Рускиот вицепремиер Дмитри Рогозин смета дека германскиот весник „Билд“ покажал исклучително суеверие, кога ја објавил конечната листа на освојувачи на медали на Олимпијадата во Рио де Жанеиро, но не ги спомнал и руските победници.
„За русофобите, Русија е исто што и 13. ред за суеверните авиокомпании“, напиша Рогозин на неговиот профил на Фејсбук.
За илустрација на неговиот пост тој стави фотографија од листата на „Билд“ со најдобрите тимови на Игрите во Рио.
Четвртопласираната Русија, од непознати причини не е рангирана на табелата со медали. Рогозин рече дека германскиот весник ги следи стапките на некои авиокомпании кои им удоволуваат на суеверијата на патниците и одбегнуваат да го користат бројот 13 што генерално се смета за баксузен во одбележувањето на редовите во авионите.
На Олимпијадата во Рио, Русија освои 19 златни медали, 18 сребрени и 19 бронзени медали, со што се пласираше пред Германија која се пласираше на петто место со 17 златни, 10 сребрени и 15 бронзени медали.
„Билд“ соопшти дека нема да ги земе предвид достигнувањата на рускиот тим поради обвинувањата за допинг.
Извршниот одбор на Меѓународниот олимписки комитет одржа состанок на 24 јули за да се избегне забрана за учество на рускиот тим на Олиписките игри. Поединечните спортски федерации имаа за задача да донесат одлука дали треба да им се дозволи на руските спортисти да се натпреваруваат во Рио.
Беше заклучено дека на ниту еден спортист со историја на допинг нема да му биде дозволено да учествува на Олимписките игри.
Независна комисија од тројца високи претставници на Олимпискиот комитет донесоа конечна одлука за учеството на Русија на Олимпијадата 2016 во Рио, но во намален состав поради отсуството на атлетичарите.