БОРИЛИШТАТА ЗА СПОРТОВИ НА ВОДА ВО РИО СЕ ПОЛНИ СО ФЕКАЛИИ

a:1:{s:9:"td_source";s:22:"Рио,(Њузвик)

    БОРИЛИШТАТА ЗА СПОРТОВИ НА ВОДА ВО РИО СЕ ПОЛНИ СО ФЕКАЛИИ

    На 25 дена пред почетокот на Олимписките игри во Рио, Меѓународниот олимписки комитет издаде соопштение, насловено: „Рио 2016 е подготвен да му посака добредојде на светот“. Неколку пасуси подолу во соопштението, ИОК одговори на гласините дека заливите Гванабара и Лагоа, двете борилишта за спортовите на вода, се загадени со фекалии.

    „Организаторите нагласија дека двете водени површини ќе овозможат врвни услови за спортистите“, стоеше во соопштението на ИОК.

    Истиот ден, во светските медиуми беше објавено дека научниците откриле супербактерија, отпорна на лекови, во Лагоа, како и на плажата Копакабана. Супербактеријата може да предизвика уринарни, гастроинтестинални, пулмонарни и крвни инфекции, како и менингитис, обајви тогаш „Ројтерс“, повикувајќи се на извори од Американскиот центар за контрола и превенција на болести.

    Повеќе од половина од отпадните води во шестмилионскиот Рио течат директно во реки и во океанот и тоа требаше да се промени пред Олимпијадата. При кандидатурата, Рио претстави план за намалување на нефилтрираните отпадни води за 80%. Сепак, како поминуваа години, таа бројка стана нереална.

    „Да пречистиме 80% од загадените води? Нема шанси тоа да се случи“, кажа Андре Кореа, секретар за животна средина на покраината Рио.

    Други функционери велат дека за тоа ќе бидат потребни 20 години и неуспехот да се спроведе планот поттикна истрага за проневера на федерални фондови.

    ИОК инсистира дека водите во Рио се безбедни, бидејќи, освен откриената супербактерија, другите тестови за бактерии беа со резултати во прифатливи рамки.

    „Независните тестови во областа кадешто ќе се одржуваат натпревари постојано покажуваа дека квалитетот на водата ги исполнува релевантните меѓународни стандарди“, соопшти неодамна ИОК.

    Светската здравствена организација не препорачува да се прават тестови за вируси и ИОК нема планови да ги направи.

    Сепак, кога АП минатата година зеде примероци од водата, нивото на вируси во олимписките води беше речиси исто како во канализација.

    „Ниту едно борилише за спортови на вода не е безбедно“, напиша тогаш АП.

    Според извештајот на американската агенција, водата била полна со аденовируси, кои можат да предизвикаат дијареја и повраќање, но и да доведат до посериозни болести.

    Дали некој од олимписките спортисти ќе се разболе зависти од многу индивидуални фактори, како, на пример, колку е силен нивниот имунитет. Австралиските натпреварувачи во едрење земаат витамини уште од минатата година, за секој случај.

    „Земаме соодветни суплементи за да го засилиме имуниот систем и сигурен сум дека и другите го прават истото“, изјави Питер Конди, директорот на австралискиот тим во едрење.

    И покрај лошите вести, Светската федерација во едрење е невообичаено смирена. Алистер Фокс, технички делегат на федерацијата за Игрите во Рио, веќе неколку пати ги посети борилиштата.

    „Бродовите стартуваа од пристаниште кадешто се влеваше канализацијата. Не мирисаше, ниту изгледаше добро. Имаше и парчиња дрво и многу пластични кеси. Еднаш видов цел кауч“, вели Фокс.

    Но, оттогаш, тој тврди дека условите постепено се подобрувале и за време на последната посета пред два месеци бил импресиониран од квалитетот на водата во пристаништето.

    „Во мај, бев навистина импресиониран од квалитетот на водата. Немаше никаков мирис, водата беше чиста. Изгледаше како да е целосно нова водна површина“, додаде тој.

    Олимписките игри во Рио почнуваат ноќва со церемонијата на свеченото отворање, а натпреварите во вода стартуваат уште утре.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари