СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НА 6 МЕСТА ГИ НАОЃА ТРАГИТЕ НА ИЗМАМНИЦИТЕ СО БРЗИ КРЕДИТИ, КОИ СО КРАЖБА НА ЛИЧНИ КАРТИ ПОДИГААТ ПАРИ НА ТУЃО ИМЕ, ВО ШЕМАТА СЕ И ФИНАНСИСКИ ДРУШТВА

    СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО НА 6 МЕСТА ГИ НАОЃА ТРАГИТЕ НА ИЗМАМНИЦИТЕ СО БРЗИ КРЕДИТИ, КОИ СО КРАЖБА НА ЛИЧНИ КАРТИ ПОДИГААТ ПАРИ НА ТУЃО ИМЕ, ВО ШЕМАТА СЕ И ФИНАНСИСКИ ДРУШТВАЖртвите на измами со брзите кредити, претставки поднесуваат кај Народниот правобранител. Некои од нив, од страв од извршители и од тужби пред суд, ги враќаат кредитите, иако други ги зеле крадејќи им го името и матичниот број. (Фото: СДК.МК)

    По серијата текстови на САКАМДАКАЖАМ.МК за масовниот криминал со брзите кредити од финансиските друштва во кој настрадаа многу недолжни граѓани, на кои им биле украдени личните податоци, Скопското јавно обвинителство ја активираше истрагата, почната уште во 2021 година.

    По наредба на обвинителка од Основното јавно обвинителство Скопје, МВР, СВР Скопје, Бирото за јавна безбедност и Единицата за економски и компјутерски криминал, од 6 места добиле траги, имиња и адреси од измамници, кои со кражба на лични карти или лични податоци од туѓи лични карти, земале кредити на име на жртвите.

    „Во тек е јавнообвинителска одлука. Се работи на повеќе случаи во еден голем предмет, истрагата е тајна“, е кусиот одговор што го добивме од ОЈО Скопје.

    Обвинителството меѓутоа целосен одговор со информации и докази за текот на големата истрага, му дал на Народниот правобранител, бидејќи има законска должност. Овие случаи ги обелодени во СДК.МК токму Омбудсманот, кој не беше задоволен од претходните одговори од МВР и особено од Министерството за финансии кое дозволило со неконтролирање на работата на овие друштва, овој криминал со брзите кредити да заземе масовни размери.

    Жртвите на измами со брзите кредити, претставки поднесуваат кај Народниот правобранител. Некои од нив, од страв од извршители и од тужби пред суд, ги враќаат кредитите, иако други ги зеле крадејќи им го името и матичниот број.

    Ова е доброразработена шема, во која, како што потенцира и МВР, се вмешани и финансиски друштва. Тие на невидено, без физичко присуство за верификација на фотографијата и на податоците од личната карта, одобруваат брзи кредити само со телефонско јавување или по добиена електронска пошта од барателот.

    По желба на барателот, место на трансакциска сметка, финансиското друштво ги префрла парите обично на онлајн продавници, кои потоа немаат обврска да проверуваат кому ги продадаваат производите. За да ги сокрие трагите, купувачот (измамникот) кажува „немам постојана адреса“, оставете ја нарачката на пат, на игралиште, на ливада.

    Во одговорот што го добивме од МВР, таму е потенцирано дека во шемата се вмешани и финансиски друштва со тоа нивно непроверување на документи за лична идентификација.

    „Вкупниот број на пријавени случаи за злоупотреба на лични податоци и извршени незаконски дејствија на финансиските друштва за т. н. брзи кредити, без проверка на документи за лична идентификација на барателите на средствата, за периодот од 01.01.2023 година до 30.07.2023 година изнесува 65 случаи“, вели Министерството.

    Неколку од тие жртви на измамници со брзи кредити зборуваа за САКАМДАКАЖАМ.МК. Едната жртва е лице со тешка попреченост (церебрална парализа), кого измамниците го нашле на Фејсбук. Со неговата лична карта, и покрај тоа што родителите ја поништија и за тоа ги известија финансиските друштва, тие продолжија на измамниците да им одобруваат брзи кредити со неважечката лична карта. На невидено, само со телефонско јавување или со е-пошта. Родителите од страв ги вратиле долговите, но за последниот кредит што финансиското друштво му го одобрило на измамникот/измамниците, тие повеќе немаат пари да го вратат. Исплашени, чекаат извршител или тужба и безуспешно ја молат државата да ги заштити.

    Во друг случај, на медицинска сестра од скопска болница, додека на работа била со пациенти, некој ѝ ја зел ташната, го нашол паричникот со личната карта, ја сликал, и сè вратил назад на место. По неколку месеци таа доживува шок – ѝ стасува известување дека треба да врати долг на финансиско друштво во висина од 165.000 денари, брз кредит која таа никогаш не го барала и не го зела.

    С. К. ДЕЛЕВСКА


    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира