ПАСОШИТЕ ГО РЕШИЈА ПОБЕДНИКОТ НА ПРВИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

    ПАСОШИТЕ ГО РЕШИЈА ПОБЕДНИКОТ НА ПРВИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИПрвиот повеќепартиски состав на македонскиот парламент се конституираше на 8 јануари 1991 година. - Првиот парламент во демократска Македонија (архивска фотографија)

    25god

     

     

    Во 1990 година, кога Македонија се уште беше дел од поранешната СФРЈ, се одржаа првите повеќепартиски парламентарни избори со мнозински модел, додека за првиот претседател имаше посреден избор, па го избраа пратениците во Собранието, место граѓаните. Мнозинскиот модел, со 120 изборни единици, беше предложен од Сојузот на комунистите, партијата што тогаш беше на власт. На изборот на Киро Глигоров за претседател во Собранието му претходеа петиции и собирања потписи и тој беше избран во вториот обид. Според тогашното уставно решение, претседателот се бираше со двотретинско мнозинство од пратениците, на предлог на најмалку 20 пратеници.

    На историските парламентарни избори во 1990 година се гласаше во два круга и тие поминаа без инциденти и поголеми неправилности. Паралелно со изборите за пратеници, беа спроведени и локални избори, на кои граѓаните гласаа за одборници во општините и во Градот Скопје.

    За 120 места во Собранието имаше 1.154 кандидати. Се гласаше на околу 3.000 избирачки места и во избирачкиот список беа запишани 1.361.176 гласачи.

    Првите повеќепартиски избори беа одбележани по дозволата на тогашната Републичка изборна комисија да се гласа со пасош, по недостигот на гласачки ливчиња на некои избирачки места, а вишок на други места. Одлуката над РИК да дозволи да се гласа со пасош, тогаш уште југословенски, предизвика контроверзи дека на тој начин ќе може да се гласа двапати со што би била фалсификувана изборната волја на граѓаните. Дозволата да се гласа со пасош беше повод ВМРО-ДПМНЕ да одржи неколку големи митинзи низ републиката, на кои беше побарано да се поништи гласањето како нерегуларно и да се распушти РИК. Како последица на ова, но и заострувањето на националистичките тензии и меѓуетничката нетрпеливост на бившојугословенските простори, дојде до пресврт во вториот круг.

    По првиот круг во водство беше СКМ-ПДП, предводена од Петар Гошев, но во вториот круг како победник излезе ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски. ВМРО-ДПМНЕ освои 37 пратеници, седум повеќе од СКМ-ПДП. Реформистите на тогашниот сојузен премиер Анте Марковиќ завршија со 11, плус 6 заеднички кандидати со МДПС. ПДП освои 18, СПМ 4, ПДП-НДП 7, СПМ-ПЦЕР 1, СЈ 1, СПМ-СПСМ-МДПС 1. Во првиот повеќепартиски состав на Собранието влегоа и тројца независни пратеници: Тодор Петров, Димитар Трпеноски и Ефтим Манев.

    Изборите се одржаа на 11 и 25 ноември, а првата седница се одржа на 8 јануари 1991 година. Според извештајот на РИК, имало само недоразбирања од процедурален карактер, без поголеми инциденти. Поради констатирани неправилности, беа поништени изборите во 176 избирачки места од 33 изборни единици во 14 општини. Гласачкиот одзив во првиот круг беше 84,8%, а во вториот 76,8%.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира