ТРУДОВАТА ИНСПЕКЦИЈА ЈА ОПОМЕНА БИТОЛСКАТА БИБЛИОТЕКА ОТИ НЕ ИМ КАЖАЛА НА ВРАБОТЕНИТЕ КАКО ДА СЕ ЗАШТИТАТ ОД ВОЗНЕМИРУВАЊЕ НА РАБОТНОТО МЕСТО, ОТКАКО БЕШЕ КАЗНЕТА РАКОВОДИТЕЛКА ПРЕД ПЕНЗИЈА

    ТРУДОВАТА ИНСПЕКЦИЈА ЈА ОПОМЕНА БИТОЛСКАТА БИБЛИОТЕКА ОТИ НЕ ИМ КАЖАЛА НА ВРАБОТЕНИТЕ КАКО ДА СЕ ЗАШТИТАТ ОД ВОЗНЕМИРУВАЊЕ НА РАБОТНОТО МЕСТО, ОТКАКО БЕШЕ КАЗНЕТА РАКОВОДИТЕЛКА ПРЕД ПЕНЗИЈАПоранешниот в. д. директор на Универзитетската библиотека во Битола Менде Доневски, на осум месеци пред пензија ја исели од канцеларијата програмската раководителка Јелена Петровска (Фото: СДК.МК)

    Државниот инспекторат за труд изрече опомена за Универзитетската библиотеката „Св. Климент Охридски“ во Битола, за прекршок направен според Законот за заштита од вознемирање на работно место (ЗЗВРМ). Инспекторот ова го констатирал при извршен вонреден инспекциски назор во Библиотеката по пријава од м-р Јелена Петровска, програмската раководителка и библиотекарка-советник со долгогодишно професионално искуство, за наводи за мобинг на работното место. Петровска за мобинг го имаше пријавено претходниот в.д. директор Менде Доневски откако во јануари годинава, или осум месеци пред таа да оди во пензија, тој ја исели од канцеларијата во Дневна соба, јавен и отворен простор за читателите од сите возрасти.

    Од Инспекторатот, на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК поствени преку барање за слободен пристап до информации, соопштија дека при од извршената проверка било утврдено оти работодавачот осносно установата не ги известила работниците за мерките и постапките за заштита од вознемирување на работно место, што е спортивно на член 11 од ЗЗВРМ. Утврдиле прекршок во член 36 од истиот закон, за што изготвиле записник и издале решение со изречена опомена за остранување на утврдените неправилности. Во членот 36 од овој Закон пропишана е и глоба од 6.000 евра ако работодавалот не го запознае вработениот пред стапување на работа и оние кои се во работен однос со забраната за вршење на вознемирување на работно место, обврските и одговорностите во врска со вршење на вознемирување на работно место, начинот и можностите за заштита.

    Кога пријави мобинг, Петровска изјави дека буквално била протерана од канцеларијата со непрофесионална комуникација од Доневски, кој ѝ го исклучил компјутерот додека работела и ѝ наложил нејзините работи прво да ги стави во ходникот додека во текот на денот не ѝ каже каде треба да ги носи. Доневски, пак, рече дека вработената долго време ја имала узурпирано канцеларијата наменета за стручна обработка, каталогизирање и сместување на музикалии, па ѝ било соопштено дека ќе биде преместена во друга просторија која ги задоволува условите и тоа било направено без никакво насилство.

    Додека ја извршуваше функција в.д. директор од ноември 2024 до крајот на јануари 2025, Доневски воедно беше и претседател на СОНК во установата. Од Синдикатот за САКАМДАКАЖАМ.МК обраложија дека административна пречка била причината поради која не можел да биде тргнат од претседателското место на подружницата на СОНК во оваа установа додека бил на раководната функција, зашто траела реорганизација на Секторот за труд од едно во друго министерство.

    Покрај иселувањето, Петровска се соочи и со казна од 30 проценти од плата во следните шест месеци или буквално до пензија поради наводи за пропусти во работењето кои ги констатирала Дисциплинската комисија, а со решение донесено од поранешниот в.д. директор Доневски. Нејзината желба деновиве беше одбиена и таа најави дека правдата ќе продолжи да ја бара на суд.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира