ни овозможува едноставно да ги класифицираме, па според тоа и да нудиме различни типови на јавни политики и пакети мерки кои се однесуваат на нив, на еднородителските семејства, во најголема мера жените самохрани мајки и нивните деца. И покрај постоењето на одредена законска регулатива и стратешки документи, евидентна е повеќекратната дискриминација на жените самохрани мајки, врз основа на полот и етничката припадност, полот и попреченоста, полот и возраста како и полот и во најголема мера врз основа на брачниот и семејниот статус“, вели таа и додава дека дополнителни потешкотии наложува тоа што, во сите државни документи, закони, политики, одредби и слично, жените самохрани мајки се вбројувани заедно со останати маргинализирани категории на граѓани и граѓанки.
„Со самото тоа станува јасно дека не се родово рамноправни, немаат еднакви стартни позиции со потрадицоналните семејства, но и не се преземаат афирмативни акции кои ќе ги унапредат правата на жените самохрани мајки или еднородителските семејства, туку се сместуваат во категорија на луѓе со вродени неможности, пречки во развој, интелектурални и физички попречености. Жените самохрани мајки, секогаш, како по правило се наоѓаат во горенаведените групи на луѓе, и со самото тоа нема/не постојат/не им се нудат опции соодветни на нивните проблеми поради кои немаат еднакви можности како и останатите жени“, вели Пачкова.
Таа смета дека отвореноста за решавање на овие предизвици од државните институции, и локални и државни, во последниов период е подобрена, со тоа што е неопходно да се зацврстува и да почне да се имплементира она кое е предложено како приоритет од самата целна група.
„Сѐ додека не се постигнат услови за еднакви стартна позиции, ‘Една може!’, ќе бара и нуди решенија, и секако, останува отворена за соработка со сите засеганти страни. Неопходна е поголема посветеност на сите релевантни субјекти во имплементацијата на законите и стратешките документи“, вели Пачкова.
Б. НЕСТОРОСКА