Уметницата Христина Иваноска од средата работи по осум часа на ден, од 8:30 до 16:30 часот, во една од салите на Музејот на современа уметност (МСУ), со едно шише вода, еден сендвич и една пауза за тоалет.
Станува збор за истражувачки перформанс на Иваноска, „Лесна_Акумулација на капитал“ , чиј наслов е делумно преземен од книгата „Акумулацијата на капиталот“ на Роза Луксембург.
Истражувачкиот проект на Иваноска е дел од изложбата „Сѐ што ни е заедничко“, која ќе се отвори вечерва во 20 часот. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова. Со уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии ќе се претстават 12 светски признати автори и уметници од земјава, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот.
Иваноска веќе 20 години работи на уметност која се однесува на прашањето на еманципација. Со овој проект, вели таа, во истите услови, сакала на своја кожа да почувствува како работат жените во текстилната индустрија.
Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК ја затекна Иваноска додека качена на скеле ги боеше празнините меѓу буквите на еден од ѕидовите во Музејот. На муралот е испишан насловот на делото „Лесна-Акумулација“ на англиски и на македонски јазик.
„Работам рачно како што се работеле уметниците во времето на социјализмот, кога уметниците биле ангажирани за да го оплеменат просторот. Текстот е со бела боја, а помеѓу буквите, во тој негативен простор ја користам сината боја, или бојата на работничкиот мантил. Интензивно се работи, со едно шише вода, со еден сендвич и една пауза за тоалет. Идејата ми е да се види колку вистински се работи, колку e тој физички и психички ангажман на еден работник кога би го работел ова работно време, а според тие услови што ги знаеме од изјави, од анализи, од медиумите, за тоа како работат текстилните работнички во Македонија“, ни рече уметницата.
Дел од инсталацијата ќе биде и договорот, кој таа и МСУ го потпишале, каде се наведени сите овие услови и според кој за тие шест работни дена, Музејот ќе ѝ исплати една четвртина од минималната плата во државава, според Министерството за труд и социјална политика во бруто износ.
„Од таа сума, јас ќе вратам 30 отсто на подсметка на МСУ . Тоа е всушност сумата која работничките му ја враќаат на работодавецот на рака. Според мојата груба пресметка, тоа е околу 1.500 денари. Подсметката ќе го носи насловот на делото и идејата ми е да функционира како фонд во кој ќе се акумулираат средства од граѓани, од институции, од фирми, и кои понатаму би се користеле за исто вакви истражувачкo-уметнички проекти на жени авторки од Македонија“, рече Иваноска.
Спроти муралот е поставено платно, на кое исто така паралелно работи Иваноска, и на кое везе текстови. Станува збор за различни текстови кои се однесуваат на труд, што значи трудот во контекст на општеството, во контекст на државата, каде е тука уметничката работа како труд, како таа се вреднува. Тоа се цитати, конструкција на нови реченици, текстови инспирани од текстови кои претходно ги читала и кои сега ги исчитува од материјалите кои ги користи.
„Пред неколку дена почнав и да работам на текст кој прво беше замислен да биде кратка изјава за делото, но почна да се развива како подолг текст, бидејќи темата е комплексна и сложена и сметав дека треба да се наведат повеќе референци и повеќе информации. Самата моја работа како уметник веќе 20 години се однесува на женското прашање, на прашањето на еманципација, на рамноправна застапеност во јавниот сектор. Секогаш е поткрепена со истражување на соодветни информации, со исчитување на соодветна литература и затоа сметав, некако почувстував дека треба да продоложи да се развива како подолг текст. Текстот постои посебно, а на платното ќе везам кратки“, вели таа додека бои со четката на муралот.
Иваноска вели дека денеска ќе работи втора смена, а според договорот, треба да заврши на 24 декември.
„Се надевам дека ќе успеам сѐ да завршам или ќе го оставам до таму кај што ќе успеам да стигнам. Во договорот има клаузула дека Музејот може дополнително да ме ангажира дококлу има потреба и таа клаузула стои во договор.“, вели Иваноска.
Денес, од 19 часот петмината уметници од „Се што ни è заедничко“ кои пристигнаа во Скопје, Антон Видокле, уметничкиот колектив „Что делат“ (Дмитри Виленски и Николај Олеиников), Џулиета Аранда, Артур Жмијевски и Даниел Гарсиа Андухар и тројцата македонски уметници Христина Иваноска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ ќе направат организирана прошетка низ музејот и секој ќе даде кусо објаснување за концептот и значењето на своето дело.
Б. НЕСТОРОСКА