НОРВЕЖАНЕЦОТ КЛЕБО ОСВОИ ШЕСТ ЗЛАТНИ МЕДАЛИ НА ОЛИМПИЈАДАTA ВО МИЛАНО И СОБОРИ РЕКОРД СТАР 46 ГОДИНИ 

    НОРВЕЖАНЕЦОТ КЛЕБО ОСВОИ ШЕСТ ЗЛАТНИ МЕДАЛИ НА ОЛИМПИЈАДАTA ВО МИЛАНО И СОБОРИ РЕКОРД СТАР 46 ГОДИНИ Клебо сега има вкупно 11 олимписки злата во својата кариера, со што дополнително го зацврсти својот статус на најуспешен спортист во историјата на Зимските олимписки игри. (Фото: Икс/Милано26)

    Норвешкиот натпреварувач во скијачоко трчање Јоханес Хесфлот Клебо го собори рекордот за најмногу освоени златни медали на едни Зимски олимписки игри, откако во Милано стигна до својата шеста титула. Клебо доминираше во трката на 50 километри во класичен стил, предводејќи го целосниот триумф на Норвешка на подиумот, каде среброто и бронзата им припаднаа на неговите сонародници Мартин Левстрем Нјенгет и Емил Иверсен.

    Дваесет и деветгодишниот Клебо ја заврши исцрпувачката патека за два часа, шест минути и 44,8 секунди, завршувајќи со предност од 8,9 секунди пред Нјенгет. Со овој успех, тој го надмина претходниот рекорд од пет златни медали на едни Игри, кој го држеше американскиот натпреварувач во брзо лизгање Ерик Хајден уште од Олимпијадата во Лејк Плесид во 1980 година.

    Клебо сега има вкупно 11 олимписки злата во својата кариера, со што дополнително го зацврсти својот статус на најуспешен спортист во историјата на Зимските олимписки игри. Тој стана и првиот натпреварувач кој победил во сите шест дисциплини во скијачко трчање на една Олимпијада. Пред денешниот триумф, тој веќе победи во скијатлон, спринт, трката на 10 километри, штафетата 4х7,5 километри и во тимскиот спринт.

    Повеќе олимписки титули од него во историјата на спортот има само американскиот пливач Мајкл Фелпс, кој кариерата ја заврши со 23 златни медали.

    Клебо, кој е роден во Осло, а израснат во Трондхајм, важи за најголемиот во овој спорт на сите времиња. Покрај олимписките успеси, тој има рекордни 116 победи во Светскиот куп и е 15-кратен светски шампион. По претходното Светско првенство одржано во неговиот Трондхајм, каде ги освои сите шест златни медали, тој сега го повтори истиот подвиг и на олимписката сцена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира