ПРЕСУДЕНА КАЗНА ОД 400 ЕВРА ЗА ЛИЦЕ КОЕ ДИСКРИМИНИРА, КАЗНИТЕ ЗА ПРАВНИ ЛИЦА СЕ ДО 10.000 ЕВРА, КОМИСИЈАТА ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА ПРЕПЛАВЕНА СО ПРЕТСТАВКИ

ПРЕСУДЕНА КАЗНА ОД 400 ЕВРА ЗА ЛИЦЕ КОЕ ДИСКРИМИНИРА, КАЗНИТЕ ЗА ПРАВНИ ЛИЦА СЕ ДО 10.000 ЕВРА, КОМИСИЈАТА ЗА АНТИДИСКРИМИНАЦИЈА ПРЕПЛАВЕНА СО ПРЕТСТАВКИИсмаил Канбери, претседател на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација. (Фото: СДК.МК)

За нецели три години од постоењето, Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КЗСД) дојде до степен да се затрупа со претставки од граѓани, против физички и правни лица. Толку малку вработени има, што таму не смее никој ни да се разболи, ниту да оди на породилно отсуство.

Институциите на кои им е запретена казна и до 10.000 евра за сторена дискриминација се тие кои веднаш постапуваат по Препораките на Комисијата. Додека, физичките лица (за кои максималната казна е до 400 евра), се побавни во спроведувањето на Препораките, па со претседателот на КСЗД Исмаил Канбери разговаравме како може ефикасноста тука да се забрза.

  • Комисијата секојдневно утврдува случаи на дискриминација, сторена главно на Фејсбук, а и покрај изречените Препораки, сите дискриминатори не ги тргаат дискриминирачките содржини од социјалните мрежи и од Јутјуб. Каде е проблемот?

– Дискриминаторот треба да ја извести Комисијата дали е постапено или не е постапено по нашето Мислење, односно по Препораките. Ако не ја извести Комисијата, ние поведуваме прекршочна постапка, пред надлежен Суд за прекршоци (во рамки на Кривичен суд). Таа постапка не зависи од нас. Ние веќе имаме неколку такви предмети кои се во тек. Некои од предметите се завршуваат брзо, некои, како тој во Основниот суд Прилеп (Оддел за прекршоци) на пример, веќе втора година само се одложува. Судијка го води предметот, името во моментов не ѝ го знам. Реагиравме, ни беше кажано дека во овој суд недостасувале судии и поради тоа цело време ги одлагале рочиштата.

  • Процентуално, како постапуваат дискриминаторите по вашите донесени Препораки?

– Статистички гледано, од 70 утврдени дискриминации во 2022 година, во 16 од нив Препораките се исполнети. Треба да се има предвид дека тоа беше само втора година од постоењето на КСЗД, а тенденцијата вели дека Препораките и мислењата институциите ги исполнуваат. Проблемот е кај физичките лица, за кои сме утврдиле дека сториле дискриминација на Фејсбук. Тука е поинаква работата, имаме и технички потешкотии. И граѓаните исто така, зашто за да се пријави вознемирување, на пример на ЛГБТ-заедницата, мора пријавителот да ја знае адресата на дискриминаторот. Како ќе ја дознаат? Законот вели дека во претставката мора лични податоци да достават: име, презиме и адреса.

  • Тоа значи дека ако лажни фејсбук-профили дискриминираат и малтретираат, дури и сами да сакате да отворите случај, мора да ги дознаете вистинските автори што се кријат зад нив, плус адресите на живеење?

– Да. Има една таква специјална веб-страна со наслов за родови работи, традиционални семејства итн. Не се знае кој стои зад неа. Нема ништо, ниту импресум, ниту пак може преку други електронски алатки да се види кој е регистрант на страната, која му е адресата. Нашите алатки што ги имаме, не овозможуваат да се дознаат вистинските идентитети, без разлика дали се бараат тие зад веб-страна или зад кориснички профил на социјалните мрежи.

  • Зошто не побарате помош од МВР, од Секторот за компјутерски криминал?

– Јавното обвинителство ги има алатките. Јавен обвинител дава налог во Секторот за компјутерски криминал во МВР, тие го контактираат Фејсбук, кој им ја дава ИП-адресата, односно точната локација на уредот од којшто е напишана дискриминаторската содржина. Тоа е потребно за во судска постапка, зашто дискриминаторот потоа не може да се вади: „Тоа јас не сум го напишал“, „Хакиран ми е профилот“, итн.

Од друга страна, ние имаме потпишано меморандум со МВР и го користиме кога бараме лични податоци во смисла на единствен матичен број на дискриминаторот што сме го утврдиле.

  • Меѓутоа, кај е проблемот што не можете да ги најдете сите дискриминатори?

– Се случува да има повеќе лица со исто име и презиме, дури и до 50, па и до 60 такви совпаѓања, па МВР ни бара повеќе информации (како датум на раѓање, име на родителите), за да знае чиј матичен број да ни го даде од купот со исто име и презиме. Ете тука имаме технички проблем и сега ние бараме некој друг начин за побрзо наоѓање на пријавените дискриминатори. И судовите чекаат на нас да им ги обезбедиме личните податоци на сторителите за кои сме повеле прекршочна постапка. Во Основниот суд Прилеп, што го споменав погоре во малку негативен контекст, постои пак друга, позитивна пракса. Основниот суд Прилеп ги зема личните податоци по службена должност кога се поведува прекршочна постапка. Други судови досега ни ги одбиваат барањата за поведување, бидејќи ни бараат единствен матичен број за тој против кого сме повеле постапка.

  • Дали оваа двојна пракса е само кога станува збор за лажни фејсбук-профили?

– Не, исто е и за дискриминаторите што го прават прекршокот преку вистински профили. Како и да е, ако ги нема овие податоци, како и докази дека тие ја извршиле дискриминацијата, на суд ќе се бранат: „Не е мој профилот“, „Докажете дека јас сум го напишал тоа“. Значи мора од правна гледна точка да се докаже дека некој навистина стои позади тој фејсбук-профил. Имаме и случај кога ќе ни одговори потенцијален дискриминатор: „Во тој период профилот ми беше хакнат. Тоа не сум го пишувал јас“.

  • Дали се ова причините дека од 70 утврдени дискриминации, засега во 16 случаи е постапено по Препораките? Кој е главниот проблем што не ве слушаат дискриминаторите?

– Може е и до мајндсетот на луѓето. Од друга страна, ние имаме недостиг на човечки персонал, поради што знаеме да ги доцниме и предметите, и поведувањето прекршочни постапки. Немаме луѓе. За оваа година немаме дозволено ниту едно вработување, а за целото постоење на Комисијата ни се дозволени вкупно само три вработувања, и тоа среќа што има можност за преземање административни службеници од други институции. Така успеавме да стигнеме до бројка 16, што е само 36 проценти од предвидената систематизација. Еден да замине на одмор или на боледување, толку ни е капацитетот. Сите работат за двајца или за тројца, работат прекувремено, а средства за да ги наградиме тие луѓе – нема.

Оваа година процентуално се зголеми бројот на поднесени претставки и веќе се чувствува огромен притисок кај стручните служби. Нам луѓе ни фалат. Од јануари до март имаме 91 претставка, што е една претставка на ден. Не е работата сега ние само да штанцаме Мислења, туку треба секој проблем убаво да се истражи. Покомплексните предмети ни одземаат многу повеќе време. Ќе апелирам во Собранието за капацитетите, за стручната служба во КСЗД, за финансиска независност, бидејќи Министерството за финансии може да нè блокира на секој чекор ако сака. Разбирам дека е криза, ама има наплив од претставки од дискриминирани граѓани.

  • Од позначајните судски пресуди, кои би ги издвоиле?

– Имаме една пресуда од 400 евра за физичко лице. Прекршочното дело не застарува веднаш, туку за три години. Ние можеби не веднаш, ама тие постапки пак ќе ги поведеме. Казните за физички лица се движат до 400 евра, за правни лица до 10.000 евра. Имаме сериозни поместувања. На пример, во една Клиника имаше проблем за мажите-татковци на деца, да не им овозможуваат да спијат таму. По нашето Мислење за утврдена дискриминација и по Препораките, сега тоа е овозможено и за машкиот родител. Натаму, по нашето донесено Мислење, студентските стипендии ги изедначија. Пристап до вода по наша препорака беше обезбеден за (неформална) ромска населба во Кавадарци. Европскиот суд за човекови права и слободи во Стразбур цитираше наше мислење директно од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, што сум го напишал. Директно, од збор до збор го цитираат Мислењето во поглед на констатирана состојба како и Препораките, и ја задолжи државата во соработка со Комисијата да го имплементира решението предложено од наша страна, што е многу ретко во праксата на Судот во Стразбур.

С. К. ДЕЛЕВСКА

ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира