ОСВЕН ГЛИГОРОВ, ДРУГИТЕ ФАЌАА КРИВИНИ, СЕ СЕЌАВА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВ

    ОСВЕН ГЛИГОРОВ, ДРУГИТЕ ФАЌАА КРИВИНИ, СЕ СЕЌАВА ПАВЛЕ ТРАЈАНОВПавле Трајанов раскажува дека полицијата, не само што обезбедила повлекување на ЈНА од територијата на Македонија без ниту еден испукан куршум, туку во тие критични моменти за време на отцепувањето од Југославија, била најважната алка за започнување на демократските процеси во државата. - (фото: СДК.МК и приватна архива)

    25god

     

     

    Павле Трајанов во времето на повлекувањето на Југословенската Народна Армија во 1991 година беше секретар за јавна безбедност во Секретаријатот за внатрешни работи во тогашната Социјалистичка Република Македонија. Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК тој раскажува дека полицијата, не само што обезбедила повлекување на ЈНА од територијата на Македонија без ниту еден испукан куршум, туку во тие критични моменти за време на отцепувањето од Југославија, била најважната алка за започнување на демократските процеси во државата.

    Kога почнаа демократските процеси во Социјалистичка Република Македонија?

    • Во 1989 и 1990 година во Републичкиот секретаријат за внатрешни работи се одвиваа најдраматичните процеси,каде се случи бунт против тенденцијата Службата за државна безбедност (УДБА) и натаму да биде ударна тупаница на Сојузот на комунистите и главен носител на активностите за пресметка со неистомислениците, како и против бројните други деформации. Во овие активности беа вклучени сите припадници на РСВР. Тие имаа силно влијание во воспоставување на повеќепартискиот систем во Македонија и пошироко, во тогашната СФРЈ. Едноставно преку РСВР започна демократската пролет во Македонија.

    Осуммина началници и вработени бевме отстранети од РСВР и прогласени за непријател број еден, но работите се менуваа како на филмска лента и обидите за изолација (преку познатата мерка електрон) и наша ликвидација пропаднаа. Се случија промени и се одржаа првите повеќепартиски избори во 1990 година.

    Кон крајот на осумдесеттите, осуммина началници и вработени бевме отстранети од РСВР и прогласени за непријател број еден, но работите се менуваа како на филмска лента и обидите за изолација (преку познатата мерка електрон) и наша ликвидација пропаднаа (Фото: Ѓ. Личовски)

    Кон крајот на осумдесеттите, осуммина началници и вработени бевме отстранети од РСВР и прогласени за непријател број еден, но работите се менуваа како на филмска лента и обидите за изолација (преку познатата мерка електрон) и наша ликвидација пропаднаа (Фото: Ѓ. Личовски)

    – Но вие сте сепак една од кручните фигури во осамостојувањето на Македонија кога во 1990-1991 година почна распадот на Југославија. Каква улога имаше МВР?

    • Со изборот на првата Влада, се направија и промени во врвот на МВР. Бевме вратени на работа и назначени на клучни места за раководење со службите. Јас бев потсекретар на СЈБ. МВР ја одигра клучната улога во осамостојувањето на Македонија. Ја блокиравме ЈНА да не може да реализира сценарија за воен удар, ја спроведовме најсложената и многу ризична операција за одземање на воената евиденција од Републичкиот секретарјат за одбрана, организиравме кражба на оружје од магацините на ЈНА, со полициски сили ја обезбедивме границата со соседните држави, спречивме над 12.000 регрути да бидат упатени во борбите во Хрватска и БИХ, го подготвивме договорот за дислокација на ЈНА од Македонија и без зрно барут ја испративме ЈНА од Македонија.

    Идејата за самостојна Македонија јавно ја промовираа Љупчо Георгивски, Борис Змејковски и други, но далеку од очите на јавноста, припадниците на МВР практично ги реализираа вековните стремежи за самостојна и независна Македонија.

    Преземање на државната граница од тогашната ЈНА

    Преземање на државната граница од тогашната ЈНА, со спуштање на југословенското и подигање на македонското знаме

    – Можно ли беше да ѝ се спротивстави Македонија на силната ЈНА?

    • Тогашниот државен врв, Сојузот на реформски сили, па и делови од СКМ-ПДП, беа цврсто определени Македонија да остане во состав на СФРЈ, потоа за асиметрична Југославија и слично, но народот беше за самостојна Македонија. Во МВР тоа многу добро го знаевме и затоа подготвивме планови за блокада на сите касарни во кои беше сместена ЈНА, како и други активности и конкретни мерки за неутрализаација на високите офицери кои раководеа со формации на ЈНА.

    Имавме цврсти гаранции од САД дека ќе блокират било какво движење на воени единици од север кон Македонија.

    – Каква беше реакцијата, како се однесуваше тогаш државниот врв?

    • Освен Киро Глигоров, другите фаќаа кривини, некои кодошеа кај генералите на ЈНА, други не спиеја дома, а трети се сликаа за да имат доказ дека биле на “правата“ страна.

    Се сеќавам кога во вилата на Водно се потпишуваше Договорот за дислокација на ЈНА, генералот Благоје Аџиќ му се обрати на Никола Кљусев и му рече:”Ако при повлекувањето на ЈНА загине макар и еден војник, ти ќе одговараш”. На тоа Кљусев му одговори:”Со полицијата и територијалната одбрана раководи Киро”.

    Павле Трајанов и Љубомир Фрчковски (од приватната архива на Трајанов)

    Павле Трајанов и Љубомир Фрчковски (од приватната архива на Трајанов)

    – Како МВР во таа стресна и неизвесна ситуација за граѓаните ја постави основата за да се осамостои Македонија како држава?

    • Во МВР само за пет дена ги подготвивме законите битни за белезите за самостојност: гранични премини, преминување на границата и друго. Го изготвивме меѓу другите и Законот за патни исправи, при што државниот врв ги доби првите броеви на пасоши. Васил Тупурковски го побара бројот осум како потсетување на “на осумтемина величествени” како што тогаш нè нарече новинарот Сашо Ордановски во „Млад Борец“.

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира