СÈ Е ПО ЗАКОН, ДОГОВОРОТ НА ФИЗИОТЕРАПЕВТОТ НЕ Е ПРЕКИНАТ ТУКУ ИСТЕЧЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА СТРУШКА НЕФРОЛОГИЈА ЗА СТРУЖАНЕЦОТ КОЈ ОСТАНА БЕЗ РАБОТА ПО 19 ГОДИНИ СО ДОГОВОР НА ДЕЛО

    СÈ Е ПО ЗАКОН, ДОГОВОРОТ НА ФИЗИОТЕРАПЕВТОТ НЕ Е ПРЕКИНАТ ТУКУ ИСТЕЧЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА СТРУШКА НЕФРОЛОГИЈА ЗА СТРУЖАНЕЦОТ КОЈ ОСТАНА БЕЗ РАБОТА ПО 19 ГОДИНИ СО ДОГОВОР НА ДЕЛОЗа тројцата новоангажирани место стипендистот на државата како дефицитарен кадар Димоски, директорот Зиба вели дека имаат искуство, а едната од нив има работено токму во оваа болница. (Фото: СДК.МК)

    Директорот на Специјалната болница за нефрологија во Струга, д-р Јетмир Зиба, за случајот со Димче Димоски, стипендист на државата како дефицитарен кадар кој 19 години работел како физиотерапевт со договор на дело и остана без работа, вели дека сѐ е законски оти договорот бил истечен. За новите вработени тројца надворешни физиотерапевти вели дека имале искуство иако законот не предвидувал при ангажирање на надворешни лица искуството да се земе предвид.

    „Договорот не му е прекинат, договорот му е истечен. Искуството не е дел од условите за продолжување на договорите, како и за склучување на нови договори на дело. Лицата кои се ангажирани исто така имаат искуство, едната од нив има работено токму во оваа болница“, кажа директорот Зиба во телефонска изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК

    Во струшка Нефрологија моментално има 25 вработени со договор на дело, а над 2.500 лица со години работат во здравството чекајќи трајно вработување. Димоски како дипломиран физиотерапевт, од 2005 до 2014 бил ангажиран со договор на дело во болницата „Св. Еразмо“, неколку години потоа работел приватно, а последните две години бил ангажиран во Заводот за нефрологија во Струга.

    Министерот за здравство Арбен Таравари вети дека ќе се заложи до крајот на годината решенија за трајно вработување да добијат лицата кои со години работат со договор на дело.

    „Проблемот со договорците, не е проблем во една клиника или една болница, туку генерално во сите јавни здравствени установи во државата. Ми треба дефинитивна координација со министерката за финансии, ќе направам сè што можам барем на половина да им дадеме решение и да можеме повторно да примиме нови договорци и недостатокот да го покриеме“, кажа Таравари во отчетот за 100 дена Влада.

    Неодамна, и Независниот синдикат на здравствени работници побара при вработување во здравствениот сектор, предност да имаат тие кои со години работат со договор на дело.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира