ЦЕЛ КЛАС ВТОРООДДЕЛЕНЦИ И НАСТАВНИЧКАТА ПОМАГААТ ДВАЈЦА СОУЧЕНИЦИ СО ДИЈАБЕТЕС

ЦЕЛ КЛАС ВТОРООДДЕЛЕНЦИ И НАСТАВНИЧКАТА ПОМАГААТ ДВАЈЦА СОУЧЕНИЦИ СО ДИЈАБЕТЕСНаставничката Весна Аврамовска-Димитровска од Основното училиште „Климент Охридски“ во Битола останатите 25 ученици во одделението ги научи да ги прифатат дугарчињата и смирено да ја известуваат дали здравствената состојба е добра или им се влошила; - Учениците и наставничката на јавен настан презентираа снимено видео како им минува денот во битка со болеста, за да ја подигнат свеста за лицата со дијабетес (Фото: СДК.МК)

Учителката е како втора мајка, е примерот со одделенската наставничка Весна Аврамовска-Димитровска од Основното училиште „Климент Охридски“ во Битола. Додека некои просветни работници се плашат на школо да имаат дете со дијабет, таа во одделението ги има две со дијабет тип 1. Преку ден им мери шеќер во крвта, им дава мед кога ќе доживеат хипогликемија, па дури и инсулински инјекции.

Но, најважно од сѐ е што останатите 25 ученици во одделението ги научи да ги прифатат дугарчињата и смирено да ја известуваат дали здравствената состојба е добра или им се влошила. Учениците и наставничката деновиве на јавен настан презентираа снимено видео како им минува денот во битка со болеста, за да ја подигнат свеста за лицата со дијабетес.

„Ова е мојот ранец, покрај школскиот прибор, јас го носам и сето ова“, вели еден од учениците во снименото видео, притоа покажувајќи на опремата за мерење и регулирање на шеќерот. „Многу е зарем не? Но, најтешкото е боцкањето, мерење, корекција“, додава детето.

И наставничката е тука да помогне во целата постапка. Другите ученици се снимени додека на таблата ставаат лепенки со термини другарство, милост, зрелост, одговорност, храброст.

„Се соочуваме со дополнителни пропратни проблеми како неквалитетен инсулин, неквалитетни мерачи што покажуваат огромни разлики во мерењето. Апелирам најбрзо да се набават барем за дечињата до 12 години сензорите ‘либре’ за мерење без боцкање зашто многу ќе им го олеснат животот. Трагично е едно дете да се боцка покрај инсулинската терапија уште 10 пати најмалку на ден на рачињата за да се мери шеќерот“, вели наставничката Весна Аврамовска-Димитровска (лево) (Фото: СДК.МК)

„Успеавме на многу умешен начин да мериме гликемии и да се справуваме со ситуации, не само јас туку и моите ученици кои можат да препознаат било каква состојба поинаква од нормалната кај дечињата со дијабет. Во моменти на хипер или хипогликемија имаме развиено посебна комуникација за во меѓувреме нормално да се одвива наставата, а да им се пружи помош. Имаме воспоставено знаци за тоа дали е сериозна ситуацијата, дали опасноста е голема и треба да биде апсолутна тишина во одделението и да се реагира на соодветен начин“, раскажува наставничката.

Бидејќи немаат соодвентни пенкала како што е во странските земји по училиштата, тие користат мед за да се подигне ако е ниска гликемијата или да се реагира со коелкција ако е висока. Едното од децата има сензор на раката за мерење на шеќер, но другото мора да се боцка за да се провери.

„Се соочуваме со дополнителни пропратни проблеми како неквалитетен инсулин, неквалитетни мерачи што покажуваат огромни разлики во мерењето. Апелирам најбрзо да се набават барем за дечињата до 12 години сензорите ‘либре’ за мерење без боцкање зашто многу ќе им го олеснат животот. Трагично е едно дете да се боцка покрај инсулинската терапија уште 10 пати најмалку на ден на рачињата за да се мери шеќерот“, додава наставничката.

Но, не сите искуства во образованието се вакви. Често пати децата со шеќерна болест се дискриминирани, има и случаи кога родителите одат со нив во школо за да им даваат инсулин.

„Сѐ уште има дискриминација кај овие дечиња. Лично познавам дете кое е исклучено од училиште поради хипогликемии и не оди на школо, што мислам дека денес е нонсенс и не смее да се повтори“, вели интернистот дијабетолог Мирјана Младеновска.

Од Здружението на дијабетичари од Битола велат дека потребна е едукација во училиштата.

„Ние направивме таква едукација во Гимназијата. Тие деца треба да се ослободат и да кажат дека го имаат дијабетот бидејќи тоа не е срам, туку состојба во која се нашло детето. Детето треба да биде прифатено од средината во која живее “, рече претседателот Борис Мијалчев.

Од Битолската болница велат дека за 10 проценти од лани до годинава е зголемен бројот на адолесценти од 14 до 18 години заболени од дијабет. Помалите деца се праќаат на лекување во Детската клиника во Скопје, па не се знае точниот број, но во просек се од 10 до 15.

„Дијабетот веќе има карактеристики на пандемија во светот, заболени се околу 400 милиони лица. За Битола немаме точен број, но сигурно ги има над 15.000 од кои над 7.000 се на инсулин. Имаме раст од лани досега и кај нас посебно на тип 2 кај деца  поради неадекватниот начин на исхрана. Дијабетот кој беше карактеристичен за возрасните се јавува и кај младата популација. Деца со дијабет тип 1 има од 10 до 15, кои се на инсулин“, рече доктор Лилјана Нечевска, интернист која долго време се занимавам со проблематиката на шеќерната болест.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира