Министерството за финансии смета дека измамите со т.н. брзи кредити кои се земаат на туѓо име преку кражба на лични податоци на жртвите, само со едно „ало“ по телефон и без физичко присуство, не се негов, туку проблем на МВР.
Министерството смета дека кај нив нема одговорност во случајот со измаменото лице со тешка попреченост, во чие име измамници зеле повеќе кредити, кои родителите немаат веќе пари да ги враќаат.
Последниот кредит од 600 евра кој со големи камати и трошоци во тие финансиски друштва сега е скокнат енормно, не им е вратен. Тие се изнемоштени, немаат повеќе пари да ги враќаат кредитите што ги земаат измамниците без проблем на име на нивниот болен син.
Министерството за финансии смета дека се работи за кривично дело казниво со затвор и оти во надлежност на МВР е да го расчисти случајот, кој таму мајката на жртвата го пријавила уште во 2021 година.
„Ве информираме дека Министерството за финансии за конкретниот случај доставеното известување од Народниот правобранител го има доставено до Министерството за внатрешни работи за натамошно постапување, од причина што се однесува на злоупотреба на лични податоци при аплицирање/подигнување на кредит, што е утврдено како кривично дело согласно Кривичниот законик и е казниво со затвор, односно претставува класичен криминал и е во надлежност на МВР“, ни одговорија од кабинетот на министерот за финансии Фатмир Бесими.
Ова министерство е надлежно за контрола во работењето на финансиските друштва.
„Нашата цел како Министерство за финансии е да ја подигаме свеста на граѓаните за да ги заштитат своите лични податоци и да не ги споделуваат на никого. Имено, Министерството за финансии врши надзор над работењето на финансиските друштва во согласност со Законот за финансиските друштва и Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Притоа, ако се утврди дека финансиско друштво работи спротивно на законските одредби, Министерството за финансии презема мерки спрема конкретното финансиско друштво“, кажуваат оттаму дека се ненадлежни да го спречат натамошното издавање на кредити на жртвата.
Министерството ја повикува Агенцијата за заштита на личните податоци, која, како што тврди мајката на злоупотребеното лице со попреченост, се прогласила ненадлежна на украдени лични податоци.
„Во однос на обработката и користењето на личните податоци во самото финансиско друштво, Агенцијата за заштита на лични податоци е надлежна да ги санкционира финансиските друштва, ако внатрешните системи за обработка на лични податоци не им се согласно закон, односно ако не создадат услови за заштита на личните податоци на клиентите“, децидно е Министерството за финансии.
Но, Народната банка, кај која се обративме во врска со незаштитените граѓани од криминалот со брзите кредити, не вели така. Таму упативме прашање – која е надлежноста на Народната банка врз овие финансиски друштва, со оглед на тоа дека се прават големи злоупотреби со брзите кредити, се даваат без никаква контрола и процедура, па дури и на туѓи, украдени лични податоци.
„Во однос на вашето прашање, ве известуваме за следното: Согласно Законот за финансиски друштва, институција која издава и одзема лиценца, врши надзор и изрекува мерки за финансиските друштва е Министерството за финансии. Согласно Законот за Народната банка, во задачите на централната банка спаѓа регулирање, издавање на дозволи и супервизија на банки, штедилници, друштва за издавање на електронски пари и други финансиски институции (член 7, став 9)“, прецизираа од кабинетот на гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска – Бежоска дека надлежноста за финансиските друштва не е кај нив, туку под Министерството за финансии.
Како што пишуваше САКАМДАКАЖАМ.МК, мајката Н.И. од Скопје моли за помош пред МВР и другите надлежни органи да ги најдат лицата кои по кражба на личната карта на нејзиниот неподвижен син, земаат онлајн брзи кредити на негово име. Родителите на ова лице со посебни потреби за нецели две години имаат вратено повеќе пари од брзите кредити што ги подигаат непознати измамници со злоупотреба на личните податоци на нивниот син со попреченост. Ги враќаат веднаш, зашто каматите и останатите трошоци се огромни. А сета злоупотреба е со дозвола од државата.
Токму затоа беа конкретни прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК до Министерството за финансии:
1. Како е можно да финансиските друштва да даваат брзи кредити на граѓани, само со јавување по телефон или по мејл?
2. Како се дозволува да се даваат брзи кредити и на туѓо име, во случајов на име на лице со попреченост кому му се украдени личните податоци од измамници? Кој ќе ги обесштети неговите родители кои три кредити досега им враќаат на финансиските друштва, откако ги одобриле на непознати измамници на име на нивниот син?
4. Што ќе прават сега тие со четвртиот кредит пораснат со камати, за кој се презадолжени и немаат пари да го вратат?
5. Што ќе му одговорите и дали ќе му одговорите на Народниот правобранител за овој случај, кој му пишал допис на Министерството за финансии уште на 15 јуни?
6. Што презема Министерството за финансии за да воспостави контрола во оваа се чини намерно оставена сива зона за остварување профит на финансиските друштва? (Ве молиме наведете ако во меѓувреме е подготвен или донесен закон со кој ќе се воспостави контрола)
Кредитите земени на име на синот на Н.И. се 40.000, плус 70.000 денари, и родителите ги вратиле од заштедата за него, која била за по нивната смрт. Последниот кредит што го подигнале измамниците на негово име е 36.500 денари. Но, родителите велат сега можеби со камати е пораснат на 500.000 денари. Снемале пари и него не може да го вратат.
Откако од МВР не добива подолго време одговор дека измамниците се откриени, Н.И. се обратила кај Народниот правобранител, од каде итно отвориле предмет и на 15 јуни испратиле допис како до Министерството за внатрешни работи, така и до Министерството за финансии, под чија контрола треба да бидат овие финансиски друштва за т. н. брзи кредити.
Пред две години синот Љ.И. (38) на Фејсбук се запознал со непознати луѓе. Му рекле сликај ја личната карта и трансакциската сметка, за да ни направиш услуга, т. е. тетка од Америка на неговата сметка да им прати пари. Тој тоа и го направил.
„Тоа беше, всушност, кредит. Првиот кредит. Ние го однесовме синот во друштвото. Кога измамникот ги извадил парите, тој подигнал кредит на име на син ми. Не биле средства пратени од Америка“, вели таа.
Кредитот од 40.000 денари што го зел измамникот, веднаш го вратиле со нејзиниот сопруг, за да не порасне со каматите до небо.
„По еден месец доживуваме шок! Ни стигнува известување уште од три финансиски друштва дека ние треба да вратиме кредити на име на синот. Прво што направив, отидов во сите финансиски друштва за лично да им кажам на име на мојот син, со таа и таа лична карта, со тој матичен број, да не издаваат кредити! Лично ги молев на име Љ.И. да не даваат средства“, вели мајката.
Во меѓувреме, синот ја изгубил личната карта, родителите му извадиле нова. Со тоа се понадевале дека на кредитите ќе им дојде крајот, но, попусто, зашто штом ќе се впише во системот неговото име, и понатаму се појавува неговиот матичен број кај овие друштва за брзи кредити.
Таа му ги сменила името и презимето, но и тоа не помогнало. Од друштвата ѝ објасниле на беспомошната жена: „Какво сакате име ставете, нам пак ни излегува името Љ.И. и неговиот матичен број. Ние ќе издаваме кредити. Додека му е важечка таа лична карта за која велите дека е изгубена, до ноември 2024 година, ние ќе даваме кредити. Ние немаме опција да видиме дека таа лична карта не е важечка!“.
Родителите на жртвата Љ.И. ангажирале и адвокатка. Таа испратила известување до сите регистрирани финансиски друштва кај нас, дека не смеат да издаваат кредити на таа неважечка лична карта на синот. Адвокатката ја извадила објавата од Службен весник за изгубена лична карта, па и тој доказ во прилог им го испратила на финансиските друштва.
Но, за недела дена, пак бил издаден нов кредит на име на синот, од 36.500 денари.
Во МВР поднела три кривични пријави. Но, според нејзините сознанија, полицијата сè уште не може да ги пронајде измамниците, бидејќи во овие брзи кредити државата оставила за крајните корисници да може да не фигурира име.
Народниот правобранител бара веднаш МВР и останатите надлежни органи да го заштитат семејството од натамошна кражба со злоупотреба на личните податоци на нивниот син, да ги најдат сторителите, но и да извршат контрола во тие мали финансиски друштва кои даваат кредити по напишана е-пошта, без лично присуство на барателот. Со дописот, Омбудсманот бара од МВР, односно од Секторот за економски и компјутерски криминал, реакција од денот на поднесувањето на пријавите од мајката.
Народниот правобранител бара дали се откриени сторителите и дали и кога е известено надлежното Обвинителство? Иако рокот за да одговори бил 8 дена, до денеска нема одговор од МВР на дописот од Народниот правобранител за овој случај.
С. К. ДЕЛЕВСКА