За долг од 112 денари за сметка за парно кон Балкан енерџи груп (БЕГ) на скопјанец му дошол налог за извршување од 10.200 денари. Граѓанинот за овој случај пред три недели поднел преставка до Народниот бранител бидејќи, како што раскажа за САКАМДАКАЖАМ.МК, писмото од извршител за долг кон БЕГ од 112 за месец јули 2015 му стигнало на домашна адреса на 18 август 2018, а пред тоа не добил опомена дека има долг. Притоа, долгот за кој тој не знаел дека е тужен бил платен на 9 ноември 2015.
„Според документацијата што ја добив од извршителот, тужбата БЕГ ја поднеле на 9 ноември 2015, а јас долгот го подмирив на 27 ноември. Притоа, сите овие години од БЕГ ниту еднаш не сум добил допис или опомена дека имам долг кон нив. Ниту во месечните фактури кои ги добивав тој период покрај главниот износ стоеше и износот на име камата за задоцнето плаќање, кој исто така беше редовно намируван. Во ниту еден момент не помислив дека покрај таа камата, постои уште некоја друга камата која не е изразена на фактурите и која треба да биде намирена“, вели тужениот граѓанин.
Во документот што го добил од извршителот му било доставени трошоци за извршува во висина од 10.200 денари, односно трошоци на извршување 4.369 денари, трошоци за застапување на доверител од адвокат од 1.534 денари, трошоци определени во извршна исправа од 4.208 денари и 112 на име главен долг. Решението за спроведување на решението било донесено 15 јануари годинава, а дописот го добил на 18 август.
„Вкупниот износ е речиси стократно поголем од износот на главниот долг. Јас во меѓувреме на почетокот на 2016 година кога се врши порамнување добив известување од БЕГ дека имам преплатено, па тој износ ми беше земен од предвид во друга фактура. Зошто при порамнувањето не бил одбиен и овој долг? На 20 август, два дена откако го добив решението од извршителот, побарав објаснување од нив. Ми рекоа дека нив не ги интересира сè што имам да кажам во врска со случајот, тие само се задолжени да спроведат извршување и дека можат да ми помогнат само да го платам долгот на рати. Јас им кажав дека досега не сум добил никаков документи ниту од нив, ниту од нотар, ниту од БЕГ за долгот, ми рекоа дека дописите веројатно ми се испраќани препорачано, а во случај да не сум можел д ги подигнам, биле истакнувани на огласна табла и како такви биле прогласувани за важечки“, вели тужениот корисник на БЕГ.
Од компанијата Балкан енерџи груп (БЕГ) велат дека сите потрошувачи се навремено информирани за статусот, односно за неплатени сметки или фактури од нивна страна и откако предментот ќе влезе во постапка на тужба, потрошувачот добива известување од нотарот согласно важечката регулатива.
„Сите потрошувачи од 2014 година па досега, редовно добиваат известување за заостанат долг по истекот на наведениот рок за плаќање. Известувањето е наведено во секоја нова сметка, а за што подобро информирање воведовме и различна боја во фактурите, во зависност дали има неплатени долгови или не. Ваквите известувања стигнуваат сè додека долговите не се тужат. Пред тужбата, потрошувачот добива известување со кое се информира за статусот како и за правата и обврските. На 20 денови пред поднесување на тужбата потрошувачот добива и последна опомена, со што има можност да го подмири долгот без да дојде до судска разврска. Покрај оваа пракса за писмено информирање, сите потрошувачи кои имаат ажурирани податоци добиваат телефонски повик со што и директно се информирани“, велат од БЕГ.
Од компанијата велат тужбата се повлекува во случаи кога потрошувачот ќе ја плати тужената фактура заедно со дотогаш реално направените адвокатски, нотарски и судски и други дополнителни трошоци.
„Во случај кога потрошувачот го плаќа само главниот долг од фактурата, тужбата е сè уште активна бидејќи не се наплатени трошоците кои се генерираат при процесот на тужење. Предметот продолжува, согласно адвокатските, нотарските и извршителските тарифи, вклучувајќи и казнената камата. Во овој случај постапката понатаму ја водат адвокатите, нотарите и извршителите, сè до наплата на целосниот износ“, велат од БЕГ.
А. АНТЕВСКА